ГРОБОТ НА ВОЈВОДАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

Останавме во најмалото градче во Пиринска Македонија, па и во Бугарија, Мелник, кој има многу интересно минато. Имено, уште во времето на цар Самуил бил важен воен центар, а подоцна станал привлечно место, бидејќи тука континенталната клима се преточува во планинска, а и во алпска погоре кон Пирин Планина. Во минатото Мелник бил многу значаен трговски центар и град на престиж меѓу трговците каде што се отворале широки перспективи.

Затоа во него, покрај Македонци – Пиринци се доселиле бројни Елини (Грци), Турци, Ерменци, Власи и други, чиj број на крајот од XIX век достигнал до дваесетина илјади.. Во тој период градот доживува голем растеж и напредок на трговско поле. Така, каравани од коњи и камили натоварени со буриња и мешини мелничко вино секојдневно заминувале на сите страни на светот. Некои од карваните оделе на југ до Египет, на запад до Париз и Мадрид, а на север до Будим и Пешта.

При враќањето трговците донесувале многу производи од богатите европски пазари, како и пренесувале и најновата мода во облекувањето. Затоа, често се вели дека Мелник е огледало на едно убаво минато, на големи богатства и раскош. Ваквиот живот бил особено изразен преку богатите куќи, ремек дела на дебарските мајстори, кои големо внимание посветиле на надворешноста и фасадниот изглед, во чии визби со иста температура се чувале големи количества вино.

Од таму се упативме кон Рожен. Тоа е мало село сместено на двата брега на Роженска Река, во кое живеат околу дваесетина семејства. Селото е поврзано со асфалтен пат, а животот се одвива пред ресторанот на големиот паркинг. Оттаму до Роженскиот манастир се оди по асфалтниот пат што стрмно и како змија се извива кон ридот на чија рамна височина се наоѓа манастирот и гробот на Јане Сандански. Прво го посетивме манастирот кој датира уште од 1220 година, на чија основа е изградена црквата „Раѓање на Света Богородица“.

Манастирот е заграден од сите страни со високи манастирски конаци, чии чардаци го привлекуваат секој посетител, а се влегува само од источната страна низ дебелата дабова врата. Црквата има интересни фрески и икони, а највреден е иконостасот направен од рацете на македонските мајстори од Дебарската школа, кои не само тука, туку ширум Македонија оставиле трајни и многу вредни дела во резба.

На оддалеченост од стотина метри од манастирот кон исток се наоѓа црквата „Свети Кирил и Методиј“, пред чиј олтар е гробот на Јане Сандански. Се поклонивме и му оддадовме почит на македонскиот легендарен војвода, кого што често го нарекуваат „Пирински цар“. Бевме информирани дека во минатото гробот на Сандански на кој пишувало дека Јане се борел за човекови права и слобода на Македонија и, особено на македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија, бил на неколку километри далеку од црквата „Раѓање на Света Богородица“. Меѓутоа, ние го посетивме сегашниот гроб на чија надгробна плочана за „Пиринскиот цар“ Јане Сандански го пишува следното:

Јане Сандански 1872-1915

„Да живееш, значи да се бориш –
Робот за слобода, а слободниот
за совршенство“.
 

Повторно се поклонивме пред големиот „Пирински цар“ и без збор го напуштивме гробот на војводата и се упативме кон реката Струма. Меѓутоа се потсетивме на историските факти дека Јане Сандански е роден во  селото Влахи, Мелничко,  Планина Мелничко, дека е еден од најистакнатите македонски револуционер, дека беше војвода и раководител на ТМОРО – ВМРО. Неговиот татко Иван Сандански бил знаменосец на една од македонските чети воКресненското востание.

Јане Сандански бил поистакнат преставник на Серската група и Реформската струја, и е еден од оснивачите на Народната федеративна партија. Со своите чети учествувал во Младотурската револуција и во Балканските војни. Животот го завршил обидувајќи се да ја спречи Бугарија во вклучувањето во Првата светска војна бидејќи тоа би значело нова катастрофа за Македонија. Во текот на неговата бурна воена и политичка дејност, се застапувал за ослободување на цела Македонија, за сочувување на територијален интегритет и создавање самостојна македонска држава.

За него Гоце Делчев бил идолот чија идеја како сенка ќе ја следи до крајот на својот живот. Како син на знаменосецот од Кресненското востание, следејќи ја идејата како и патеките на војводите од неговиот крај, Иљо Малешевски, Димитар Поп Георгаев Беровски и други, кои за Јане биле вистинска духовна храна, многу брзо се возвиши во народен трибун и во заштитник на народот, кој од почит го нарекол „Пирински цар”.

Јане Сандански ја застапувал идејата дека: „македонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот и затоа треба да се бори за издвојување на својата слобода без да се надеваа на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да го ослободат, всушност ќе дојдат да го заробат“, велел Јане Сандански.

По Балканските војни Сандански се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Закон за простување на македонските револуционери. Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници за борба против политиката на Фердинант, меѓутоа заговорот пропаднал. По неуспешната акција, Сандански западнал во разочараност и се вратил во Роженскиот манастир кај Мелник, На 10 април, кај месноста Блатата била поставена заседа во која Сандански бил убиен. Неговото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј.

Веднаш по ослободувањето и создавањето на современата македонска држава, македонскиот народ му оддал видно признание на својот голем син. Јаневата личност и дело редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име.

Продолжува 

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

15 thoughts on “ГРОБОТ НА ВОЈВОДАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *