Португалија ќе продолжи да дава целосна политичка и техничка поддршка на Северна Македонија во целиот евроинтегративен процес на земјава и не очекува натамошни билатерални блокади од Бугарија во текот на преговорите со ЕУ, ваква порака вчера од Скопје упати шефот на португалската дипломатија Жоао Гомес Кравињо. За него пристапувањето на Северна Македонија во Унијата е од суштинско значење не само за земјава и регионот, туку и за самата ЕУ.
Гомес Кравињо не очекува дека во текот на преговорите на земјава со ЕУ повторно ќе има билатерална блокада од Бугарија, што за него, е заокружено прашање. Во одговор на новинарско прашање во што беше подобрен португалскиот предлог, тој оцени дека „во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно“.
– Вложивме многу напори во текот на нашето претседавање да составиме еден предлог со кој сакавме да биде прифатен. Што го прави францускиот предлог подобар? Во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно. Ако погледнете над хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на моменталните случувања. Затоа оддавам признание на македонското раководство за надминување на потешкотиите и што го помрдна процесот напред. Направен е многу важен чекор напред. Веруваме дека договорот кој е постигнат е договор којшто овозможува почеток на процесот на скрининг што е доста интензивен и технички има две фази. Првиот е објаснувачки скрининг, ЕК ги објаснува различните фази односно аспекти на законодавството, потоа следува билатералниот скрининг кога се утврдуваат јазовите во законодавната рамка на Северна Македонија, вели Гомес Кравињо.
Значи, додаде Гомес Кравињо, почнува овој скрининг процес, потоа ќе се одржи втората меѓувладина конференција веднаш штом ќе заврши скринингот и штом ќе се заокружат уставните измени, оценувајќи дека сите земји имаат тешки моменти во текот на преговорите, но во случајот на Северна Македонија не гледа причина дека ќе има билатерални блокади.
– Мислам дека е од суштинско значење во меѓународните односи, во меѓународната политика да веруваме на дадениот збор на ставениот потпис на преземената обврска. Билатералното прашање за кое поинтензивно разговараат Северна Македонија и Бугарија е заокружено. Има заклучок, заокружувањето на тоа прашање беше обележано со меѓувладината конференција на 19 јули. Не очекувам ова прашање повторно да се покрене. Не гледам причина зошто би се покренало истото прашање. Како што кажав, верувам кога нашите партнери, колеги, други земји и кога ќе дадат збор, кога ќе потпишат документ дека ќе го исполнат. Така функционираме внатре во ЕУ затоа што во рамките на ЕУ интензивно соработуваме меѓусебно, но и со земјите кандидати за најразлични прашања. Ако почнат блокади без оглед на тоа што е договорено ќе се парализира целото функционирање, истакна Гомес Кравињо.
Тој упати честитки до македонската Влада за, како што истакна, историскиот настан што се случи на 19 јули и притоа повтори дека во текот на португалското претседателство со ЕУ вложоле многу напори да се создадат услови да се стигне до овој момент, меѓутоа во текот на нивното претседавање ова не било возможно, но подоцна со елементи од нашиот предлог стигнале до овој историски момент.
Гомес Кравињо вчера во Скопје оствари средби и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на кои ја повтори целосната португалска поддршка за државава.
Османи од своја страна се заблагодари за континуираната португалска поддршка на нашиот европски пат, потенцирајќи дека Северна Македонија останува силно посветена на реформските задачи што ќе треба да ги исполниме во текот на преговорите и на градењето добрососедски односи како влог во нашата европска иднина.
– Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ. Долгогодишните разочарувања, пречки и блокади ги претворивме во дополнителен предизвик кој ни овозможи со аргументи, истрајност и верба во добрососедските односи, да дојдеме до решение за отпочнување на преговори за членство. Се согласивме дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – за Северна Македонија, за регионот, но и за кредибилитетот на ЕУ во насока на довршување на процесот на европското обединување, истакна Османи на прес-конференцијата со Гомес Кравињо.
На новинарско прашање за унилатералната изјава на МНР во однос на македонскиот јазик, Османи рече дека таа е политичка изјава на Министерството, а не е историска изјава во која што историчарите треба да кажат историска вистина. Според него, таа политичка изјава ги има трите најважни елементи – континуитетот, односно временскиот и просторниот континиум, неможноста да се разговара или потпишува договори со ЕУ на поинаков начин и дека јазикот е официјален на цела територија и во надворешните односи.
Османи рече дека во однос на унилатералната изјава успеале да ги имаат сите три елементи и покрај тоа што предлогот од германското до француското претседателство бил само да се наведе дека е официјален јазик кодифициран во 1945 година.
– Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ. Долгогодишните разочарувања, пречки и блокади ги претворивме во дополнителен предизвик кој ни овозможи со аргументи, истрајност и верба во добрососедските односи, да дојдеме до решение за отпочнување на преговори за членство. Се согласивме дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – за Северна Македонија, за регионот, но и за кредибилитетот на ЕУ во насока на довршување на процесот на европското обединување, истакна Османи на прес-конференцијата со Гомес Кравињо.
На новинарско прашање за унилатералната изјава на МНР во однос на македонскиот јазик, Османи рече дека таа е политичка изјава на Министерството, а не е историска изјава во која што историчарите треба да кажат историска вистина. Според него, таа политичка изјава ги има трите најважни елементи – континуитетот, односно временскиот и просторниот континиум, неможноста да се разговара или потпишува договори со ЕУ на поинаков начин и дека јазикот е официјален на цела територија и во надворешните односи.
Османи рече дека во однос на унилатералната изјава успеале да ги имаат сите три елементи и покрај тоа што предлогот од германското до француското претседателство бил само да се наведе дека е официјален јазик кодифициран во 1945 година.
– За нас беше важно овие три елементи да бидат инкорпорирани – Уставот, Резолуцијата предложена од опозицијата во 2021 и заклучоците од последната одлука на Собранието. А се разбира, книги може да пишуваат историчарите по однос на тоа, но оваа не е таква изјава. Многу е важно да кажам дека унилатералната изјава на Бугарија не е преседан, туку е веќе пуштена во ОН уште во 2018 година. Истата таа изјава сега се повторува во земјите членки на ЕУ. Како што немаше никакви импликации во ОН за македонскиот јазик со унилатерална изјава, еве дури не сте ни знаеле дека имало унилатерална изјава пред четири или пет години, таква е тежината и на оваа унилатерална изјава, нагласи Османи.
Прашан кои се автори на декларацијата, Османи рече дека биле консултирани луѓе кои се занимаваат со оваа проблематика.
Османи, одговарајќи на новинарско прашање рече и дека различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза. – Под говор на омраза јасно кажува нашето законодавство што е омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. И мислам дека ако го прошириме тоа во историските интерпретации тогаш мислам дека отвораме токму поле за такви ризици за кои зборуваме дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на Историската комисија, кажа Османи.
– Говорот на омраза не е поврзан со работата на Историската комисија, туку како владите да отворат можност за подобри односи помеѓу граѓаните, помеѓу бизнисите помеѓу двете држави. Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи во коишто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните, па и државите од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во ЕУ. Немаме никаков интерес да бидеме во негативен тренд на односи и говор со Република Бугарија, оцени Османи.
Според него, овој протокол, овој договор е потпишан под добра волја и затоа од таков аспект треба да се гледаат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза, потсетувајќи и дека во Бугарија исто така се следи тамошниот говор на омраза.
Во одговор на прашањето дали имал средба со членовите на македонскиот дел од Историската комисија во однос на Протоколот, Османи рече дека се сретнал со нив додека го договарале Протоколот и дел од нивните забелешки се вметнати во финалната фаза на самиот документ.
– Во наредните денови планирам да се видам со целата Комисија, почнувајќи од утре со коишто ќе разговараме за чекорите понатаму, информира Османи.
Во однос на најавите за референдум од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Османи рече дека не гледа причина за референдум.
– Освен ако референдумското прашање не биде дали сте против ЕУ со македонски јазик во него – не знам за што би имало друго референдум, бидејќи сите прашања што за нас се важни се обезбедени со овој договор. Јазикот е чист, историските прашања не се одредници за отворање и затворање поглавја и имаме почеток на преговори. Единствено логично прашање на тој референдум би било „Дали сте за стопирање на европскиот пат на Република Северна Македонија, притоа загрозувајќи го македонскиот јазик во ЕУ? Друга причина за референдум навистина не гледам, оцени Османи.
Во одговор на прашањето дали би се почитувале резултатите од тој референдум, Османи рече дека тоа го дефинира Уставот и законите. – Тоа не е прашање на кое што јас треба да одговарам со да или со не, како што вели Уставот и законите тоа ќе се направи. Но, мислам дека навистина тоа прашање на референдумот треба да се каже во кој дел. Тоа значи или треба да прашате дали сте за Евроазиска унија или дали сте против ЕУ и против македонски јазик во ЕУ. Друга причина за референдум не гледам. А ако има такви причини за референдум, тоа веќе е друга дебата на која што треба да седнеме и секој да си ја објасни својата позиција. Доколку е некој за стопирање на процесот на пристапување, доколку е за нова некоја алтернатива тоа е легитимно, нека го отворат тоа прашање, граѓаните ќе кажат свое мислење. Друга причина за референдум нема, истакна Османи.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пак оцени дека со стартот на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија во Унијата „се враќа волјата за проширување“ и ЕУ е подготвена да се движи напред, но оти ова е момент за отрезнување за земјава, а пред се за опозицијата.
– Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета, оцени Вархеји во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.
Тој потенцира дека целиот процес на проширување се заснова на заслуги и сега кога трката е во тек, тој што ќе испорача прв, треба да има право да се приклучи прв во ЕУ.
– Она што е важно е дека ако тие испорачуваат брзо, ние сме подготвени да се движиме брзо, (…) и бидејќи сега сме одговорни, конечно, брзината ќе биде многу, многу поразлична, рече Вархеји, додавајќи дека Еврокомисијата ја започна процедурата за скрининг веднаш откако земјите-членки дадоа зелено светло минатата недела.
И евроамбасадорот Дејвид Гир потврдува дека Европската Унија ги почна преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.
– Апсолутно ги почнавте преговорите со Европската Унија и тоа е добра вест… отидовме чекор понатаму, на истиот ден почна скрининг процесот. Значи одбројувањето до влезот на Северна Македонија во ЕУ почна, рече Гир во интервју за Канал 5 телевизија.
Тој нагласи дека сега останува земјава да ја исполни својата обврска за промена на Уставот за вклучување во него на „лица и граѓани кои се идентификуваат како Бугари“, а доколку тоа не се случи тогаш најверојатното сценарио би било дека процесот на проширување ќе застане.
– Со други зборови скринингот ќе продолжи до одредена точка и потоа ќе застане да ја чека државата, рече Гир, појаснувајќи оти тоа не е бидејќи трета држава ставила вето, туку дека самата држава одлучила да се повлече од обврските кои ги преземала по ова прашање.
Во однос на билатералните протоколи со Бугарија се огласи и Институтот за национална историја – Скопје, којшто преку соопштение до медиумите укажува на, според него, штетноста на Билатералните протоколи со Бугарија, коишто „можат да доведат до ситуација во која општествените наративи ќе бидат во колизија со сознанијата на македонската и поголемиот дел од светската наука“.
– Поаѓајќи од фактот што Институтот за национална историја е најстара научна установа во земјата, основана со уредба од 20 јули 1948 година, поради „големото значење на националната историја на македонскиот народ“, а повикувајќи се на актуелниот Закон за научно-истражувачка дејност, кој во член 3 ги дефинира начелата на „слобода и автономност на истражувањата и творештвото, – поврзаност со образовниот систем, – етичност, – неповредливост и заштита на личноста и достоинството на човекот, разновидност на мислења, методи, теории и доктрини“, како и утврдените цели во член 4, меѓу кои и „афирмацијата на националниот идентитет“, што го вклучува и членот 5 со кој како јавен интерес за државата, меѓу другото се дефинира истражувањето во „областана историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ“, Советот е должен да укаже на штетноста на Билатералните протоколи со Бугарија,кои можат да доведат до ситуација во која општествените наративи ќе бидат во колизија со сознанијата на македонската и поголемиот дел од светската наука, наведува Институтот.