ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Иако Филип Втори Македонски остана навреден од атинската помош на Византиум, сепак избегнуваше директен судар со Атина. За да го обезбеди своето македонско кралство замина за Добруџа да се бори со Скитите и Трибалијанците (339). Тоа беше кога Амфиктионистичкиот совет му даде наредба од новата „света војна” против Амфис да се пресели во централна Античка Грција по лошо проодниот пат на Термопилите (339).

И така, кон крајот на август 338 година, во Бојотијанската рамнина кај Цефис во близината на Херонеја, се случи голема и решавачка битка, во која Филип Македонски целосно ги порази комбинираните сили на Атина и Теба. Co оглед на курсот што го имаа земено работите во Атина и во цела Античка Грција во период од неколку децении, политиката на Демостен беше изложена на критика, бидејќи во своите атински аспирации не ги зеде предвид вистинските факти и затоа секогаш ќе остане само како очевиден модел на страстен патриотизам.

Тоа е славна страница во историјата на Атина, кога под негово раководство се почувствува нејзиното гордо минато и дека нема да се роди супериорна сила без борба. Сé уште на државните гробишта Керамеикос во Атина со емоција се читаат стиховите испишани на гробовите на оние што паднаа кај Херонеја:

О време, ништо човечно не може да ја прескокне глеткава:
Затоа кажи им на сите каква несреќа може да не снајде.
Како, борејќи се на Бојотијанската историска рамнина
За да ја спасиме нашата света Елада, ние бевме погубени.
Уште еднаш Филип Македонски ја доби битката со формацијата кос строј.

Офанзивата на левото крило и командувањето со коњицата Филип Македонски му ги довери на својот син Александар Македонски, кога беше на осумнаесетгодишна возраст, додека тој лично го водеше дефанзивното десно крило. Така младиот Александар на чело на следбениците на дворот ја нападна „Светата чета” на Тебанците, додека неговиот татко соочувајќи се со Атињаните ја држеше назад својата фаланга и на почетокот се повлече на кратко растојание за да ги измами да излезат надвор од нивните борбени позиции.

Откога успеа во ова, тој напаѓаше победоносно, а Александар Македонски во меѓувреме ги принуди во бегство Тебанците и ги тераше на десната страна што го опкружуваше непријателскиот центар со страничен напад и затоа победата беше целосна.

Тоа беше необична акција на Филип Втори Македонски во која не го прогонуваше непријателот по Херонеја, туку остана на бојното поле, дозволувајќи му на непријателот да се повлече на југ. Во тоа го гледаме човекот кому, според зборовите на генералот Фон Клаусевич, војната му е само продолжение на политиката, но со други средства.

Сега дојде неговиот момент да ја оствари долго планираната реорганизација на Античка Грција. Таа ситуација и се очекуваше по смирувањето со античките Грци. Co откажувањето да го прогонува и уништува непријателот, многу јасна беше неговата искрена желба за приспособување. Овде повторно можеме да ја видиме големата предност на единството на војничката команда и политичката контрола во личноста на монархот, во споредба со стратезите на полисите зависни од јавните собири.

Тебанците мораа да платат со разочарување затоа што Филип Македонски ги спои со Атина. Мораа да се ангажираат со обновата на Платеја и Орхомен и да го издржуваат македонскиот гарнизон во Кадмеја.
Меѓутоа, Филип Македонски покажа кон Атињаните голема благост: ги врати нивните затвореници без откуп, дозволувајќи им на Антипатер и Александар да ја однесат пепелта на мртвите во Атина во свечена поворка, а им понуди и пријателство и сојуз со гаранција дека Атина ќе ја остави слободна и независна.

Но притоа, тие мораа да ја распуштат военоморнаричката лига и да се откажат од тракискиот Херсонес, бидејќи загубата од отстапувањето на Ороп беше ненадоместлива. Co години Демостен правеше таква слика за Филип Македонски пред Атињаните како тој да е најголем бандит чија единствена цел му е да ја уништи Атина. Така, тој ги натера да имаат страшен отпор спрема него. Благоста на Филип Македонски толку многу ги изненади што едноставно се збунија од радост и благодарност. Тие му подарија атичко државјанство на Филип Македонски и на неговиот син Александар Македонски и направија статуа на кралот во нивната Агора.

И во текот на овие преговори за посебен мир со Атина, Филип Македонски сосем малку го поткрена превезот од своите планови, со што ги повика Атињаните да стапат во „универзалниот мир” и да се приклучат кон „Советот на лигата” што тој сакаше да го формира. Освен тоа, тој ги стекна грчките симпатии, со тоа што внимателно го прошири гласот дека сака Античка Грција да ја води во панелинистичка војна против Персија.

Кога се пресели со својата војска од Атина на Пелопонез, со радост му беше посакано добредојде од градовите што му беа верни, а засебни мировни договори беа склучени со оние што дотогаш му се противставуваа.
Само Спарта одби да попушти, па затоа доживеа опустошување на Лаконија од страна на Филип Македонски заедно со нејзините стари непријатели Аргивите и Месенијанците, поради што основниот антички грчки арбитражен суд им ги додели на овие нејзини непријателски соседи сите погранични места што ги бараше Спарта во текот на повеќе векови.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *