МПК РСМ-ЕУ: Европскиот парламент дава јасна поддршка на земјата кон европскиот пат и европските интеграции

Европскиот парламент е силен поддржувач и дава јасна поддршка на Република Северна Македонија кон европскиот пат и европските интеграции. Ова го порачаа, меѓу другото, од европската делегација на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието на Република Северна Македонија.

На отворањето на состанокот, копретседавачот на Комитетот од европска страна Андреас Шидер, кој поради виша сила се обрати онлајн, рече дека Европскиот парламент и посебно ЕУ делегацијата е силен поддржувач за брз почеток на преговорите на земјава.

– Ние сме убедени дека Северна Македонија заврши суштински и политички реформи, од правосудството и други централни точки, на кои соработуваме заедно и мислам дека почетокот на преговорите е најдобар начин. Но, разбирам дека има и црвени линии, бидејќи една земја, еден народ, не може прашања за идентитетот, јазикот и историјата да ги стави во преамбулата на Уставот. Како се третира и дискутира европската историја, не е така важно, како што е важно да се зборува за иднината на ЕУ и тоа треба да го знаат сите 27 земји членки, изјави Шидер.

Заменичката копретседавач на Комитетот од европска страна, европратеничката Ирена Јовева, се обрати на македонски јазик, за кој што изрази убедување дека во иднина ќе биде и службен јазик во ЕП.

–  Од моја страна и од страна на делегацијата и мнозинството во ЕП имате јасна поддршка кон европскиот пат и европските интеграции, и дека за жал, сите компликации кои ги гледаме не зависта од нас. Сепак ќе останам оптимист и ќе речам дека наскоро ќе можеме да го пофалиме конкретниот напредок, па и договорот, што верувам дека може да се случи, ако се најде политичка волја и искрена желба за соработка, изјави Јовева.

Пратеничката Соња Мираковска, во својство на копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија ЕУ, рече дека Република Северна Македонија има едно од најдолгите и најкомплексните досиеја во ЕУ и дека бројноста на ЕУ делегацијата е јасен сигнал за контунираната поддршка на ЕП за европската перспектива на нашата земја и особено за што побрзо отпочнување на преговорите за членство.

–   Европските лидери мора да разберат дека нашите црвени линии се за чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка, а преговорите да почнат пред отпочнување на постапката за уставните измени, изјави Мираковска.

ЕУ, посочи Мираковска, не остана нема на војната во непосредното соседство и со конкретни чекори направи одреден исчекор на полето на проширувањето, но, како што рече, во тој процес направи дисбаланс во однос на нашиот регион, не постигнувјќи консензус да го придвижи процесот напред за земјите од Западен Балкан, вклучително и за нашата земја.

–  Апелираме за брза реакција на европските институции за што поскоро отпочнување на преговорите. Во спротивно екстерните влијанија ќе станат уште подоминантни, а поддршката на граѓаните целосно ќе отпадне, бидејќи и во моментот е на загрижувачки ниско ниво, а нам политичарите ќе биде многу тешко во вакви услови да продолжиме со понатамошното промовирање на членството во ЕУ, изјави Мираковска.

Мешовитиот парламентарен комитет, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно – еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.

Средбата, која ќе има три сесии, се очекува да заврши доцна попладне.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *