Пред мене се двете книги напишани во два различни временски периоди и на два различни јазици, едната е напишана на српски јазик со наслов „Коста Абрашевиќ – живот и рад“ од авторот Мирко Милојковиќ издадена во „Народни универзитет“ во Белград во 1951 година, а втората книга е напишана на македонски јазик со наслов „Коста Абраш“ второ (изменето и дополнително) издание од авторот д-р Стојан Ристески, издадена во печатницата „Коста Абраш“ во Охрид во 2008 година.
Првата книга ја „прибрав“ од работничката библиотека „Бетоњерка“ во Белград во 1963 година, во која покрај со книги, вработените ги задолжував и со спортски и играорни облеки и реквизити. Некоја сила ме присили книгата да ја земам и да ја пренесам во Македонија, за по години во дрвениот куфер да ја пренесам и во Сиднеј, Австралија. Книгата си најде место во витрините на библиотеката „Григор Прличев“ од каде, за 44 полни години, бројни читатели редовно ја позајмуваа и читаа. Името на поетот Коста Абраш , за кого учевме во редовната настава и за кого паметам дека тој е роден во Охрид, дека фамилијарно се иселиле во Шабац, Србија, дека пишувал пролетерска поезија и дека премлад починал. Со овие спомени за Коста, целиот свој живот сум оптоварен, а во нив се крие и мојата скромна желба: како можам да постанам и јас поет и со своите стихови барем делумно да се доближам до неговиот триумфален поетско-пролетерски романтизам.
Милојковиќ, оваа книга ја напишал по повод 53 годишнината од смртта на поетот , кој период е исполнет со непрекинатата упорна борба на модерниот српски пролетеријат за остварување на сите човечки права за кои душевно пееше и за кои живееше првиот пролетерски поет во Србија. Поезијата на Коста Абрашевиќ, во поширока смисла, логички е поврзана со друштвено-економската и политичка вистина во која западнала Србија кон крајот на 19 век. Авторот дава и неколку страничен извештај од тогашната состојба во која се наоѓала династијата на Александар Обреновиќ, на која младиот поет со испружен прст покажува кон тажната и загушлива државна стварност, која кралот, за жал, пробал да ја прикрие и оправда. Авторот на оваа книга, покрај бројните записи на многу писатели и критичари кои што напишале свои книги и објавиле критички оценки, ја објавува и оценката на Јован Скерлиќ кој во својата книга „Еден социјалистички песник“ издадена во Белград во 1926 година, за поетот ќе го запише следното: Влијанието на националниот момент е основа за Абрашевиќевиот поглед кон светот и за неговото определување за социјализам, но тоа не може никако да се прифати. Во полуфеудална Македонија, под турското ропство, борбата на македонскиот народ за свое национално ослободување , во тоа време уште не била доволно развиена за да може да изврши сериозно влијание кај поетот, кој како деветгодишно момче ја напушти својата татковина и дошол да се развива во новата средина, во капиталистичка Србија…?! Милојковиќ, книгата ја дополнува со објавената кратка биографија за Коста и за трагедијата на неговата шестчлена фамилија, за на крајот да го отпее последниот песников стих: Умира едно општество како трошна лаѓа/ од смртта на бедата, среќа се раѓа… Со прераната смрт на поетот, класниот работнички покрет уште во својот процут го изгуби својот решителен борец – револуционер, песникот пропагатор за социјалистички идеи, а на нашата поезија поет хуманист, кој и отвори нови теми и нови можности. Неговите стихови најпрво ги собрале и ги издале неговите другари – Велико – школници од Шабац во 1903 година.
Во книгата на д-р Стојан Ристески „Коста Абраш“ објавена во Охрид 2008 година, за животот и делото на младиот поет, авторот ќе запише: Охридскиот пролетерски поет Коста Абраш рано го покосила туберкулозата. Сепак, тој оставил зрели дела што ќе го вбројат меѓу врвните пролетерски поети во светот, а неговите песни ќе станат борбен повик на пролетеријатот против класниот непријател. Во НОБ со песните „Црвена“ и „Фучи ветре“ неговите врсници се бореа против фашизмот, гинеа на олтарот за слободата и социјализмот, за којшто живееше и пееше „црвениот“ поет. Во Србија, Коста се нарекува „прв српски пролетерски поет“, а во Бугарија се нарекува „прв Каравелов“. А Коста е Македонец, кој по диктат на печалбарската нужност и стварност го одвеле и го одвоиле од македонското езеро и небо. Во рефератот на д-р Антун Колендиќ се вели дека „Коста, како и поетите Кочо Рацин, Христо Смирненски, Никола Вапцаров, Григор Прличев и други Македонци кои пишувале на туѓи јазици не значи дека се туѓинци, тие се Македонци. Коста Абраш мора да има свое заслужено, истакнато место, покрај во српската и во македонската литература“.
Коста е роден на 29 мај 1879 година, како трето, од четирите деца во фамилијата на Наум и Сотирка Христоски или Ристески. А прекарот „Абрашевци“ го добиле поради карактеристичните особини на неговото семејство – на лицето имале дамки, а тоа „абраш“ е турцизам. Почесто, во публикацијата се истакнува дека мајка му на Коста, Сотирка, била Гркинка! Тоа нема ништо заедничко со вистината. Точковци не се Грци. Во Охрид немало Грци. Имало само патријаршисти што од Турците биле третирани како Грци… За животот и делото на Коста Абраш опширно и со научни докази имаме изнесено во публикацијата „Коста Абраш, пролетерскиот поет од Охрид“,издадена во Охрид 1981 година. За таа публикација користени се и библиографски единици од книгата на внукот Момо Поповиќ, како и достапен материјал со писмени и усни искажувања на внуката од сестра Вера Поповиќ.
Коста Абраш живеел сосема кусо, само што завлегол во вистинската младост, односно 18 години, седум месеци и 9 дена. Првата половина, 9 години од животот, ги минал во родниот град Охрид, а втората половина во Србија, во градот Шабац, каде што неговите родители семејно отишле на печалба. Творел на јазикот на своето образование – на српски јазик. Иако имал завршено трето одделение на грчки јазик, во Шабац образованието го почнал од прво одделение. Во првата песна „Патот во родниот крај“, тој кажува дека кај него никогаш не можела да изгасне желбата за Македонија и македонскиот дух зашто во неговиот дом се зборувало, пеело и тагувало на македонски јазик. Еве неколку стихови од таа песна: Плови, плови, броде мој/ напред, брзо, ај!/ Плови, плови, само право/ во мојот роден крај./ Не плаши се од страшна бура,/ ни од брански лом,/ Ни од фиук на силен ветар,/ ниту пак од гром!… Еве ги стиховите и од песната „Црвена“ напишана во 1894 година: Црвена е крвта во нас што тече;/ Црвена е молњата облак што сече;/ Црвено е небото в зори што се смее,/ Црвено е знамето гордо што се вее;/ Црвена е омразата во нашите гради,/ Па и гневот ни е црвен од тешки јади;/ О тирани, чујте – часот суден иде -/ И одмаздата наша – црвена ќе биде!
При преписките со внука му на Коста, Вера Поповиќ, во едно писмо испратено од Белград на 15 март 1981 година таа вели: „Излагањето во вашата книга е аргументирано. Се радувам што пишувате за Коста и што сите нас не споменувате, па така не ќе бидеме сосема мртви, можеби на некое поколение ќе му биде интересно. За доста моменти и документи досега не сум знаела. Прв пат ги прочитав во вашата книга. Вие сте прв Македонец кој вака го осветли мојот вујко. И во национален поглед е правилно прикажан“.
Приредил: Иван ТРПОСКИ