Маричиќ на средба со германски функционери: Имаме перспектива, мора да ја задржиме

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) оствари средба со учесниците на Федералната академија за безбедносна политика 2022.

„Влијанието врз европската безбедносна архитектура“ била темата на која се разговарало на средбата со високите германски функционери, а вицепремиерот Маричиќ во својот поздравен говор истакнал дека Балканот и ЕУ имаат заедничка перспектива која мора да се задржи.

– Балканот отсекогаш бил клучен регион за безбедноста на Европа не смееме да дозволиме со ова „статус кво“ почвата на Западен Балкан да ја храниме со национализам, дестабилизација и нови алтернативи. Јасно е дека Европската Унија како лидер на европскиот простор повеќе не е сама. Формулата за задржување на позицијата на ЕУ како лидер на геополитичката карта е проширувањето, рече Маричиќ, се наведува во соопштението од СЕП.

Тој додал дека војната во Украина и нејзиниот ефект врз регионот сега останува главна грижа за граѓаните на Балканот и дека ќе мора одговорно да го носат товарот кој го наметнуваат кризите, кој сигурно ќе биде товар во наредните години и за ЕУ и за Западен Балкан.

– Времето на лесни и пријатни дебати за европските политики одамна е минато. Сега ни треба заеднички одговор на глобалните предизвици со кои се соочуваме. Нестабилноста на регионот ќе значи нестабилност на Европа. Сега веќе не станува збор за проширување, сега е прашање на безбедност, кажал Маричиќ пред гостите од Сојузна Република Германија.

Вицепремиерот на средбата потенцирал дека денес најдобро се разбира суштината и значењето на членството во најмоќниот воено-политички сојуз и дека НАТО е исклучително важен за регионот на Западниот Балкан, за Европа исто така, а особено за стабилноста и идниот просперитет.

На средбата бил присутен и заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор во германската амбасада, Ото Граф.

Курсот за високи функционери се состои од три фази: Во првиот дел од курсот, учесниците ги истражуваат историската, културната, политичката и економската заднина на Западен Балкан и разговараа за актуелните случувања со експерти.

Во вториот дел од курсот, стои во соопштението од СЕП, ќе ја формираат основата за дискусии со понатамошни експерти и носители на одлуки во регионот и тоа во Сараево, Белград, Скопје и Приштина. Во третиот дел од курсот, учесниците уште еднаш критички ќе размислуваат за нивните позиции и ќе го завршат курсот со дискусија помеѓу учесниците и националните носители на одлуки на високо ниво за тоа кои позиции и стратегии Германија и Европа треба да ги усвојат и да ги следат во однос на Балканот во иднина.

Организациски, Федералната академија за безбедносна политика спаѓа во областа на одговорност на Сојузното Министерство за одбрана. Претседател на Академијата е амбасадорот Екехард Бросе. Федералната академија за безбедносна политика има околу 70 вработени, кои доаѓаат од сите министерства застапени во Федералниот совет за безбедност, и е основана во Бон во 1992 година. Таа е со седиште во просториите на палатата Шенхаузен во Берлин од 2004 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *