ТЕЛ АВИВ – ЕДЕН ОД ГОЛЕМИТЕ ЦЕНТРИТЕ НА ЕВРЕИТЕ (10)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Честопати низ шега Израелците меѓусебно си дофрлуваат дека едвај чекаат да умрат за да бидат погребани на Маслиновата Гора. Но, колку и да е тоа шега, сепак, непобитен е фактот дека ова е едно од најобожаваните места кое е поврзано и со непрегорот со подигањето на градот на овие ритчести предели, со желба да се опстои во тешкиот живот во пустината.

Целиот овој простор порано бил со маслинови дрвја кои давале богат плод, со што ридот го добил и своето име Маслинова Гора, кое се користи и денес. Тогаш маслинките биле единствените плодови, со чија преработка и трговија можеле да се обезбедат минималните потреби за живот. Со огромни камени тркала издлабени во пештерите се пресувале маслинките за да се добие маслиново масло.

Оттука и не случајно се вели дека производството на масло е еден од најстарите занаети и датира повеќе од 2.000 години. Сега со ова производство се занимаваат некои кибуци каде се подигаат нови плантажи со маслинови дрвја, а се изградени и современи индустриско-преработувачки капацитети.

Денес над Маслиновата Гора се вкрстуваат патиштата на трговијата со многу други производи, што не е ништо необично, па секојдневно овде на камената ограда што ја дели Маслиновата Гора од сообраќајницата има продавачи на разни сувенири и други украсни предмети. Тука најчесто застануваат и автобусите на разните туристички и бизнис-групи што доаѓаат во посета на светата земја. Има и зошто, бидејќи оттука на целиот овој простор можат да се видат најсветите места и други историски споменици интересни за секој дојденец.

Според преданијата, пак, Исус Христос набљудувајќи го Ерусалим од Маслиновата Гора, рекол: „О Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците, и ги каменуваш оние кои ти се испратени, колку пати сакав да ги соберам децата твои, како што кокошката ги собира, пилињата под крилјата свои…“

Често се вели дека никој не може да го разбере човештвото, ако не ги разбира неговите вери, зошто религијата го обзема и човечкиот живот од најраните времиња. Според библиските преданија, во Ерусалим, во текот на вековите, доаѓало до судири меѓу разни вероисповеди за поседување на правото на светите места. Во црквата на Светиот гроб, местото каде што Христос е погребан и воскреснал, најсветото место меѓу христијаните, во текот на овие расправии, свештениците се тепале, па дури и се убивале едни со други.

Се смета дека Кримската војна барем делумно била предизвикана од расправиите меѓу европските сили кои поддржувале разни цркви и настојувале да докажат дека имаат право над светите места. И денес, многу земји овде градат цркви во својство на амбасади, обидувајќи се на тој начин да го обележат своето присуство на Светата земја. За жал, Македонија како библиска земја нема свое духовно катче во Ерусалим или на друго место во Израел, прашање кое треба да се остави на идните генерации да го реализираат.

Денес, државата Израел е распространета на бреговите на Средоземното Море, со вкупен простор од 20.700 квадратни километри. Израелската територија ја сочину­ва­ат Есдарелонската, Шафелската и Шаронската Рамница, со обработени тесни делови на пе­сочните дини. Таму се протегаат планинските области и висорамнините Јудеја, Сама­ри­ја и Галилеја, како и пустината Негев

Долината на реката Јордан, која поми­ну­ва низ Галилејското Езеро и се влива во Мртвото Море и реката Кишон, која спаѓа во Сре­доземното сливно подрачје. Се чини просторот долж Средоземното Море е темел­ник на новата израелска држава, која сјае како сонце на сите страни каде што се расе­ли­ле Евреите во својата земја и во дијаспората. Таму се наоѓаат најголемите и најзна­чај­ните центри Јафа и Тел Авив, каде отпочнал новиот живот на Евреите во својата са­мо­стојна еврејска силна држава.

Местото каде ја допревме Светата земја – Израел беше најголемиот и најзначај­ни­от, како за цивилен така и за воен транспорт, аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив. Тој е најголемиот град во Израел, кој во последно време, од причини што во централ­но­то подрачје живеат претежно млади брачни парови, а повозрасните се селат во предградието, е наречен град на младоста. Според податоците што ги добивме од до­ма­ќините, само во градското подрачје на Тел Авив живеат околу 1.000.000 жители, а за­едно со предградијата, тој има повеќе од 1.500.000 жители.

Тел Авив е подигнат на просторот до ста­риот град Јафа. За него се вели дека е град на амбасади, конзулати, на разни други дип­ломатски претставништва и канцеларии, на  бизнис центри, на научни институции и на голем број луксузни хотели изградени по должината на Средоземното Море и на мно­­гу други важни установи.

Умните Евреи се досетиле да направат камени брани во мо­рето кои придонесуваат да се таложи ситен кристален и убав песок на брегот, каде е изградена патека за џогирање и огромни плажи за туристите. Сето тоа наликува на пла­жа­та Копакабана во Рио де Жанеиро.

Еврејската дијаспора е тесно поврзана со судбината на градот Тел Авив. Тој е фор­миран од група еврејски емигранти во предградието на Јафа во 1909 година. Нова­та населба во почетокот ја нарекле „Ахуза Беит“ („Ahuza Beit“), а подоцна тој нов град го добил името Тел Авив, што значи „Рид на пролетта“. Бројот на населението во новиот град започнал ра­пидно да се зголемува во првата половина од минатиот век.

Така, Тел Авив стана еден од значајните центри и важен општествен, културно – просветен и политички цен­тар на Израел. Тоа се потврди кога таму на 14 мај 1948 година беа удрени темелите на не­зависната држава Израел, и тоа во куќата на Меир Дизенгоф (Meir Dizengoff).

Тел Авив не е граден по некој одреден урбанистички план, затоа во него се среќаваат раз­лич­ни архитектонски стилови. Особено брзо се градени станбените згради за новодојден­ците, по 1948 година. Денес, таму се среќаваат куќи претежно од три до пет ката, а се чини кулата „Шалом“ е највисока меѓу градбите и штрчи во просторот.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *