Мерки против службениците кои ги поткопувале добрососедските односи меѓу Скопје и Софија

Во Скопје и во Софија се преземаат мерки во врска со случајот на служебни лица кои се обиделе да ги поткопаат добрососедските односи меѓу двете земји и да го закочат евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија.

Премиерот Димитар Ковачевски, вчера оцени дека односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што беа во периодот пред доаѓањето на двете нови влади. Тој потврди дека и во земјава се преземени мерки за македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји, случај за кој информации во јавноста соопшти бугарскиот премиер Кирил Петков.

-Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарненто го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но неможам да ви кажам други детали, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес – конференцијата во Битола.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, викендот на брифинг со новинарите обелодени дека постојат обиди преку прокси играчи, „спојлери“ и од регионот, но и од двете држави, да се попречи процесот на подобрување на билатералната соработка со Република Бугарија и деблокирање на европските перспективи.

– Континуирано има обиди Западниот Балкан да не се движи со соодветна динамика кон ЕУ и тоа преку прокси играчи – дали во регионот или нашите држави. Не исклучувам дека и во нашата земја има и ќе има се повеќе. Колку повеќе ќе се зголемат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето коишто цело време работеа оваа перспектива да не се случи, истакна Османи.

Минатата недела, според Османи, луѓе од институции од земјава се јавувале во Бугарија кажувајќи дека не е потребен целиот ангажман затоа што „овде ќе се оди брзо на предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“.

– Сметам дека овие луѓе се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Петков. Луѓе кои ќе се обидат да го задржат отворено прашањето со Бугарија, да го одржат закочен процесот на европска интеграција, за да може овој регион секогаш да биде платформа за некој да го користи за остварување на свои цели. Регионот, земјите членки, ЕУ, Трансатлантскиот сојуз имаат потреба за стратешко лидерство во овој период со цел регионот да се консолидира безбедносно, политички и економски, нагласи Османи.

Тој вели дека не може да каже за кои луѓе или институции станува збор, бидејќи тоа се испитува, но како што нагласи, и кај нас и во Република Бугарија ќе има обиди на т.н. „спојлери“ кои ќе се обидат да го попречат процесот на подобрување на билатералната соработка и деблокирање на европските перспективи.

Според министерот, интерес од блокирање на европската перспектива на регионот имаат само трети страни кои, како што рече, посакуваат Европа да биде ослабната, но оти нема да има таква сила која ќе може да ја попречи волјата на нашите граѓани да станеме членка на ЕУ.

На брифингот шефот на македонската дипломатија оцени дека има сериозен напредок во политичкиот дел од разговорите со Бугарија, а деновиве очекува да има и средба со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во Брисел.

И поранешниот македонски премиер и бивш специјален претставник во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски смета дека е можен е договор меѓу Скопје и Софија за време на француското претседателство со ЕУ, но и оти има групи и во двете земји кои работат да не се најде компромис.

– Бугарија и Северна Македонија можат да постигнат договор за време на француското претседателство со Европската унија. Климата за преговори сега е подобра. Има шанса за договор следниот месец. Постојат групи во Софија и Скопје кои работат против компромис и договор меѓу нашите две земји, рече Бучковски. вели во интервју за бугарската телевизија Нова,

Според него, петте руски дипломати протерани од Скопје станувале сè поагресивни во нивните обиди да го спречат договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, и желбата на Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Претходно, викендов, бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за софиски „24 Часа“ изјави дека агентите што беа откриени како руски шпиони во бугарската Државна агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), работеле против добрососедските односи на Бугарија со Северна Македонија и со Западниот Балкан.

Според него, сите треба да се запрашаат дали долгорочен бугарски интерес е Република Северна Македонија да се оддалечува од членство во ЕУ или пак тоа е руски интерес, кој не сака да го види целиот Балкан стабилен и дел од Европа.

На истата тема во интервју за телевизијата БТВ, Петков нагласи дека е очигледно оти има руско мешање во Бугарија поврзано со Западниот Балкан и Северна Македонија.

– Во овој скандал станува збор за руски интереси. Луѓето кои беа вмешани работеа во многу специфичен правец, а тоа е Западниот Балкан да нема европска иднина и нашите односи – односите меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, да не бидат толку пријателски, какви што би сакале да бидат како меѓу едни добри соседи, вели Петков за бТВ.

Против двајца службеници на бугарското контраразузнавање и еден вработен во неименувано Министерство, се води истрага за шпионирање во полза Русија.

Бугарија во март протера 12 руски дипломати, кои во земјата вршеле активности кои не се во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Во меѓувреме, по дводевните разговори на заедничката Историска комисија, вчера во Скопје се одржа и третиот состанок на Меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото го одржа на кој беше потпишана Декларација за соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, од страна на министерот Адмирим Алити и неговиот бугарски колега Божидар Божанов, со цел воспоставување, развивање и зацврстување на билатералната соработка во областа на доверливи електронски услуги и електронска идентификација.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, заедно со заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, беа дел од сесијата на тема „Партнерство со граѓанските организации“, на која заедно со бугарската колешка, заменик-претседателка на Владата задолжена за добро владеење Калина Константинова, разговараа за значењето на граѓанскиот сектор во развивањето на праксата на добро владеење и унапредување на демократските процеси во земјата. Договорено е да работат на воспоставување на иницијатива за соработка на граѓанските сектори на двете пријателски земји со посебен фокус на размена на искуства и мислења во полињата за добро владеење, зелената агенда и евроинтеграциите.
Министерот за правда Тупанчески, со својот колега, бугарскиот заменик-министер за правда, Борислав Ганчев, на заедничкиот состанок ги дефинираа приоритетни области во кои би се насочила поддршката и размената на искуства за идната стратегија, како и текстови од важечките прописи, стручната литература и публикации од областа на правосудството, организирање и учество на конференции, работилници и семинари, како и соработка при компаративни истражувања поврзани со правни прашања од заеднички интерес.
На билатералната средба на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со бугарскиот колега, вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, била понудена развојна техничка помош за Поглавјето 27, односно за зајакнување на институционалните и административни капацитети за водење на преговори за ова Поглавје, што би била финансирана преку бугарското Министерство за надворешни работи. Проектот се предвидува да започне веднаш и да трае до април 2023 година, а како приоритетни области би ги имал индустриските жешки точки и справувањето со аерозагадувањето .
Наредната четврта сесија на Меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на право, македонските и бугарските владини претставници е планирано да ја одржат на почетокот на месец мај.