МОНОГРАФИЈА ЗА ПОЗНАТИОТ ИСЕЛЕНИК ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ

По повод 80-от роденден  (21 јуни) на познатиот и признат македонски иселеник Иван Трпоски од Сиднеј, Австралија излезе од печат монографијата „Ова е мојот живот“. Ова моногравско дело е издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, чиј уредник е Душан Ристевски, а рецензенти се : Д-р Науме Радичевски и д-р Димитар Пандев.

Монографијата „Ова е мојот живот“.е публикација на  на 520 страници на македонски и на англиски јазик во кое се дадени текстови кои се значаен прилот и придонес кон осветлување на голем број аспекти од животната, историската, иселеничката и творечката вистина за поетот, писателот, библиотекарот, општественикот и ентузијастот Иван Трпоски.  Во исто време делото претставува интересна  страница од мозаикот на македонскиот иселенички летопис во Сиднеј, Австралија, но и во пошироките  простори   на петтиот  континент.

Иван Трпоски е почитуван и горд Македонец. Тој е познато, доблесно име, активист кои со својот ангажман, со неговата активност во Македонската заедница во Сиднеј, остава достоинствени пораки за времињата идни и за генерациите следни. Тој пленат со неговото родољубие и силната посветеност за афирмација на  македонското име, јазик, идентитет, култура и традиции во мултикултурна Австралија.

Затоа и рецензентите ќе напишат дека автобиографии пишуваат личности  со богато животно искуство, исто како што биографии се пишуваат за големи луѓе кои со своите дела и подвизи го означиле времето во кое живеат и активно создаваат, или пак времето поставувало  бележити  знаци  по  нивниот животен пат исполнет преживелици низ кои не само што се калел човекот туку и се калемел, небаре „вејка на ветрот”, со корен во некоја митска земја и со става на распаќа меѓу  една средина и друга.

И сето тоа грижливо, поетски и новинарски, телеграмски и епистоларно, во форма на песна, но и на хроника, во состав на стихозбирка, но и на монографија, збиено во телеграма и раздолжено во писмо запишано своевремено или забележано отпосле, еве, сега одново освежено и споено во оваа автобиографија  индексно насловена „Ова е мојот живот”, блика со животворечка енергија на писателот што повеќе учел од животот, но и од книгата,  отколку од училиштето, па има право да ја наслови својата биографија токму така.

Затоа може да се каже дека меѓу македонските писатели што имаат преисполнета биографија, писателот Иван Трпоски бездруго, ако ја нема најбогатата, тогаш секако ја има ‒ најсвојата, најличната, или поточно ‒ најличностната.

1ova12

Село Волино, Охридско

Монографијата „Ова е мојот живот” на Иван Трпоски може да се сфати и како надоврзан диптихон, двотомна целина, во која автобиографското превладува во првиот дел, а биографското во вториот, условно речено, во оној дел што се однесува на австралискиот период од животот на авторот, но токму во тој дел во една целина се испреплетуваат честите навраќања  на авторот во Македонија кој заминал од својата земја како печалбар и емигрант, а се враќа во неа како реномиран писател и политички заинтересирана личност за судбината на својата татковина Република Македонија.

Според биографските податоци, Иван Трпоски е роден на 21 јуни 1942 година во село Волино – Охридско, Македонија. На 26 август 1968 година го напушта Волино и Македонија и се доселува во Сиднеј, Австралија. Тука станал член на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј од 1979 година на Училишниот одбор за Нов Јужен Велс, од 1980 година на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите од Македонија од 1995 година..

Со своја поезија настапувал на „Млада Струга – 1979“ година и на Струшките Вечери на Поезија во 1987 и 1995 година каде читал свои стихови на манифестацијата „Мостови“. Со поезија е застапен во зборниците: „Видици“ (Сиднеј – 1984), (Скопје – 1988), „Наши патеки“ (Мелбурн – 1986), „Иселенички поетски меридијани“ (Скопје – 1997), „Охридски литературни творци од Прличев до денес“ (Охрид – 1999), „Коти на копнеж и страст“ ( Сиднеј – 2003), како и во антологиите на англиски јазик: Антологија на македонската поезија“ (Сиднеј – 1997), во Австралиската антологија „Лигаво огледало“ (Бризбен – 1998), и во антологијата на 21-от светски поетски конгрес „Отворени граници“ (Сиднеј – 2001) и „Рејунион“ (Сиднеј – 2003). Исто така е застапен и во Енциклопедиите на Австралија и Македонија.

Автор е на збирките поезија: „Површински корења“ (Сиднеј – 1985), „Големиот брод“ (Скопје – 1988), „Оковано море“ (Сиднеј – 1988), „Преселба на запад“ (Сиднеј – 1990), поемата „Тодорка“ (Скопје – 1995), „Свитило“ (Сиднеј – 1999), „Меѓу две огништа“ (Охрид – 1999), „Немирни ветрови“ (Сиднеј – 2004), „Љубовна имагинација“ (Сиднеј – 2004), „Зад синиот бран“ (Штип – 2008), „Угрејсонце во мојот сон“(Скопје – 2013) и на англиски (Штип – 2013); на патописите: „По патот на сонцето во Македонија“ (Сиднеј – 2000), и „Македонија моја татковина“ (Сиднеј – 2002). Исто така тој е автор на книгата „Македонски демонстрации во Австралија“ (Струга – 2004), на книгата со биографскиот запис „Спасе Трпоски – живот и дело“ (Струга – 2008) и на книгата „Македонија – не те забораваме“ (Штип – 2016).

Наградуван е на многу конкурси за поезија и проза, но најзначајни се: „Иселеничка грамота“ – 1995 година која ја додели Матицата на иселениците од Македонија за најдобар поет од дијаспората,  награда за поезија од Интернационалната Библиотека во Квинзланд во 1998 година; награда „Македонско сонце“ за литература и култура во Сиднеј во 2004 година и награда за најдобра поетска збирка песни на поет од дијаспората му додели Советот на Струшките вечери на поезија во Струга во 2013 година.

1ova13

Иван Трпоски и Душан Ристевски

За општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија меѓу кои се: од Општината Кантебери за Почесен граѓанин во 2010 година. Државната награда на Нов Јужен Велс за Сениор на годината во 2011 година наградата – медал Заслуги за Македонија од претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов во 2016 година и државна награда за Општествена доброволна работа во регионот Св Ѓорѓи во 2018 година.

Иван Трпоски е личност за почит и пример од кои можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, Австралија и Македонија. Неговото дело „Ова е мојот живот“ претставува убав пример и патоказ на еден честит и благороден Австралијанец од македонско потекло во чиј живот и дела се испреплетени неговите две татковини, Македонија и Австралија. Затоа неговото дело еубав пример и патоказ на еден честит и трудољубив австралиски Македонка, на кого татковините му се и радост и тага и восхит.

Животната приказна на Иван Трпоски е, истовремено и скромен дел од историјата на Македонците во иселеништвото, а преку него и на нивната татковина – Македонија. Зашто она што се случувало од исконските времиња на Филип Втори и Александар Трети – Македонски,  преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Даме Груев и сите борци по нив, ги отсликуваат историските голготи низ кои минала Македонија, се’ до нејзиното прогласување за самостојна, демократска и независна држава. Затоа, може да се рече дека со монографскиот труд на Иван Трпоски „Ова е мојот живот“ во скромни рамки се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја, голгота, вистина минато и сегашност и љубов кон македонска вистина и кон Македонија.

Затоа, може да се заклучи дека монографското дело „Ова е мојот живот“ “е публикација која отсликува дел од животната приказна на Иван Трповски.Таа претставува своевидна сага за жилавоста, макотрпението, упорноста и истрајноста на Иван кој педесетина години живеат во демократска Австралија. Неговата судбината е слична или идентична со судбините на голем број други иселеници од етничка Македонија кои „свиле нови гнезда“ насекаде во светот, но останале да бидат чувари на македонското име, вистина  и на татковината Македонија. 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН