Во издание на издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, а спонзорирано од Фондацијата „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, излезе од печат луксузното монографско дело „Творештвото на Славе Катин“ (II проширено издание) од Душан Ристевски-Македони. Делото е отпечатено на 518 страници, на македонски и на англиски јазик во печатницата „Европа 92“ од Кочани. Рецензенти на оваа монографија се проф, д-р Вера Стојчевска-Антиќ, Џорџ Атанасоски и авторот на овој текст, Александар Донски.
Во делото „Творештвото на Славе Катин“ (II проширено издание) од авторот Душан Ристевски-Македон се дадени текстови кои се значаен прилог и придонес кон осветлувањето на голем број аспекти од историската и творечката вистина за македонското иселеництво во светот. Публикацијата е слика за животот и делото на Славе Николовски-Катин кој е познат само како Славе Катин, кој е книжевник, журналист, публицист и аналитичар на Македонците во светот. Тој е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија, на животот на Македонците во светот, на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Античка Македонија. Славе Катин е вљубеник во својата татковина Македонија, во македонскиот народ насекаде по светот, а за тоа секогаш го водела светата мисла да остави вечни траги за идните македонски генерации.
Второто проширено издание на делото „Творештвото на Славе Катин“ е посветено на „Наградата за животно достигнување“ (2022), за Славе Катин од организацијата „Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД) од Вашингтон, (САД), за постигнувањата на полето на дијаспората. Оваа организацијае врвна меѓународна, невладина асоцијација чија главна цел се интересите и потребите на луѓето со македонско потекло и македонските заедници ширум светот. Примарната цел на ОМД е да го обедини македонскиот народ и нивните интереси, а нејзините активностите се фокусирани кон промоција на македонско историско и вистина, како и нашето духовно, културно и национално наследство.
Оваа луксузна публикација е дело на поетот, драматург, публицист, основач и претседател на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија Душан Ристевски-Македон. Таа претставува повеќеслојна артикулација која на читателите истовремено им нуди омаж, монографија и биографија на еден друг истакнат македонски автор, публицист и истражувач, т.е. како што со право го нарекува Душан Ристевски: „доблесен Македонец, истакнат и докажан новинар, духовен посветеник и припадник на својот библиски род и македонската земја“ – Славе Катин.
Ова монографско дело насловено како „Творештвото на Славе Катин“ (II проширено издание) е, всушност продолжение и проширување на првото издание со ист наслов . Во него авторот Душан Ристевски-Македон темелно го претставува ликот и делото на Славе Катин. Така, воведните текстови на книгата ги почнува со биографските податоци на овој истакнат автор и публицист. Најнапред умешно се избрани најударните сегменти од приватниот живот на Славе Катин, кои опфаќаат широк временски дијапазон почнувајќи од неговите претци, па сѐ до неговите директни потомци (деца и внуци). Потоа следуваат податоци за неговиот општествен живот (школување, професионална кариера кај нас и во странство – државна и приватна, список со насловите на шеесетина вредни изданија, список на медиуми со кои соработувал и бил акредитиран новинар, како и други интересни податоци за богатиот исполнет творечки живот на Славе Катин.
Првиот и вториот дел сe насловени како „Македонско иселеништво“ и „Македонците во светот“. Во овие делови се претставени шеснаесет публикации и пригодни текстови во кои педантно и со сите најважни податоци се презентирани делата на Славе Катин посветени на повеќе сегменти од општествениот живот на македонското иселеништво. Душан Ристевски со право констатира дека македонското иселеништво е „алфа и омега“ за творештвото на Славе Катин, т.е. македонските иселеници се една од главните теми во неговиот творечки опус.
Покрај богато наведените податоци за овие дела само ќе додадеме дека Славе Катин навистина има одиграно огромна улога на начин што, преку своите творечки трудови, тој како да не сака да дозволи да се прекине врската помеѓу македонските иселеници во западниот свет и етничка Македонија како земја од каде потекнуваат тие или нивните предци. Истовремено, преку истите дела, тој ја запознава и јавноста во Македонија со животот и дејноста на нашите сонародници во дијаспората, со што практично творечкиот опус на Славе Катин посветен на иселеништвото претставува траен мост помеѓу Македонците од дијаспората и народот во нивната некогашна татковина Македонија. Славе Катин несомнено е најдобриот познавач на македонската дијаспора кој живее во Република Македонија.
