ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Македонија е традиционално имигрантско подрачје од каде преселничките движења на македонскиот народ и одењето во прекуокеанските други земји, се јавуваат кон средината на XIX век. Таквите движења особено се изразени во втората половина на XIX век, кои се познати како печалбарски движења.Тие се со променлив обем и интензитет и траат сѐ до денес.
Според пишаните документи, познато е дека поединци од етничка Македонија, приклучени во печалбарските групи од соседните и други земји, заминале преку океанот во различни земји во светот во текот на XX век. меѓутоа, се смета дека првата група печалбари пристигнала на северноамериканскиот континент во 1885 година, а во дваесеттите години од XX век и во Австралија.
Бранот на иселување од Македонија, главно, од традиционално иселеничките краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Костурско, Воденско, Тетовско, Охридско, Солунско, Струшко, Прилепско и други делови на Македонија се засилил по Илинденското востание, во 1903 година. Меѓутоа, иселувањето на Македонците од својата земја било со засилен интензитет во периодот по поделбата на Македонија, во текот на Балканските војни и Првата светска војна, што биле резултат, пред сѐ, на неподносливата политичко – економската, социјалната и безбедносната состојба на македонското население.
Така, во тој период, според некои податоци, од сите три дела на распарчена Македонија околу 60 отсто од сите иселеници Македонци биле од егејскиот, 30 отсто од вардарскиот и 10 отсто од пиринскиот дел. Според специјалната комисија, пак, на Обединетите нации за Балканот, во Извештајот од 13 мај 1949 година, од Егејска Македонија се иселиле вкупно 232.000 Македонци, а на нивно место грчките власти доселиле и го колонизирале егејскиот дел на Македонија со бегалци (просвиги), претежно Турци со православна вера од Мала Азија.
По Втората светска војна, особено по поразот на Демократската армија во Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учествуваше и македонското население од Егејска Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права, иселувањето во прекуокеанските земји осетно се засилило. Исто така, со либерализацијата на политиката за одење на работа во други земји од поранешна СФРЈ, дошло до иселување на голем број граѓани на тогашна Социјалистичка Република Македонија.
Меѓутоа, големината, динамиката и карактерот на преселничките движења од почетокот па до денес, се различни и по форма и по содржина и соодветствуваат на фактите на општествено-економскиот и политичкиот развој на Македонија, како и на промените во миграциските политики на земјите на доселувањето.
Поради миграциските движења и поради зголемувањето на наталитетот и други фактори, бројот на македонските иселеници расте од година во година. Не постојат целосни и попрецизни податоци за Македонците на Балканот и за македонските доселеници во прекуокеанските земји, Европската унија и во други земји. Официјалните статистички податоци, пак, за бројноста на македонските доселеници низ светот, се нереални од многу причини.
Така, според нив во САД има 20.365 Македонци (Биро за попис на САД, 1990 година), во Канада има околу 54.000 Македонци, во Австралија 42.199 Македонци, според Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР на РМ) во Сојузна Република Германија 40.400 со регулиран престој (Централен статистички уред на СРГ, 1999 година, во Швајцарија 53.907, со регулиран престој, во Белгија 2.059 со регулиран престој, во Холандија 577 (Холандско биро за статистика), во Големото Војводство Луксембург 358, во Италија 21.988 (според МВР на Р.М., во Австралија 21(„Статистика на Австралија“), во Полска 150 македонски семејства (според МВР на РМ, а во поранешна Република Југославија 47.200, според официјалниот попис. Според еден австриски извор, пак, во етничка Македонија во почетокот на минатиот, (XX) век живееле околу седум милиони луѓе.
За жал, Македонија нема прецизна база на податоци за бројот на своите иселеници и етнички Македонци кои живеат како малцинство низ други држави во светот. За гласање во странство при македонски избори се пријавуват околу 150.000 Македонци, а Агенцијата за иселеништо користи статистички податоци на земјите во кои се смета дека има значителна концентрција на етнички Македонци или иселеници, и според податоците околу 500.000 Македонци денес живеат во другите држави.
Но, оваа бројка уште веднаш се смета за нерелевантна затоа што е познато дека во Грција Македонците немаат можност за етничко изјаснување, а во Бугарија и Албанија се попречувани да го остварат тоа право кое формално го имаат на располагање, но тешко или никако го остваруваат.
Борба во Илинденското востание
Да ги погледнеме следните податоци кои зборуваат за застапеноста на Македонците во светот врз основа на државни статистички документи асоцијациите на Македонци. Географската распространетост на македонскиот народ денес е најмногу сконцентрирана во македонската етничка територија Македонија, во Европа и на Балканот, во западниот дел на Европа, северниот дел на американскиот континент и во Австралија. Според наведените податоците, денес во светот живеат околу 3,5 – 4 милиони Македонци.
Така, во Македонија, матична земја и етничка територија на македонскиот народ македонскиот народ е најсконцентриран. На територија од 67.741,2 км² километри колку што зафаќа етничка Македонија живеат помеѓу 2,1 и 2,3 милиони Македонци од кои најголемиот дел во Република Македонија.
Етничката територија на Македонија на која Македонците живеат денес е поделена на неколку помали делови кои влегуваат во составот на 4 балкански држави. Вардарска Македонија каде се наоѓа Република Македонија, Егејска Македонија (во составот на Грција), Пиринска Македонија (во составот на Бугарија), Мала Преспа и Голо Брдо (во составот на Албанија) и областа Гора (во составот на Албанија и Косово).
Инаку, Република Македонија зафаќа 25.713 км² или околу 38% од етничката територија Македонија. Според последниот попис на населенито во 1994 година бројот на Македонци во државата е 1.378.687 (65%), односно Македонците се мнозинство во државата. Под овој број се сметаат сите Македонци по националност, без разлика на нивната вероисповед.
На територијата на Република Македонија – Македонците се распространети по целата територија. Застапеноста се движи од 20% во северозападните, 55-60% во југозападните, 85-90% во средишните и 90-95% во североисточните и источните делови на државата.
Егејска Македонија го опфаќа јужниот приморски дел на етничка Македонија, и со околу 34.356 км² опфаќа 51% од етничката македонска територија. Официјална бројка на Македонците тука воопшто не е позната бидејќи грчката држава не признава македонски народ и македонско малцинство, и на пописните списоци не постои графа Македонец.
Македонската организација Виножито (Политичка партија на Македонците во Грција) вели дека во Егејска Македонија живеат околу 400.000 Македонци, но немаат правна можност така и да се изјаснат, а голем дел од младото македонско население се асимилира, не зборува македонски јазик бидејќи долг период тој бил забрануван од грчките власти.
Поради репресии и насилните иселувања на голем број Македонци од 1913 до 1922, и населување на грчки колонисти на нивно место етничкиот карактер на егејскиот дел на Македонија се создале големи промени во етничкиот состав на таа територија. Македонците од мнозинство (над 60%), денес се малцинство (со околу 19-20%), и се најмногу населени во западните и северозападните краишта и во близината на границата со Република Македонија. Македонците денес најмногу се населени во градовите Лерин, Воден, Костур и околните села.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН