Париски „Ла Кроа“: Влез во Европската унија, македонското проклетство

 По Грција, која стоеше на патот со години, потоа Франција, која и се спротивстави, Бугарија стави вето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, а во исто време и Албанија е колатерална жртва. Падот на бугарската влада вечерта на 22 јуни, ден пред балканскиот самит во Брисел дополнително го компромитира деблокирањето на ситуацијата, анализира Мари Вердие новинарката на париски „Ла Кроа“, пренесува дописникот на МИА.

Заканата за бојкот сè уште лебдеше ден пред самитот за Западен Балкан од главните заинтересирани страни. Премиерите на Албанија Еди Рама и на Северна Македонија Димитар Ковачевски, придружувани од претседателот на Србија Александар Вучиќ, конечно одлучија овој четврток, на 23 јуни, да заминат во Брисел заедно со другите лидери на земјите од регионот, кои многу долго тропаат на вратата на Европската Унија. 

Еди Рама, во твитот објавен на 22 јуни го сумираше незадоволството: „Се чини дека ќе има уште едно „Не, извини!“ тоа е она што ќе го слушнеме на крајот! Цела Унија киднапирана од Бугарија, не е добра глетка за гледање! Што правиме таму?!“

Овој самит требаше да го одбележи „повторното ангажирање и реинвестирање на ЕУ во регионот на Западен Балкан“, како што потсети извор од Елисејската палата. Сепак, тој ризикува да заврши во ќорсокак, дури и ако оние околу претседателот сè уште сакаат да веруваат во решение во последните денови од француското претседателство со Советот на ЕУ, пишува понатаму „Ла Кроа“.

Бугарија е таа што ги блокира пристапните преговори со Северна Македонија. Сепак, падот на владата на Кирил Петков остава малку надеж за успешен исход на спорот.

– Откако дојде на власт минатиот декември, проевропскиот реформатор никогаш немаше одврзани раце да стави крај на бугарските идентитетски тврдења. Бугарија има преголеми барања, во однос на историјата, но и на јазикот, го смета македонскиот за бугарски дијалект и бара бугарското малцинство да биде запишано како конститутивен народ во македонскиот Устав, резимира Горан Секуловски, специјалист за југословенскиот простор на Иналко. „ЕУ не можеше да ја скрши бугарската брава, па оттука и укорот што дозволи да биде фагоцитирана од Бугарија“, додава тој. Сепак, падот на премиерот, кој отвора голем период на неизвесност, во позадина на системската политичка нестабилност во Софија, предизвикува страв од нов ќор-сокак.

– Сепак, ниту една земја не направи толку многу напори и жртви како Северна Македонија во нејзиниот процес на демократизација и решавање на споровите со соседите, забележува Флорен Марсиак, ко-директор на Балканската опсерваторија во Жан Жор. Огорченоста, вели, ги освојува сите балкански земји кои се чувствуваат маргинализирани, а згора на тоа, Украина го апсорбира целиот дипломатски капитал.

Треба да се верува дека ќе падне проклетството на Северна Македонија, земја која официјално аплицираше за членство од 2005 година и која сè уште го гледа нејзиниот пат кон интеграција блокиран. Дваесет години Скопје беше под  гневот на Грција, која бараше поранешната југословенска Република Македонија да го смени името за да се разликува од сееврниот грчки регион.

Штом овој историски спор беше решен во 2018 година, Франција го презеде противењето за проширување во 2019 година. Хоризонтот конечно се чинеше јасен во пролетта 2020 година, кога европските лидери се согласија за нова методологија за членство и дадоа зелено светло за отворање на преговори со Скопје и со Албанија. Но, тогаш Бугарија стави вето, објаснува „Ла Кроа“

Албанија го носи најголемиот товар од оваа блокада. Европските лидери ги здружија двете земји во нивниот марш кон членство, иако тоа теоретски се заснова на заслугите и напредокот на потребните реформи. Што се однесува до укинувањето на визите за Косово, препорачано со години, ова прашање, иако технички решено, не е на агендара на самитот.

Босна и Херцеговина останува надвор од опсегот на членство. – Сега треба да бидете кандидат за кандидатурата, ЕУ бара од неа реформски план од четиринаесет точки, кој е невозможно да се спроведе, коментира Флорен Марсиак. Горчината е огромна, Босанците си велат дека војната им била бескорисна, дека ќе им треба нова војна за да напредуваат кон ЕУ, завршува демохристијанскиот дневен весник „Ла Кроа“.

SHARE