Традиционална семакедонска средба во потпелистерско Трново

Општина Битола и Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во потпелистерското село Трново ја одржаа традционалната Семакедонска средба, и со гости од државата и од странство го одбележаа македонскиот национален празник Илинден.

Како покровител на собирот и во име на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски порача дека општината останува отворена за соработка со сите иселеници, а преку низа активности од сите области, настојува да ги врати иселениците во земјава за, како што рече, заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа, со сите искуства стекнати во светот.

-Печалбарството навистина оставило траги во развојот на општината и државата, но верувајте нема подборо од родниот крај кој ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци. Токму затоа, Општина Битола ги негува и унапредува културните врски со иселениците и ја продолжува и унапредува соработката по проекти од заеднички интерес, за доброто на сите граѓани и на сите иселеници, истакна Коњановски.

На собирот во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ се обрати и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, кој меѓудругото рече дека македонската држава, идентитет, јазикот, културата и уметноста ќе опстојат на овие простори и во вековите кои доаѓаат затоа што тие длабоко се врежани во историјата и срцата на секој.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров се осврна на историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и на потпишување договори за траен мир и добрососдство со соседните држави врз почитување на основниот принцип на суверено право на суверена еднаквост, взаемно разбирање и почитување.

Организатори на традиционалната Семакедонска Илинденска средба Трново 2022, беа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.