Ременски: Имам докази дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад насилствата врз пратеници од СДСМ

Потпретседателот на Собранието на РМ, пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, изјави дека денеска ќе поднесе кривична пријава за насилство против Тони Јаревски советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош и претседателот на партискиот ОК Сашо Лазаревски, кои според неа се организатори на протестите одржани вчера пред нејзиниот дом поради донесувањето на Законот за употреба на јазиците.

Според Ременски, јавните собири и протести се уредени со закон и подлежат на соодветни обврски на самиот организатор и одговорност на самите учесници за настанати евентуални штети при одржување на протестот во случај на јавен простор, а во овој случај најмалку може да се зборува за јавен протест, туку, вели, станува збор за самоволие и самовластие дозволено од група на граѓани органзирани политички да изнесуваат навредливи зборови и да се закануваат по сигурноста и безбедноста на нејзиниот дом и семејство, што се гарантирано уставно право на секој граѓанин на РМ, како право на приватност, на неповредливост на домот и право на заштита и живот.

Јас најавив кривична пријава и денеска ќе ја поднесам до ОЈО во Скопје затоа што моите сознанија и докази со кои располагам говорат дека зад организирањето на хулиганството пред мојот дом стои Општинскиот комитет на ВМРО-ДПНЕ од општина Карпош, заедно со актуелен советник и претседател на ОК на партијата, поранешен претседетал на ОК, повеќе вработени во јавни институции во РМ… Конечно во РМ нема да може да се практикува таков тип самоволие пред домови на пратеници кои согласно закон и Устав имаат право и обврска да гласат за закони по лично и сопствено убедување, рече Ременски во изјава по конститутивната седница на Буџетскиот совет на Собранието на РМ.

Додава дека правото на протест се гарантира секому, но во случајов вели, не станува збор за протест, бидејќи не е најавен до надлежни институции и предизвикува последици кои доколку не се превенираат навреме може да добијат наличје на некои практики од Третиот рајх.

Апелирам до граѓаните дека се што правиме е во интерес на РМ за долгориочно безбедносно и политичко стабилизирање на државата и секој обид за манипулирање на јавноста особено на поединци кои излегуваат од рамки на своите начини на однесување мора да биде санкционирано и на секој граѓанин да му се гарантира демократија во рамки на тоа што го има како право, но таа демократија во ниту еден случај не значи загрозување на безбедноста на другите, рече Ременски.

Потврди дека се чувствува небезбедно, а кривичната пријава што ќе ја поднесе согласно член од Кривичниот законик, подвлече, предвидува и казна затвор за организаторите и учесниците на немирите. Ременски упати и апел до ВМРО-ДПМНЕ да се огради од организацијата на протетсите зад кои што вели, стои, оти, како што наведе, недистанцирањето и неотстапувањето од организацијата на вакви протести пред домовите на пратенциите ги прави директни соучесници и наследници на една практика што успешно се развиваше во РМ во изминатиот период.

За постапувањето на полицијата во делот на обезбедувањето, таа вели било максимално професионално, но според погрешен закон. Таа смета дека наместо според Законот за протести, полицијата требало да постапува по Законот за јавен ред и мир, кој предвидува безулсовна заштита на сите граѓани на РМ на кои им се загрозени правата и имотот, како и според првата надлежност на полицијата, а тоа е да ги заштитува животот, правата, слободата, имотот на граѓаните, независно од тоа која функцијата која ја имаат во општеството.