МАКЕДОНСКАТА ФАЛАНГА НА ФИЛИП ВТОРИ МАКЕДОНСКИ (19)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД  УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Филип Македонски ја означува и епохата на вештината на опсадување на градови. Стариот метод на гладување на непријателот не беше доволно добар за оние што ја воведоа стратегијата на одбрана.

Тој беше првиот кој на Исток ја примени опсадната техника, како што Дионис I од Сиракуза постапи со античките грчки и картагенските инженериски единици. Филиповите опсади на Перинт и Византиум (340), и покрај неуспехот, беа епохален изум во науката. Поради ефектот од оваа револуција во правење опсади, Атина и другите градови започнаа да ги градат своите ѕидови од камен наместо од тули кои не беа доволно цврсти.

Очигледно беше дека сите овие иновации, особено изведувањето на косата борбена формација, бараа многу поголемо тренирање на коњичките единици. Затоа тие беа добро извежбани и истренирани за борба, за марширање и маневрирање. Така Демостен со восхит признава дека и лето и зиме и дење и ноќе не постоеја пречки за акциите на Филип Втори Македонски.

Додека во слободните антички грчки држави луѓе обично не сакаа да одат на воени вежби, туку повеќе сакаа да бидат платени наемници. Античките Македонците, пак, како дворјаните така и селаните, го следеа својот крал со ентузијазам, кој ги водеше од победа во победа и како што беше покажано од лузните што му го покриваа телото, тие со него ја делеа и опасноста и заморот.

Филип Втори Македонски успеа да им се наметне посебно на своите офицери со својата личност преку институцијата корпус на „дворски пажови”. Co ангажирањето на оваа дворјанска младина, во чие физичко и интелектуално тренирање лично присуствуваше и монархот, тој создаваше еден вид кадетни корпуси за своите офицери. Тоа исто така значеше постојано сплотување на интересите на македонското дворјанство, кое во минатото беше често незадоволно.

Но, во друг однос, односно во воената моќ, оваа монархија беше супериорна над античките грчки полиси. He само што врховната команда беше во рацете на кралот, туку исто така и целото раководење на надворешната политика. Додека во слободните држави, растроени од внатрешните клики, прашањата на надворешната политика беа решавани сега на еден начин, подоцна на друг, со одлука на мнозинството по долги контрадикторни говори на демагозите, во македонската монархија одлучуваше самиот крал.

Демостен го призна тоа како голема предност на својот противник. Во такви услови можеше да се формира постојана еднообразна далекусежна политика, планирањето и извршувањето беа во исти раце, а државникот и генералот беа обединети во еден човек.

Во 346 година Исократ во своето дело „Филип” ја определи токму таа силна позиција на владетелот во извршувањето на панелинистичката програма. Во првиот дел од расправата Исократ го опишува помирувањето на античките елинскигрчки држави што, како и Горгија, лично го покажа во своето дело „Панегирик” (380), каде беше потребна обична воена претприемчивост.

Тој му даде практичен предлог на Филип со тоа што требаше прво да ги смири една со друга четирите водечки држави, Атина, Спарта, Теба и Арго, кои со него би општеле преку своите амбасадори, а потоа другите мали држави би го следеле тој пример.

Нему, како потомок на Херакле, нема да му биде тешко, бидејќи секоја од овие држави има некоја врска со неговиот прадедо Херакле. Нивните очајни состојби ќе ги натераат да склучат мировен договор, а и Филип Втори Македонски би добил слава и наклоност низ цела Античка Грција. Во вториот дел од расправата Исократ зборува за војната со Персија. Тоа беше најпогоден момент, бидејќи Персиската империја слабееше поради револтот во голем број територии.

На Филип Втори Македонски му требаше само да оди во Мала Азија и да најави слобода, а многумина од намесниците би го поздравиле како нивни пријател во нужност и би ја отфрлиле вазалската зависност од Големиот крал. Тука, исто така, Исократ укажува на Филиповиот прадедо Херакле кој еднаш ја совладал Троја за неколку дена, а Филип Македонски може да му парира со човекољубие и наклоност кон античките Грци.

Доколку е изводливо, тој би ја уништил целата Персиска монархија, но ако е невозможно тогаш барем да ја отсече Мала Азија од Галиција до Синоп, да формира колонии за бездомните скитници кои ја тероризираа Елада и така со тој бедем да ја заштити античка Грција од Исток. Доколку тоа беше невозможно, тогаш тој би требало барем да ги ослободи античките Грци во Мала Азија од персискиот јарем.

Тој беше сигурен дека ќе добие најголема слава и благодарност од античките Грци. Исократ завршува со предупредувањето дека Филип Втори Македонски треба да биде добродетел кон античките Грци, крал а не тиранин на Македонците и дека треба да ги ослободи варварите од варварскиот деспотизам и да им пружи елинистичка грижа и заштита.

Инаку, во поголем број продолженија ќе се обидеме да го претставиме историскиот роман „Александа Велики“ од германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), преведен и прилагоден од англиски на македонски како „Александар Македонски“  од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за Античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесетина години.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *