МОНОГРАФИЈАТА „СТИВ ПЉАКАС“ – ДЕЛО ЗА ДОНАТОРОТ И ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНЕЦ (13)

МОНОГРАФИЈАТА „СТИВ ПЉАКАС“ – ДЕЛО ЗА ДОНАТОРОТ И ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНЕЦ (13)

 Монографијата „Стив Пљакас“ е дело за бизнисменот Стив Пљакас, еден од најистакнатите Македонци кој е иницијатор, организатор и силен борец за афирмација и за одбрана на македонското многувековно име на Македонците ширум светот, Македонската православна црква и на духовниот живот. Делото, за кое рецензенти се: академик Антоније Шкокљев-Дончо и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, е издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, чиј автор е публицистот Славе Катин. Публикацијата е на англиски и македонски јазик, на 340 страници и е посветена на името и делото на еден од големите бизнисмени и истакнати општественици од македонско потекло во Канада, Стив Пљакас.

Тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија за заштита на македонското име, знаме, Устав и промотор за признавање на Македонија како суверена, независна и самостојна држава на Балканот и на македонската вистина во светот. Се гордее дека е Македонец. Исто така, бизнисменот Стив Пљакас остварува блиски контакти со повеќе познати личности, дипломати и организации во светот во врска со моменталните настани и состојби и се бори за иднината на Македонија.

Стив Пљакас е човекот на кого Македонија му е големата љубов. Тој неотстапно го брани сè она што е поврзано со Античка Македонија. Со неговата посветеност за зачувување на древните македонски корени, ја раширил вистината за Античка Македонија насекаде во светот. Меѓу другото, заедно со професорот Мајкл Димитри од САД се првите ентузијасти кои во 1995 година ги посетија и ги открија Калешите, народ кој се смета за потомок на Александар III Македонски (Велики) во Пакистан.

Стив Пљакас долги години работи за Македонија, за Маке-донците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји со спонзорирање на социокултуролошки настани. Тој особено се грижи за своите сонародници во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа и на други места ширум светот. Притоа, донирал средства за хуманитарни и други организации во Република Македонија, меѓу кои и апарат за дијализа. Спонзорирал информативни гласила, портали, организации, цркви и друг вид асоцијации во неговата родна земја и насекаде во светот каде живеат Македонци.

Монографијата „Стив Пљакас“ своето прво претставување го имала пред публиката во организација на Македонската православна црква „Свети Димитрија“ од Флорида. На 18 март 2018 година, се одржала промоција на делото за познатиот канадски бизнисмен од македонско потекло, Стив Пљакас. Пред голем број Македонци од сите делови на Македонија, монографијата ја промовирала Лена Гоговска.

Промоторот Лена Гоговска меѓу другото истакнала дека бизнисменот Пљакас е канадски Македонец роден во селото Зелениче, Леринско, во егејскиот дел на Македонија. Тој е исклучително позната, призната и неодминлива личност меѓу Македонците во Канада и Соединетите Американси Држави. Тој е еден од најистакнатите Македонци кои се иницијатори, организатори и големи борци за афирмација и за одбрана на многувековното име на Македонците ширум светот, Маке-донската православна црква – Охридска архиепископија и на духовниот и националниот живот на Македонците во дијаспората.

Во изминатите триесеттина години бизнисменот Пљакас и неговата покојна сопруга Лили биле големи промотори за признавањето на Македонија како суверена, независна и самостојна држава на Балканот. Стив остварува блиски контакти со повеќе познати личности, дипломати и организации во светот во врска со настаните и состојбите во татковината и се бори за просперитетна иднина на Република Македонија.

Стив Пљакас бил претседател на организацијата „Обе-динети Македонци“, претседател на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ и претседател и спонзор на Комитетот за олимписки игри од Канада. Пљакас бил и пратеник во Општината Њумаркет.

Авторот на монографијата Славе Катин, пак, рекол дека меѓу другите активности во новата средина во Канада, бизнисменот Стив Пљакас станал  член на масонската ложа во Њумаркет. И како масон е познат поборник за човековите права, а со тоа за правата на Македонците во Канада и во сите делови на Македонија и во светот. Тој постојано ја промовира дедовската земја – Македонија, македонската нација, нејзината историја, литература, религија, јазик, култура, а во исто време и вистината за постигнувањата во новата мултиетничка демократска Канада.

Стив и Лили Пљакас биле сопственици на големиот и единствен Трговски центар „Македонија“ во Њумаркет. Впечатливо дизајнираните рекламни табли на центарот „Македонија“ на некои им пркосат, а за многумина е место за препознавање и запознавање со Македонија.

Исто така, на 22 април 2018 година, „Канадско-македонското историско друш­т­во“ од Торонто одржало Годишно собрание на кое се расправало за сегашноста и иднината на оваа значајна асоцијација, била промовирана монографијата „Стив Пљакас“.

Тони Марковски, претседател на „Канадско-македонското историско друштво“ ја претставил монографијата „Стив Пљакас“. Тој рекол дека ова дело кое е издадено на англиски и на  македонски јазик во 2018 година го отсликува животот и делото на познатиот канадски бизнисмен од македонско потекло, донаторот Стив Пљакас. Автор на монографијата за Пљакас е публицистот Катин, кој е почесен член на Друштвото.

Продолжува

ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *