ИЗЛЕГОА ОД ПЕЧАТ КНИГИТЕ „МЕТОДИЈА АНДОНОВ-ЧЕНТО“ ОД ФИДАНКА ТАНАСКОВА

Во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, чиј уредник е Душан Ристевски – Македон излезе од печат второто издание на делото „Методија Андонов-Ченто“  на македонски јазик и изданието на англиски јазик од Фиданка Танаскова, чиј превод е на Ристо Стефов од Канада.

На првото издание на делото „Методија Андонов-Ченто“  на македонски јазик чиј автор е Фиданка Танаскова е издавач „Нова Македонија“ во 1990 година, а на сегашното второ дело е издавач Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Публикацијата е отпечатена на 200 страници и е илустрирана со голем брог фотографии од животот  и делото на Методија Андонов – Ченто. Англиската верзија на делото „Методија Андонов – Ченто“ од Фиданка Танаскова, пак, е превод на второто издание на познатиот Македонец од Канада, Ристо Стефов. Оваа публикација е отпечатена на 150 страници и, исто така, е илустрирана со бројни фотографии.

Овие дела се посветени на страдалникот за обединета Македонија –  Методија Андонов – Ченто, македонскиот  национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ – Ченто, кој се именува и како прв Претседател на Македонија.

Според историските факти кои се наведени во делата за Методија Андонов – Ченто е забележано дека тој уште од својата младост ја бранел македонската национална кауза. Учествувал на изборите во 1935 година, како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Иако добил најмногу гласови, сепак поради државната манипулација со изборниот систем, Ченто не бил избран за пратеник. Неговиот прв судир со српските власти бил кога во 1940 година, како организатор на Илинденските демонстрации во Прилеп, бил затворен.

Поради своите залагања за воведување на македонски јазик во наставата во училиштата, повторно бил затворен во затворот Баина Башта. Бил осуден на смрт, но бил ослободен во последен момент на 15 април 1941 година. Пред Втората светска војна, бидејќи бил многу почитуван во прилепската чаршија, бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот од 1935 до 1940 година бил претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје. Тука повторно дошол во конфликт со српската власт, велејќи дека Македонија треба да се остави на Македонците и дека тие од неа ќе направат развиена економска земја. Ваквите негови изјави биле пренесени во Белград и оценети како сепаратистички и автономистички.

Во почетокот на бугарската окупација, пак, Ченто, како и многу други Македонци, добил покана да соработува со бугарската власт. Тој оваа покана ја одбил и започнал соработка со Македонското движење за ослободување на Македонија. На иницијатива на Кузман Јосифовски – Питу, Ченто се приклучил на Народноосободителното движење на Македонија.

Исто така во воведот на овие дела се вели дека животна драма на Методија Андонов – Ченто во средината на минатиот век долго беше покриена со мистика, со заклучени архиви и тајновит молк. Тоа биле времиња, настани и сценарија, кога некои личности биле директно прозвани и сместени на листите на неподобните и предавниците, други биле спроведувани во занданите; а режисерите на тие настани и драми биле триумфални победници и добитници.

Не можеле да го избришат тоа, дека достоинствениот и храбар Ченто марширал во првите ешалони на смелите и непокорни воини и дејци во битката за слободна и обединета етничка Македонија и дека постојано се борел за посреќна утрешнина на својот македонски народ и својата македонска земја.

Таа визија, неотстапност и посветеност, Ченто скапо ја платил. Беше деградиран, заплиснат со тешки обвиненија и на монтиран судски процес осуден како најголем непријател и душман, на тешки затворски години и однесен во занданите каде над пет години ги поминал во самица и целосна изолација. Бил  нарекуван неподобен, сепаратист и противник  на режимот. Му припишаа и дека бил предавник, шпион, автономист и соработник со непријателите и со странски сили. Ред до ред уривачки квалификативи со кои тогаш, го збришаа од историската сцена.

Во 1946, кога се подготвувал првиот устав на Југославија, Ченто поднел амандман, со кој се залагал за самоопределување на републиките до отцепување во заедничката федерација, што одекнало како вистинска бомба. Својата Македонија, тој во визиите и во битките ја гледал како  суверена обединета  држава на балканските простори во јужните поли од Европа.

Тогаш  властите објавиле во Собранието  тешка лажна конструкција, дека Ченто бил уапсен на граница, додека сакал да бега од Македонија. А вистината е дека бил уапсен на 14 јули 1946 година, едно рано утро во неговиот семеен дом. Сета таа наместена драма, сета таа тажна одисеја и долгите затворски години, од кои педесет и девет месеци бил сосема изолиран зад решетки, го уништиле неговото здравје. Во Прилеп е роден 1902 година и во Прилеп  починал 1957 година.

Во овие над триесетина изминати години од објавувањето на книгата насловена како „Методија Андонов Ченто“, во издание на Новинско издавачката куќа „Нова Македонија“ во Скопје, па до оваа 2022 година, кога во Сиднеј  делото излезе и на англиски јазик, што беше одамнешна намера и желба, значи, во изминатите три децении вистината излезе на виделина. Конечно беше  рехабилитиран  првиот претседател на слободна Македонија. Одржан е научен симпозиум за неговиот живот и дело, подигнати се споменици во Скопје и Прилеп, одликуван е со орден на Република Македонија од претседателот на државата, а имаше и други манифестации во чест на  претседателот Ченто.

Инаку, авторот на овие дела Фиданка Танаскова е докажано и респектирано новинарско име, бидејќи станува збор за долгогодишен висок професионалец во дневното и истражувачкото новинарство, познат проследувач на многу општествено-политички настани во Република Македонија и исклучително респектиран хроничар на низа македонски иселенички средини на неколку континенти во светот.

Во изминатите педесеттина години колку што е во оваа професија, Танаскова остава бележити траги во македонскиот журнализам меѓу другото и со храброто зафаќање на табу-теми од македонското поблиско и подалечно минато и со истражувачкото проникнување за дел од настани и личности кои ја испишувале македонската вистина во различни временски периоди, на различни места и со различни поводи и причини. Исто така, бил објективен нејзиниот пристап во проследувањето на многу општествено-политички и други најразлични случувања дома, во Република Македонија, и среде иселенички колонии на различни меридијани.

Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ е издавач на делата за Методија Андонов – Ченто. Тоа е една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко како прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литературата и културата.

Како орган на Македонското литературно друштво „Григор Пр­ли­чев„ неодамна започна повторно да излегува списанието „Повод“, кое е едно од најзначајните македонски гласила. Тоа е прво македонско списание во Австралија и един­стве­но од таков вид во иселеништвото. Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото, во кое денес се зачленети десетици познати и признати Македонци од сите делови на Македонија кои се вљубеници во убавиот македонски литературен јазик, во поезијата и прозата, во публицистиката, новинарството и во зближувањето на македонските доселеници во демократска Австралија..

Пишува: СЛАВЕ КАТИН  

SHARE