Манчевски: Ме интересира односот меѓу стварноста и прикажувањето на стварноста

По премиерите на три континенти и учество на неколку фестивали, петтиот игран филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ од 22 март ќе има можност да го види и македонската публика. Филмот е американско-германско-канадска копродукција и целосно снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Сао Пауло во Бразил, потоа имаше и американска премиера – на Синеквест фестивалот во Сан Хозе, Калифорнија. На фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија доби специјална награда од жирито. На крајот на февруари беше на ФЕСТ во Белград, оваа недела на фестивалот во Софија, а по македонската премиера в четврток филмот ќе биде на редовниот репертоар во кино „Милениум“. Во интервју за МИА Манчевски кажува за темата и начинот на снимањето на „Бикини Мун“, кој е најавен како модерна мрачна бајка за искршениот идеал на модерно семејство. За својот следен игран филм „Врба“, пак, вели дека ќе биде европска копродукција и напролет ќе се избира актерската екипа.

Дали е „Бикини Мун“ слика за одземената слобода на современиот човек, бидејќи изјавивте Ве инспирирало сеопштото снимање и експлоатацијата на поединецот од страна на медиумите и социјалните мрежи?

– Филмот е, пред сѐ, психолошки портрет на една жена која е харизматична, но која има и психолошки проблеми. Го разгледуваме и случајот на војниците-повратници од Ирак. Во големата слика „Бикини Мун“ прашува и како медиумите (како, на пример, документарниот филм) влијат врз вистината која ја документираат.

Наместо да бидат сведоци и да регистрираат, тие влијаат врз тоа што го снимаат – и тоа создава етички проблеми. Ме интересира односот меѓу стварноста и прикажувањето на стварноста.

Најавен е како лажен документарец и структуриран како филм во филм. Кажете ни за тој режисерски пристап?

– Формалниот аспект ми е секогаш централен; често пати идејата за некој филм ми почнува со формата: некогаш е тоа раскршена прикаска (како во „Прашина“), некогаш мешање на играно и документарно (како во „Мајки“), некогаш триптих и циркуларен заплет (како во „Пред дождот“), некогаш мешање на медиуми (како во „Четврток“) или замрзнато време (во „Крајот на времето“). Идејата за „Бикини Мун“ почна да се развива кога помислив „Што се случува во главата на гледачот ако гледа документарец, и во еден миг во тој документарец почнат да се случуваат работи кои не можат да бидат вистина?“

Во правењето на филмот многу се трудевме кадрирањето, монтажата и заплетот да бидат како во „синема верите“ документарците од 70-тите години во кои настаните се документираат доследно без и најмало дотерување и затоа „синема верите“ филмовите не се лесни за гледање, ама имаат посебна тежина. Критичарот на Синеуропа вака го опиша тоа: „Режисерската постапка на Манчевски е толку уверлива што ѝ е тешко на публиката да се оттргне од видувањето на филмот како ‘документарен’. И кога неочекуваните и прекрасно изведени фантастични елементи се појавуваат на крајот на филмот, превртувајќи ги сите очекувања на глава, гледачот излегува од киното емотивно исполнет и со многу нешто за размислување“.

Што е со фестивалскиот живот на краткиот експериментален филм „Крајот на времето“, кој лани доби награда на престижниот фестивал Аспен во САД?

– „Крајот на времето“ продолжува да патува многу. Веќе играше на 30-тина фестивали на сите континенти и освои четири награди. Следната недела игра на фестивалот во Вилно, и директорот на фестивалот го опиша вака: „Брилијантен краток филм. Едноставен, ама непредвидлив, мистериозен, шокантен и толку силен“.

Како мал подарок ќе го прикажеме и него на скопската публика заедно со „Бикини Мун“. Трае само пет минути, и го снимав на Куба. Започна како експеримент, а заврши како емотивно искуство.

По овие две меѓународни копродукции, повторно ќе добиете поддршка од Агенцијата за филм на РМ за новиот филм „Врба“. Ќе ни откриете ли нешто за темата, екипата и плановите за снимање на Вашиот шести игран филм?

– „Врба“ раскажува две и пол љубовни приказни кои се протегаат низ четири века. Како и секогаш, не „прикажувам“ никого, туку раскажувам стории за луѓе и правам дело каде што се најважни емоциите. Визуелно „Врба“ е полн со контрасти, ама приказната содржи бројни пресликувања и тематски рефрени.

Ќе биде европска копродукција, за разлика од „Бикини Мун“. Се радувам што пак ќе работам со некои од креативните соработници со кои работев порано. За актерската екипа ќе имаме кастинг на пролет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *