ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Организираното собирање на македонските иселеници во САД, а и воопшто во иселеништвото, се појави во Чикаго, во Илиноис, во 1901 година, со конституирањето на таканаречената Македонско-одринска организација. Оваа организација беше формирана од членови на ВМРО (Внатрешна македонска ослободителна револуционерна организација), односно од лица кои му припаѓаа на прогресивниот дел на македонскиот народ.
Според пишаните документи, членовите на оваа организација во основа беа против режимот и султанот и тешкиот живот во Македонија. Политичката платформа на организацијата се совпаѓаше со платформата на ВМРО што ја реализираше во татковината. Една од главните задачи на членовите на Македонско-окринската организација беше да се собираат парични средства за потребите на револуционерната борба во татковината, а во исто време тие ја ширеа и вистината за тешката состојба на Македонија.
Ваквите активности на иселениците од Македонија беше изразено во весникот ,,Борба“, кој почна да излегува двапати месечно, почнувајќи од јануари 1902 година. На страниците на ова гласило што, всушност, претставува прв весник на макеоднските иселеници во САД, а и воопшто кај иселеништвото, постојано се агитираше кај иселениците од Македонија организирано да се поврзуваат и да ја помагаат нацинално-олсободителната борба на македонскиот народ што се водеше во татковината.
Во публикацијата „Македонците во светот“ е забележано дека првите помасовни форми на собирање меѓу македонските иселеници датираат од времето на доаѓањето на поголем број печалбари од етничка Македонија во новите средини, особено по Илинденското востание и по Првата светска војна, кога со себе ја носат својата култура, традиции и обичаи. Како резултат на тоа, во сите поголеми центри во САД, во Канада, а подоцна и во Австралија, меѓу оние иселеници кои се ориентираа на подолг престој или постајно населување, уште на почетотот се формираа друштва за заемна помош и добротоврни селски друштва.
Тие имаа за цел да ги зачуваат обичаите, верските традиции, сврзани со родниот крај, да обезбедат материјална помош на социјално загрозените Македонци, како и да соберат средства за изградба на цркви, училишта и други неопходно потребни објекти во Македонија. Тие селски самопомошни друштва беа основани од иселеници од едно село или од еден крај и имаа локален карактер.
Но, тие се и првите форми на собирање на македонските доселеници, зашто претставуваат една фрома на групирање на доселениците и играат значајна улога во нивниот натамошен живот во новите средини. Прво вакво добротворно друштво на американскиот континент е Ошчимското спомагателно друштво ,,Св. Никола“ на доселениците од селото Ошчима, Леринско, кое беше формирано на 26 октомври 1907 година во Торното, Канада, а го носи името на селската црвка Свети Никола. Прв претседател на ова друштво беше Божин Темков кој пристигнал во Канада меѓу првите доселеници.
Ова друштво и денес под името Помагателно друштво ,,Ошчима“ игра важна улога во секојднениво живот на поранешните жители од овој крај, а и пошироко, бидејќи во него челнуваат и други доселеници од егејскиот дел на Македонија. Тоа не само што е добротворно друштву, туку е и алка на заедништвото, пријателството и братството, како и собиралиште на оние што се далеку од родниот крај и ја носат Македонија во своите срца.
Исто така, во немирните години пред Балканските војни, во Торонто во 1911 година беше формирано добротворното спомагателно друштво ,,Надежда“, во кое се собираа доселениците од селото Баница, Леринско. Ова друштво денес постои под името ,,Баничко друштво“ и претставува јадро на собирање и негување на традициите и на незаборавот кон своето родно село Баница и мајката Македонија. Се смета дека денес баничани има повеќе во Торонто отколку во Баница.
Трагичната судбина на коравиот македонски човек од Баница во туѓиот свет се потврдува и со заедничката гробница во Торонто што датира, исто така, од 1911 година. Заедништвото и значителната деловност на доселениците од Баница се изразени во формирањето на Баничката банка во 1912 година, што е прва и единствена банка на Македонците во прекуморските земји.
Според начинот на организирањето на овие две друштва во периодот меѓу двете светски војни беа формирани и следните спомагателни друштва: Буфското друштво во Детроит во 1924 година, Желевското и Трсјанското во Торонто, Тетовското, Битолското и Преспанското во Детроит, Д’мбенското во Гери и уште многу други. Денес, такви спомагателни друштва има, речиси, од сите села од Македонија, а само во Торотно активно работат околу триесетина селски друштва.
Како и другите етнички групи во САД и Канада, македонските доселеници создале повеќе етнички организации. Тие им давале чувство на сигурност и станале место за етничко организирање на национален план, градејќи кај нив патриотска верба, љубов и надеж кон својата татковина, Македонија.
Пред Втората светска војна асоцијациите на македонските доселеници биле под силно туѓо влијание, особено на бугарската пропаганда. Но без оглед на тоа, тие ја задржале својата македонска етничка припадност, зошто нивните друштва и асоцијации создавале можности за редовни меѓусебни контакти и за побрза интеграција во новото општество.
При доаѓањето во новите средини, македонските иселеници биле прифаќани од ченовите на овие добротворни селски друштва кои се грижеле, пред сé, за наоѓање работа и сместување во нивните заеднички живеалишта. Селските спомагателни друштва имале свои гранки и во други места, кадешто живееле нивните сонародници. Селските друштва имале, главно, хуманитарна улога, меѓутоа, во исто време тие биле претворени во еден вид патриотски институции кои служеле како основа за подоцнежните форми за организирано собирање врз национална, културна и црковно-просветна основа.
До Втората светска војна, а поради нерешениот статус на Македонската православна црква во Македонија, иселениците во прекуокеанските семји, сé до обновувањето на Охридската архиепископија во 1958 година, во организирањето на црковните општини ја следат положбата на Македонија.
Така, голем број цркви изградени од периодот меѓу двете светски војни, со заштеди и дарувања на Македонците на северно-американскиот и австралискиот континент се наоѓаат под јурисдикција на грчакта, бугарската и на српската патријаршија. Македонските цркви што потпаѓаа под бугарската црква, најнапред фигурираа како македонско-бугарски источно-православни цркви, потоа како бугарско-македонски, а во последно време некои од нив се именуваат како источно-православни цркви.
Така, на 30 септември 1922 година во Форт Вејн, Индијана, се свика конститутивен конгрес на македонските иселеници во САД и во Канада, на кој беше основана новата организација под името Сојуз на македонските политички организации во САД и во Канада, што потоа стана многу позната под кратенката МПО (Македонска патриотска организација).
Првата организација која ги собирала македонските доселеници во САД и Канада беше МПО (Македонски политички организации). Поради ставот на американската влада која не дозволувала политички организирања на доселениците, го променила името од политичка во Македонска патриотска (патриотическа) организација (МПО) и како таква дејствува и денес.
МПО била формирана на 30 септември 1922 година во Форт Вејн, Индијана, каде што бил свикан првиот конгрес на Македонските политички организации, односно на селските и околиските друштва. Оваа организација се појавила како резултат на желбата на македонските доселеници за свое етничко организирање. Таа првобитно имала правилен став по македонското прашање. Се борела пред светот и пред македонската јавност, како и пред иселеништвото за национална и социјална слобода на населението во Македонија.
Затоа МПО реагирала кај владите и другите институции на Бугарија, Србија и Грција кога се појавувале разни притисоци и убиства на Македонци, испраќајќи свои резолуции и други документи и написи. МПО честопати се јавувала и како донатор на акции сред македонските доселеници за најразлична помош на Македонија.
Во почетокот за МПО Македонија била еднаква меѓу еднаквите држави на Балканот. Меѓутоа, во периодот меѓу 1927-1929 организацијата потпаднала под силно бугарско влијание, кога меѓу македонското иселеништво настапил процес на дезориентација и дезорганизација. Оттогаш МПО започнала да ја негира националната самобитност на македонскиот народ, застапувајќи ја тезата за некаков бугарски карактер на Македонија
Во почетокот, македонските иселеници веруваа дека МПО е независна организација и им служи на интересите на народно-ослободителното револу-ционерно движење на македонскиот народ. Меѓутоа, наскоро стана јасно и чесните Македонци увидоа дека МПО најмалку им служи на интересите на македонското движење, бидејќи беше организаицја, којашто ја спроведувапе бугарската асимилаторска и денационализаторска политика. Оваа антимакедонска организација својата идеологија ја лансираат во весникот ,,Македонска трибуна“ кој е орган на МПО и излегува континуриано, почнувајќи од 1927 година. Весникот е финансиран од Македонци кои слепо им веруваат на туѓите пропаганди.
Исто така, во периодот по Втората светска војна (1945) и до осамостојувањето на Република Македонија (1991), ја негирала македонската држава, нација, јазик и Македонската православна црква. Затоа, во македонската држва во изминатиот период организацијата МПО беше претставувана како пробугарска организација која делувала, главно, меѓу македонските доселеници во САД и Канада, а со тоа и’ било посветено скромно научно и општествено внимание.
Меѓутоа, бугарската наука на МПО и’ посветила посебно внимание, користејќи ја како бугарска иселеничка организација на “македонските Бугари”, застапувајќи ги интересите на бугарската пропаганда меѓу Македонците во САД и во Канада. Тоа особено беше изразено преку гласилото на МПО “Македонска трибуна” кое и денес излегува како месечник на англиски и бугарски јазик. Поради намаленоста на членството, кое претежно е од старата генерација од егејскиот дел на Македонија, организацијата е во изумирање.
Од посебно значење е тоа што по прогласувањето на независноста и сувереноста на македонската држава во 1991 година, односно од 1996 година, пак, започна еден нов процес во односите на МПО кон Македонија. Имено, реализирани се повеќе акции за признавање на независноста на Македонија, направени се бројни посети и средби со политичари и владини претставници од Македонија и друго.Така, покрај тоа што МПО останува на старите определби, сепак се забележуваат извесни позитивни промени во раководството на МПО и во однос кон македонското национално прашање, кон Македонската православна црква и кон македонскиот народ во целина. Денес генерациите на старите членови на МПО, кои се чувствуваат како Американци и Канаѓани со симпатии гледаат кон прогресот на Република Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН