Иванов: Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Законот за употреба на јазиците

И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен Законот за употреба на јазиците, не е израз на демократијата. Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон, вели во своето обраќање Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

– Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон, рече Иванов.

Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам.

– Преминат е предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската унија, повреден е Уставот и деловникот за работа на Собранието, вели Иванов во своето обраќање.

Иванов обраќајќи се кон народните избраници во Собранието, потсетува дека побарал од нив внимателно да ги разгледаат неговите забелешки.

– Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан, вели Иванов, стои во соопштението од неговиот Кабинет.

Во ниту еден момент, посочува Иванов, не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на Законот за употреба на јазиците во РМ.

– Така не се води држава. Така не се остваруваат нашите стратешки цели. Така не се почитува Уставот, нешто на што се заколнавте при стапувањето на вашата исклучително одговорна општествена функција.

Посочи дека во периодот на доделувањето на мандатот на сегашниот премиер, во неколку наврати јасно и јавно укажав дека прашањето на употреба на албанскиот јазик не смее да го загрози уставното уредување на Република Македонија.

– Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување, вели Иванов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *