Одлуката на Вселенската патријаршија историски исчекор не само за развитокот на Црквата, туку и и за просперитетот на нашата државност

Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија, предводен од Неговата Сесветост Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, од 9 мај 2022 година, со која „ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи ‘вино и елеј’ врз раната на нашите тамошни, православни браќа“, претставува историски исчекор, не само за развитокот на нашата Црква, ами и за просперитетот на нашата државност. Во тој поглед би можело да се каже дека овој датум е на исто рамниште или веднаш по 8 септември 1991 година.

Зошто? Црквата како општествено-стабилизирачки фактор во државата има голема улога не само за религискиот живот, туку и за севкупниот државно-политички и културолошки тек. Тоа значи дека одлуката на Патријархот Вартоломеј и на неговиот Синод за доделување легитимност на МПЦ-ОА на сеправославно ниво е одлука од енормна полза не само за нашата Црква, туку и за државата како целина. Од вчерашниот ден нашата Црква е правно етаблирана на меѓународно поле, како уште една државотворна институција. Практично, сонот на генерации и генерации свештеници и верници од Македонија за возобнова на старата Охридска Архиепископија се оствари во наше време.

Охридската Архиепископија канонски и евхаристиски е призната Црква од највисоката инстанца во православната екумена, Вселенската Патријаршија. Што значи тоа? Дека расколот и шизмата во кои се наоѓавме цели 55 години повеќе не постојат. Сестраната изолација на МПЦ-ОА од страна на сите помесни православни цркви автоматски е прекината, штом таа е веќе во канонско единство со првопрестолната Мајка Црква во Православието. Со прости зборови, нашата припадност во единството на сите православни ширум светот сега е законска и валидна.

Одредена дискусија се покрена околу именувањето на нашата Црква. Во официјалното соопштение од Вселенската Патријаршија за тоа дословно стои вака: „Како име на оваа Црква го признава ‘Охридска’ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот ‘Македонска’, или друга изведенка од зборот ‘Македонија’.“ Вселенската Патријаршија, значи, ја признава нашата Црква под нејзиното историско и еклисиолошки исправно име „Охридска Архиепископија“. Со тоа на нашата црковна јерархија ѝ се признава историската и преемствена поврзаност со древната Охридска Архиепископија, која навлегла длабоко во историската и колективна свест на македонскиот народ. Дополнително, таквото поврзување со древната ОА ни признава црковен континуитет од еден цел милениум. Кога сме, веќе, кај терминот „Македонска“, неопходно е да разјасниме дека првиот дел на сегашното име на Црквата – МПЦ, фигурира на историската сцена само педесетина години. Впрочем, ниедна помесна црква во Православието не е призната како „национална“ црква и не е запишана со национален предзнак, туку според историското седиште на претстојателот и на синодот. Како дополнително објаснување може да се додаде и името на територијата врз која се простира диецезата на конкретната Црква. Тоа многу добро го знаеле и предводниците на иницијативата за обнова на Охридската Архиепископија по Втората светска воја, кои себеси се ословувале како „Иницијативен одбор за организација на Православна црква во Македонија“. Односно, онака како што официјално се водат сите православни цркви според томосите издавани од Вселенската Патријаршија. На пример, правно не постои никаде „Грчка православна црква“, туку „Атинска Архиепископија – Православна Црква на Грција“. Додавањето на национален предзнак на помесните православни цркви е новост во национал-романтичарскиот 19 век и започнува самоволно од словенските цркви, најнапред од Бугарската во 1870 година. Етнофилетизмот како појава во православната Црква е осуден како ерес на Соборот во Цариград во 1872 година, бидејќи православната црква во некоја држава е црква која ги опслужува сите православни во неа, а не само една конкретна националност. Следствено, името на нашата Црква според црковните закони и традиции би требало да гласи „Охридска Архиепископија – Црква на/во Северна Македонија“.

Што се однесува до втората точка од соопштението на Вселенската Патријаршија, во кое се вели дека „се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“ – може да се каже дека ваквата насока е сосема природна и разбирлива. Всушност, со одлуката на Цариград не се регулира административниот статус на Охридската Архиепископија, т.е. не се определува нејзината автокефалност. Едноставно, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј го исползува своето канонско и историско право да уважува молба за апелација и да воспоставува канонско општење. Имено, пред четири години Синодот на МПЦ-ОА упати молба за апелација до Вселенската Патријаршија поради долгогодишното оспорување и игнорирање од страна на СПЦ. Вселенскиот Патријарх, согласно канонскиот поредок, во неколку наврати ги повика српските арихиереи на дијалог и решавање на црковниот спор со нас. Откако тие не одговорија на неговите повици, тој го исползува своето историско и канонско право: го исцели расколот, ја крена шизмата и воспостави канонско единство со нашата јерархија. Сега останува да се реши конечниот административен статус на Охридската Архиепископија, се разбира, со учество и на српските владици, доколку повторно нема бојкот од нивна страна.

Во секој случај, одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија е причина за радост не само кај нас, туку во целиот православен свет. Со неа практично се разрешува последниот поголем црковен раскол во нашето време.

проф. д-р Драган Зајковски, црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *