Сите подготовки за престојната зима во делот на енергетиката се направени, уверуваат надлежните кои не кријат дека не чека една од најтешките зими во последните децении. Во функција ќе бидат ставени сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, а при крај е набавката на потребните количини на мазут и јаглен. Се апелира и до граѓаните и до институциите да штедат струја.
Од ЕСМ уверуваат дека целосно ќе ги задоволат потребите на ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕПСО. Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски вели дека сите неопходни набавки се направени навремено и по поволни цени. За набавка на досега испорачаниот мазут потрошени се околу 25 милиони евра, а за јагленот околу 30 милиони евра. Доколку во текот на зимата има недостиг на енергија, како што вчера изјави Ковачевски, ќе се увезе, но тоа според него, би биле многу мали количини.
– Имаме доволно количини и одговорно може да тврдам дека како држава во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. За набавка на мазут имаме склучено договор уште во март за 140 илјади тони. Од нив, досега се испорачани околу 35 илјади тони, а во наредните три месеци треба да се испорачаат уште 105 илјади тони. АД ЕСМ досега стопроцентно ги задоволува потребите за електрична енергија на регулираниот пазар и немаше потреба од набавка на струја од увоз. Доколку во текот на зимата има недостиг на енергија тогаш ќе увеземе, но тоа ќе бидат многу мали количини. Согласно планот за производство се предвидува до април стопроцентно да ги испорачаме сите потреби за енергија за ЕВН Хоум, Електродистрибуција и за МЕПСО, рече Ковачевски по средбата со Македонската енергетска асоцијација.
Сега пристигнуваат количества јаглен од набавките кои се вршени во март, април и мај за кои се склучени договори, а според директорот на ЕСМ дополнително ќе се набават нови количества што ќе се испорачуваат од ноември до април. Просечната цена за набавениот јаглен, како што изјави, е од 55 до 62 евра по тон, а на берзата чини од 90 до 120 евра за тон.
Во функција ќе бидат ставени сите домашни капацитети кои произведуваат електрична енергија. Покрај двата блока на РЕК Битола, се очекува во функција да биде ставен и третиот блок за кој е склучен договор за набавка на нов трансформатор и се поправа и стариот. Како што изјави Ковачевски, очекувањата се дека во октомври ќе биде ставен во функција.
– Со почетокот на грејната сезона РЕК „Битола“ ќе биде стопроцентно во функција и ќе произведува електрична енергија максимално со трите блокови. РЕК „Осломеј“ во моментов е во застој и се работи на ремонтните активности. Во рок од 60 дена ќе се подготви за функционирање во наредната грејна сезона и се очекува во текот на септември да биде ставен во функција. За двата капацитети работиме на зголемен ископ на сопствен јаглен и во Битола и во Осломеј, паралелно на тоа се извршени набавки и се склучени договори за испорака на јаглен од Грција и Албанија. Се прават напори за набавка на дополнителни количини на јаглен од Косово, рече Ковачевски.
Со прогласувањето на кризната состојба во август се очекува да почнат да се имплементираат и барањата на бизнис секторот – во текот на зимата да не се затворат границите за увоз на електрична енергија и тоа Владата да го искомуницира со Србија и Бугарија, да се зголеми производството на електрична енергија – ТЕЦ „Неготино“ и „Те-То“ да работат во зима, а мазутот да се пушти на слободниот пазар, како и да им се овозможи на капацитетите од лесната незагадувачка индустрија полесно и легално да поставуваат фотоволтаици.
Заменик-претседателот на Стопанската комора и претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев вчера побара од институциите да овозможат 40-тината инсталирани мегавати во фотоволтаици и мали електрани што побрзо да се приклучат на електроенергетскиот систем, зашто секој мегават, како што рече, е „чисто злато“ и многу значаен за државата.
Се апелира и до граѓаните и институциите да штедат електрична енергија со цел да се намали товарот врз ЕСМ и да има можност вишокот на електрична енергија да се насочи кон стопанството. Министерот за економија Крешник Бектеши ја повика и опозицијата да биде конструктивна и да овозможи реализирање на мерките за поддршка на стопанството.
– За да се усвои уредба, мора прво да се прогласи енергетска криза. Без тоа, уредби и мерки не може да усвои Владата. А ако поминат 30 дена од тоа прогласување, тогаш тоа треба да го направи Собранието каде како одговорни политичари кои сме ја добиле довербата од граѓаните, треба да им олесниме на институциите и индустријата и да го ублажиме негатиовниот ефект. И опозицијата да се вклучи, го повикав Мицкоски, ако треба и кај нив ќе одиме и во Собрание можеме да дискутираме за вакви работи. Овие одлуки не се носат за ништо друго, само за да и се излезе во пресрет на индустријата, изјави вчера Бектеши по состанокот во МЕА.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера пак обвини дека власта се однесува неодговорно и дека се уште нема набавено мазут и гас. – Ако така продолжат да се однесуваат неодговорно, не очекува доста тешка зима со скапи енергенси, изјави Мицкоски.
– Очекувам да имаме исклучително сложена зима со многу скапи енергенси, со многу голем удар по џебот на народот и не ги исклучувам рестрикциите кои што мислам дека ако вака продолжат да се однесуваат ќе бидат неминовност, изјави Мицкоски.
Very informative article! I appreciate the depth of analysis. If you want to delve deeper, here’s a helpful resource: EXPLORE FURTHER. Eager to hear everyone’s thoughts!