Според Уставот, Иванов е должен да го потпише Законот за јазици

По вчерашното повторно изгласување на Законот за употреба на јазиците, претседателот на државата, според Уставот, е должен да го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот, но само по првото негово изгласување. Според членот 75 од Уставот на Република Македонија, по првото враќање на Законот во Собранието, пратениците повторно го разгледуваат и доколку го усвојат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот.

Претседателот Иванов вчера изјави дека нема да стави потпис на указот бидејќи тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

– И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен Законот за употреба на јазиците, не е израз на демократијата. Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон, истакна Иванов во своето обраќање, додавајќи дека мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден противуставен, антидржавен и суштински неправеден закон.

Прецизно, не е посочено што е предвидено во случај кога претседателот одбива да го потпише указот. Според правни експерти, можно е автоматско објавување на Законот во Службен весник со цел да започне и неговата официјална примена или да се поднесе барање пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка.

Собранието вчера во тензична атмосфера со 64 гласа „за“, без против и воздржани по втор пат го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници со 24 гласа.

Законот, кој првпат беше изгласан на 11 јануари, повторно се најде пред пратениците откако претседателот Иванов не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *