Фико: Почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ не смее да се одложува

Верувам дека следниве месеци ќе бидат многу важни за можноста Северна Македонија да ги отвори преговорите за пристапување кон Европската унија. Сметам дека веќе тоа не смее да се одложува. Знам добро дека целиот македонски народ има сон заеднички да влезе во Европската унија. Ние како европјани не може да го изневериме тој сон, порача претседателот на Домот на пратениците на Италијанската Република, Роберто Фико, кој е во посета на македонското Собрание.

Тој додаде дека од гледна точка на Италија ќе направат се што можат да работат со сите нивни европски партнери за да може да се дојде до започнување на преговорите за влез во Европската унија.

– Денеска уште повеќе во контекст на ужасната војна што се случува во Украина, односно со нападот на Руската Федерација на Украина, целта Западниот Балкан да биде прв стратешки партнер на ЕУ е од суштинско значење за Италија. Сметам дека во ЕУ никој не може ова да го негира, односно се надевам дека ќе биде препознаено како суштински приоритет, рече Фико на прес-конференцијата по средбата со неговиот домаќин, претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.

Ова, додаде Фико, за жал е лош момент за Европа и за светот, поради ужасните слики кои ни доаѓаат од украинските градови, каде, како што истакна, постојано се случуваат воени злосторства. Затоа, додаде тој, треба да се направи се оваа војна побрзо да заврши со мир.

Претседателот на Собранието Џафери смета дека посетата се отварува во добар тајминг.

– Притоа, мислам на намалената доверба на нашите граѓани во брзото отворање на преговорите со Унија и полноправното членство во неа. Нагласив дека очекуваме во рамките на француското претседавање со Советот на ЕУ а особено од планираниот Самит посветен на Западен Балкан и проширување во јуни оваа година, да се испратат јасни и конкретни пораки до сите земји-членки и особено до нашиот источен сосед Република Бугарија, дека започнувањето на преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија е повеќе од императив и секое натамошно одолговлекување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, што ќе се рефлектира како на економски, енергетски и безбедносен план, така и на политички, рече Џафери.

Тој додаде дека Италијанската Република е наш посведочен пријател и држава со која негуваме блиски и традиционално добри и пријателски билатерални односи. Следната година, нагласи Џафери, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, период во кој имавме одлична политичка и динамична економска соработка.

Претседателот на Собранието Џафери на средбата изразил благодарност до Домот на пратеници на Италијанската Република за искрената поддршка на нашите европски интеграции, со донесување на двете обврзувачки резолуции за италијанската Влада.  

Неговиот колега Фико изрази надеж дека подолгиот дисконтинуитет на поблиски релации меѓу двата парламентарни дома во иднина ќе биде надоместен со динамична и плодна соработка. Во таа насока, тој ја пренесе неговата иницијатива за склучување на Протокол за соработка меѓу двата парламента, кој ќе овозможи динамизирање и зајакнување на соработката во повеќе парламентарни сегменти.

Двете држави остануваат посветени и отворени за развивање и унапредување и на други сегменти на меѓудржавна соработка, секаде каде за тоа постои взаемен интерес, економија, култура, образование, туризам, здравство и друго.  

Средбата на Џафери и Фико, се остварува дури 23 години по последната одржана средба во Скопје, кога во посета беше поранешниот претседател на Домот на пратеници на Италијанската Република, Лучиано Виоланте.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *