Средби на Иванов во рамки на 6. Глобален Баку форум

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на 6. Глобален Баку форум, оствари средби со претседателот на Република Азербејџан Илхам Алијев, со претседателот на Република Молдавија Игор Додон и со премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со Алијев се разговараше за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан со акцент на искористување на економскиот потенцијал.

– Заедничка констатација на претседателот Иванов и на претседателот Алијев беше дека односите меѓу двете држави кои ги карактеризира пријателство, континуиран дијалог и разбирање, е потребно да се прошират во конкретни области од взаемен интерес, се наведува во соопштенјето.

Претседателот Иванов, се додава, изрази задоволство од континуираниот политички дијалог и од средбите на највисоко ниво, истакнувајќи дека е неопходно нивно ефектуирање во сферата на економската соработка. Република Македонија, нагласи Иванов, се залага за зголемување на трговската размена преку конкретни можности за развивање на соработката и стои на располагање за влез на азербејџански директни инвестиции во македонското стопанство, преку гасоводни и енергетски проекти. За таа цел, посочил, е неопходно и интензивирање на контактите меѓу владините претставници и бизнис заедниците од двете држави.

Мислења за севкупните односи меѓу Македонија и Молдавија и за актуелните состојби и предизвици во регионот на Југоисточна Европа биле разменети на средбата со молдавскиот претседател Додон.

Претседателот Иванов истакна дека постојат бројни потенцијали за соработка, кои со заеднички ангажман треба да се искористат, со цел зголемување на економската соработка и целосно искористување на економските можности на двете земји.

На средбата со турскиот премиер Јилдирим, Иванов изразл благодарност за принципиелната поддршка за употреба на уставното име на Република Македонија и членство на Македонија во НАТО.

– Покана за членство на Македонија во НАТО ќе придонесе за долгорочната стабилност и безбедност на регионот, порачал Иванов.

Премиерот Јилдирим, пак, истакнал дека е придобивка за Турција што има голем пријател како Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи силно да ја поддржува Македонија на нејзиниот евроатлантски пат, особено пред претстојниот самит на НАТО во јули. Двајцата соговорници изразија поддршка за понатамошно засилување на економската соработка, преку зголемувањето на инвестициите и соработката меѓу бизнис заедниците на двете земји, се наведува во соопштението.