Пендаровски – Мишел: Прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори на Северна Македонија

 Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на денешната средба во Скопје се согласиле дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на нашата земја. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, соопшти Кабинетот на шефот на државата. 

-Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ, се наведува во соопштението.

На средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјава и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Пендаровски ја поздравил посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија и го информирал за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска престојува во еднодневна посета на Скопје, каде ќе има одвоени средби со државниот врв.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *