Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека нема да дозволи да се повтори 24 декември и 27 април во Собранието на РМ, откако беше изгласан Законот за употреба на јазиците. Носењето на Законот беше проследено со вербални инциденти и неодобрувања од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери воопшто не отвори расправа за над 35.000 амандмани, туку директно се помина на гласање за Законот.
– Од дента кога сум ја примил должноста претседател на Собрание сум бил свесен за сите предизвици пред кои ќе се најдам вршејќи ја оваа функција. Повеќе пати сум кажал и повторувам дека претседателот на Собранието Талат Џафери нема да дозволи во својот мандат Собранието да се претвори и да се врати сликата од 24 декември 2012 и 27 април 2017 година. Ова е мојот однос кон она што се случи денеска во Собранието, кажа Џафери на прес-конференција.
Според него, основна надлежност на Собранието е да води законодавна процедура согласно Уставот и деловникот.
Претседателот на Парламентот одговарајќи на новинарско прашање зошто не отвори расправа за амандманите се повика на член 164 став 2 од Деловникот на Собранието, посочувајќи дека во трето читање амандмани може да се достават само за делови на законот за кои во второ читање амандмански се интервенирало.
– Член 173 став 3 точно утврдува можност да се поднесат амандмани, но член 172 од Деловникот упатува дека откако нема да биде потпишан Указот од претсеателот Законот се враќа во собраниска процеура во трето читање. Член 164 став 2 од Деловникот, децидно зборува за фактот дека во трето читање амандмани може да се достава само по делови кои во второ читање биле измените или дополнети со амандмани. Имајќи предвид дека законот во второ читање не претрпи никаква измена и претседателот на Собранието се впушти да го спроведе член 164 став 2, рече Џафери.
За оспорувањето на уставноста на Законот, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во земјата, Џафери рече дека за тоа дека единствено надлежен е Уставниот суд откако ќе биде донесен законот.
Во однос на гласањето, Џафери рече дека Законот во првото гласање добил 64 гласа од 120 пратеници, додека гласањето на немнозинските заедници се изврши рачно, а гласале 24 пратеници. Гласањето било рачно поради тоа што пратеникот Никола Груевски, како што кажа Џафери истурил вода врз електронскиот систем за гласање и системот не можел да се активира.
За однесувањето на Груевски, претседателот на Собранието кажа дека нема потреба да го коментира затоа што „секој граѓанин кој имал прилика тоа да го види или кој што ќе ги види на медиумите ќе си го каже своето“.
За граѓаните кои протестираат пред Парламентот, рече дека не го оспорува нивното право и нема замерка за тоа, а однесувањето на дел од пратениците, како што кажа, не може и не смее да биде сфатено дека е провокација за меѓуетничките односи.
– Тоа е слика и прилика на овие кои така постапиле најдени во теснец поради својата состојба и позиција, не можат се уште да разберат дека се опозиција, рече Џафери.