Мишел: Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ што е можно поскоро

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел смета дека Северна Македонија и Албанија треба што е можно поскоро да ги почнат преговорите со Европската унија, што е важно не само за двете земји туку и за целиот регион воопшто, особено во контекст на новите геополитички случувања. „Европската политичка заедница“, нагласува, не е алтернатива за проширувањето, туку процес кој ќе овозможи продлабочување и унапредување на соработката.

-Војната во Украина отвори ново поглавје во европската историја и го стави проширувањето на ЕУ во преден план. Ќе упатам една јасна порака – ЕУ е цврсто посветена на вашит влез во Унијата. Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да отпочне што е можно поскоро. Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија. Јас сум навистина  вклучен со Франција и ЕУ да помогнеме да се придвижи овој процес нанапред и убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу брзо, што ќе биде секако многу важно за вашата земја и за целиот регион, рече на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски што се одржа во Охрид.

Тој најави дека наредната недела ќе организира состанок на 27-те земји членки и земјите од Западен Балкан. Тоа, рече, е многу важно за ЕУ, и ќе биде можност да разговараат и да се координираат во, како што нагласи,  во клучен и критичен момент од историјата.

-Сакаме и работиме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и за Албанија. Не сум сигурен што ќе се случи на претстојниот состонок на Европскиот совет, но ќе направиме се да бидат преземени одлучувачки чекори, рече Мишел одговорајќи на новинарско прашање што содржи францускуот предлог за тргање на бугарското вето, кој, како што јавија медиумите во Софија, премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе го достави до Парламентот.

Сметаме, даде Мишел, дека ќе имаме попросперитетна иднина со земјите од Западен Балкан.

-Има фрустрација и недоверба на двете страни. Време е да се делува. Војната во Украина го забрза процесот. Сакаме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и Албанија. Многу е важно да се одржува темпото и да се биде активен во процесот, рече Мишел.

Тој не сакаше да коментира кои ќе бидат заклучоците што ќе ги поднесе француското претседателство за состанокот на Европскиот совет, но посочи дека се работи да се најде решение.

– Се надевам дека ќе биде постигнат договор во вистинска насока. Сакаме да посредуваме да се најде решение меѓу 27-те лидери. Го подготвуваме овој состанок и тоа значи дека мора да имаме одредено ниво на дискреција за да бидеме ефикасни, рече Мишел.

Претседателот Пендаровски, пак, нагласи дека францускиот предлог е интерна работа на ЕУ во рамки на на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји членки.

– Заклучоците се далеку од готови. Ние не можеме да влијаеме. Тоа е работа на земјите членки. Сигурно е дека ќе има параграф за Северна Македонија, како и за други земји. За тоа се прашуваат сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски нагласи дека до властите во Скопје не е стигнат никаков француски предлог.

-Ние во Скопје тука немаме видено француски предлог. Ние разговараме со нашите бугарски колеги  и  за тие разговори одвреме навреме сте информирани од МНР, вели Пендаровски.

Тој не сакаше да коментира што се случува во Софија, затоа што, не би сакал ниту некој од надвор да ги коментира нашите внатрешни политички случувања.

-Не би сакал јас од тука да давам проценка дали ќе успее во Парламентот тоа што тие имаат намера да го стават за гласање, дали Владата на Петков ќе остане, тоа е внатрешна бугарска политичка работа. Не е наше да коментираме, рече македонскиот претседател.

Мишел и Пендаровски, на средбата разговарале и за предлозите за европската политичка заедница.

-Ќе бидам јасен ова не е алтернатива за проширувањето за земјите. Убеден сум дека овој процес ќе ни овозможи да ја продлабочиме и да ја унапредиме соработката. Исто така ова ќе биде еден поттик за соработка и меѓу партнерите со ЕУ, истакна претседателот на Европскиот совет.

Политичката заедница, нагласи тој, е неопходна поради војната во Украина.

-Потребна ни е веднаш платформа која ќе ги им овозможи на 27-те лидери на ЕУ и на земјите од Балканот и од источното партнерство, но, исто така и на некои други пријатели и соседи на ЕУ да соработуваат и да ги координираат некои теми од заеднички интерес, некои геополитички теми, вели Мишел.

Во врска со ова прашање, претседателот Пендаровски нагласува дека сега се малку појасни работите, откако првичните најави предизвикале недоумици и кај нас и во регионот.

-Од прва дека тоа е компензација за членство, дека сега, бидејќи долго време не држат во чекалната на ЕУ и нас и други држави – Србија и Црна Гора преговарат десет години, не напредуваат, ова е можеби еден вид алтенративен начин да бидеме во Европа ама да не бидеме членки. Ова што го чувте сега од него и јас го добив како образложение. Ако можам да го дефинирам, иако ќе биде потребен дополнителен напор да се стави плус содржина во тој термин, тоа е задача за нив повторно. Станува збор за еден вид политички форум за координација и консултација, рече Пендаровски.

Таков форум за координација, нагласува, не е лоша работа, но според него, ќе биде потребно да се објаснува, бидејќи, како што нагласи, просечните луѓе, обичните луѓе во регионот се убедени оти тоа е компензација или атлернатива за членство.

-Досегашните канали за влегување или процедури за влегување во ЕУ остануваат. Овие што преговарат продолжуваат да преговарат, сега се разбира со новата методологија. Ние, дај боже утре, задутре да почнеме да преговараме и кога ќе ги исполниме условите, кластер по кластер, ќе станеме членки, рече претседателот Пендаровски истакнувајќи дека не ни се оздема ништо доколку во меѓувреме бидеме присутни и на тие полтиички координации во рамки на европската политичка заедница.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *