Предлог преговарачката рамка стаса во Собранието, седница се уште не е закажана

Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одлагање претставува еден од клучните исчекори во односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, за реализирање на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ. Тоа го порачува Владата во  Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните прговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година, што ја достави доцна попладне до републичкото Собрание.

Во Информацијата е наведено дека предлог преговарачката рамка е подготвена согласно со член 49 од Договорот за Европската унија и сите релевантни заклучоци на Советот на ЕУ, особено оние од 25 март 2020 година со кои беше усвоена зајакната методологија за проширување и донесена одлука за почеток на преговорите за пристапување со Република Северна Македонија.

Со заклучоците од 25 март 2020 година, стои во Информацијата, се поздравува демонстрираната решеност на Северна Македонија за унапредување на реформската агенда поврзана со пристапниот процес, постигнатите конкретни и одржливи резултати и исполнетите услови од страна на Северна Македонија за почетокна пристапните преговори. Рамката се осврнува на потребата од ефикасно исполнување на стандардите и критериумите за членство кои произлегуваат од копенхашките критеруми и процесот за стабилизацијаи асоцијација, а чие исполнување води кон стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на малцинството, функционална пазарна економија – способна да се справи со кнкуренцијата и пазарните сили во ЕУ, способност да се прифатат и ефикасно да се спроведат обврските од членството, вклучително и придржување кон целите на политичката економска и монетарна унија, како продуктивна регионална соработка и  добрососедски односи.

Од собраниската прес-служба известија дека до законодавниот дом е доставена предлог преговарачката рамка,  материјалот, заведен под архивски број  08-3130/1, во редовна постапка, ќе биде доставен до пратениците, но оти седница не е планирана за вечерва.

-Имајќи ги предвид шпекулациите за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани, наведоа од собраниската прес-служба.

Владата претходно соопшти дека на денешната 59-та седница, ја разгледала информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија, како и дека одлучила да ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно со собраниските процедури.

 

За вечерва во 19 часот, како и во претходните пет дена, се закажани протести пред Владата за отфрлање на предлог преговарачката рамка под мотото „Ултиматум, НЕ, благодарам!“.