Третиот дел од книгата е именуван како „Духовно-црковното живеење“ и во него се опфатени девет публикации во кои читаме богати податоци за истражувачките трудови на Славе Катин за црковниот живот на македонските иселеници и други сегменти кои, на еден или друг начин, се поврзани со религијата. Од насловите и краткиот опис на овие трудови и текстови недвосмислено се гледа дека и овде станува збор за сеопфатни студии богати со вредни податоци за темите што се обработуваат (црковните општини во дијаспората, историјатот на МПЦ, репортажите за посетите на гробот на Св. Кирил во Рим и инаугурацијата кај папата Јован Павле Втори, посетата на Израел и значењето на Израел и Македонија во религијата и други интересни содржини). И со овие дела Славе Катин дава траен придонес во презентирањето на македонската историска вистина пред нашата и светската јавност.
Четвртиот дел од книгата е насловен како „Лексикографски изданија“ и во него се застапени повеќе текстови. Од нивната содржина добиваме податоци за уште еден грандиозен опус на Славе Катин, овојпат тоа главно се речници. Катин објавил корисни англиско-македонски речници за возрасни со различни содржини, почнувајќи од неговото прво издание, „Англиско-македонскиот лимнолошки речник“(1986), потоа Библискиот, Ветеринарниот и биотехничкиот речник, како и илустрираните лексикографски изданија за учење македонски, англиски, германски, француски, турски, албански, влашки и ромски јазик. Во овој творечки опус влегува и преведувачката дејност од македонски на англиски и од англиски на македонски на Славе Катин на значајни дела од македонски и странски автори, од кои најпознат е неговиот превод на романот „Александар Македонски“ од Улрих Вилкен (1989 год.).
Петтиот дел од книгата „Творештвото на Славе Катин“ (II проширено издание) е посветен на неговите историски изданија и истиот е насловен како „Публикации со историска содржина“. Во текстовите на овој дел се дадени податоци за објавените книги со историска содржина од Славе Николовски – Катин, било како самостоен автор, или како коавтор. Книгите обработуваат содржини од сите историски периоди на Македонија и Македонците, почнувајќи од антиката, преку Средниот век, па до поново време.
Шестиот и седмиот дел се последни од книгата и носат наслови „Монографии за познати иселеници“ и „Монографии за познати личности“ и во нив се застапени осумнаесет монографии и други текствови во кои се дадени податоци за личностите за кои Славе Катин напишал сеопфатни и темелни монографски дела. Тоа главно се истакнати личности од дијаспората (донаторите Атанас Близнаков, Петар Стаматов и Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, Стив Пљакас, Андреа Бранов, семејствата Јановски и Видиновски, Светле Стамевски, Георги Томов, Бошко Рајчовски Пелистерски, Гојко Јаковлески), потоа истакнати личности од Македонија (Митрополтот Кирил, Благој Механџиски, Силјан Мицевски, Есма Реџепова, но и сликовници за неговите внуци Сандра, Дина, Изабел и Масимо).
Публикацијата „Творештвото на Славе Катин“ (Второ проширено издание) претставува значаен придонес во натамошното проширување на сознанијата за драмата и вистината на македонскиот народ и за неговите режисери, коишто со неизмерна упорност ја продолжуваат со години, децении и векови и сѐ уште упорно ја продолжуваат сатанската намера и се надеваат до конечното искоренување на Македонците од нивниот дел на Балканот.
Со ова монографско дело, донекаде, се успеа да се оттргнат некои дела на Катин од заборавот и преку неговите публикации да се овековечи дел од животот на македонските иселеници, МПЦ (ОА), Античка Македонија, вистината за македонскиот народ во етничка Македонија.
Да заклучиме дека книгата „Творештвото на Славе Катин“ што ја подготви Душан Ристевски-Македон претставува патоказ кон обемното и грандиозно творештво на Катин од 60 публикации, преку кои секој заинтересиран читател, денес и во иднина, ќе може да дојде до вредните дела на овој неуморен и исклучително плоден и квалитетен автор и богатите податоци што таму се овековечени за сите времиња. Делотое посветено на „Наградата за животно достигнување“ (2022), за Славе Катин од организацијата „Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД) од Вашингтон, (САД), за постигнувањата на полето на дијаспората е израз на неговите творечки постигнувања за македонската дијаспора и за Македонија. Му ја честитаме на Славе Катин наградата и му посакуваме уште вакви творечки подвизи и награди.
Александар ДОНСКИ