Ковачевски прифаќа лидерска само за стратешки прашања, ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето на средба за предвремени избори

Рокот кој го даде ВМРО-ДПМНЕ за почеток на разговори за предвремени избори истекува денеска, а доколку нема договор за лидерска за ова прашање, опозициската партија од утре најави активна блокада на Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски вчера беше дециден дека лидерска средба заснована на уцени и закани нема да има, а најавената блокада во време на војна во Украина и во услови на криза ја смета за неодговорен чекор.

Од спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје каде се одржа Отворен ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Swift Response 22“, премиерот Ковачевски рече дека лидерска средба може да има, но за прашања кои се стратешки, кои значат подобар живот на граѓаните и кои се однесуваат на справување со енергетската криза.

– Лидерска средба заснована на уцени и закани, а го гледаме претседателот на ВМРО ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм, таква лидерска средба нема да има, тоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозицискиот блок, истакна Ковачевски.

Тој за најавата за блокада на Собранието од страна на најголемата опозициска партија во време на војна во Украина и во време кога цените на енергенсите и храната постојано растат, рече дека е неодговорна и е за политички цели.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, Македонија се наоѓа во неколку кризи. Енергетска која, според нив, е предизвикана од криминалот и неспособноста на раководните лица во енергетиката и Владата и економска, која е резултат на ненавременото планирање, неспособноста и криминалот.

-И двете големи кризи се резултат на СДСМ и ДУИ. И тие не можат да бидат решение. Зошто не знаат, и немаат план, порачуваат од опозициска партија и вчера повторно побараа од Ковачевски да договорат датум за избори.

Со анкета вчера излезе Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), а според резултатите од кусата телефонска анкета спроведена во периодот помеѓу 4 и 6 мај на примерок од 1111 полнолетни испитаници на ниво на цела држава на прашањето дали Владата, предводена од СДСМ треба да остане на власт до крајот на мандатот во 2024 година или се потребни предвремени парламентарни избори, 39,1 отсто се определиле за предвремени избори, 32,5 проценти сметаат дека треба да остане на власт, а 28,4 отсто одговориле со „не знам“.

По објавувањето на анкетата вчера СДСМ истакна дека ова истрсжување е очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ со нарачани и лажирани анкети да го храбри Христијан Мицкоски во своите дестурктивни чекори и блокади.

СДСМ порача дека лажирани анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја покријат неработата на градоначалниците од оваа партија во изминатите шест месеци ниту пак, како што истакнуваат, криминалната матрица на ВМРО-ДПМНЕ.
 
-Оваа агенција и во 2020 година предидуваше победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори, па тоа не се случи, напротив. Предвидувањата им беа неточни, ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори доживеа пораз. Ниту една лажна анкета нема да му помогне на Мицкоски, истакнуваат социјалдемократите и порачуваат дека имаат план и дека ќе се спротивстават на обидите за блокада, со цел потребните законски измени да бидат донесени во интерес на граѓаните и државата.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница во средата минатата недела му даде поддршка на Мицкоски за активна блокада на Собранието.
Партискиот потпретседател Александар Николоски по седницата најави дека оваа „активна блокада ќе трае во континуитет се до промената на власта, односно се до договор за датум за предвремени парламентарни избори“.
Таа ќе подразбира филибастеринг, илјадници амандмани на секој владин проект, бескрајни пратенички дискусиии, блокирање на работата на комисиите и пленарните седници. Мицкоски претходно истакна дека блокадата ќе се однесува на се во Парламентот, освен на оние закони кои се однесуваат за помошта кон граѓаните за повисоки плати и пензии.
Во меѓувреме во Собранието блокирани остануваат повеќе законски решенија како што се Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата…, а до крајот на мај во Собранието треба да се најде и најавениот ребаланс на Буџетот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *