Децата на пратениците, лично јас, а и сите околу мене ќе ги заштитиме, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестите пред домовите на пратениците на СДСМ поради изгласувањето на Законот за употреба на јазиците.
– Протестот е уставно право и дозволиво е протестирање на граѓаните и тоа е право кое што треба да се ползува. Но тоа што се прави пред домовите на пратениците, пред нивните дечиња, членовите на нивните семејства и родители апсолутно е недозволиво, заради тоа што е кршење на приватноста на домот, директни закани се упатуваат, омаловажување и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Ние нема да дозволиме тоа така да продолжи, рече Заев.
Тој посочи дека МВР презема дејствија, бидејќи има неколку кривични дела кои се прават.
Нагласи дека не очекува нова политичка криза во земјава и покрај протестите пред домовите на граѓаните и најавите за протести од најголемата опозициска партија.
– Се е јасно кој стои зад протестите пред домовите на пратениците и како ги организира, но и апсолутно е јасно кој и какви пари и од каде ги прима за тоа, потенцира Заев.
Посочи дека она што се направи во Собранието при носењето на Законот за употреба на јазиците веројатно беше единственото можно решение согласно правото на претседателот на Собранието да констатира неделовничка и неуставна можност за блокирање за да се разгледуваат амандманите, после одлуката да се блокира функционалноста со поднесувањето 36.000 амандмани.
– Ние сме мултиетничка земја и многу е лесно да го посеете семето на национализмот, а прашање е како да изградите општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен. Апелирам Закнот да се пушти, да заживее и сите ќе видат дека не е болка за умирање, туку е за употреба на јазикот, а јазикот е за да се разбереме. Ништо нема да се промени во Македонија и безобразно е да се зборува дека во источна Македонија ќе морало да се учи албански јазик и дека ќе имало казни ако не се знае, или пак администрацијата ќе морала да учи албански јазик. Тоа се лаги, рече Заев.
Според него, Законот може само да го јакне ова општество во кое ќе има рамноправни граѓани кои ќе бидат зафатени за здравството, економијата, инфраструктура, борбата против корупцијата… она што живот значи за сите.