ГОЛЕМИОТ ГЕНЕРАЛ, ДРЖАВНИК И ДИПЛОМАТ ФИЛИП ВТОРИ МАКЕДОНСКИ

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

Во првата година од своето владеење Филип Македонски со своите сили постигна голем успех. Неговите извонредни способности како генерал, државник и дипломат, кој и обезбеди брз и целосен спас на државата, ни го објаснуваат и извонредниот успех на неговата кариера. Сепак, величината на овој човек не беше сфатена сеʼ до деветнаесеттиот век.

Единствено извонредните успеси на неговиот син Александар Трети Македонски ја осветлуваа неговата слава до тој период. Сеќавањето за него беше спречувано од најголемиот оратор на Античка Грција, Демостен, кој беше негов политички противник, кој жестоко го напаѓаше во своите извонредни говори и во интерес на својата политика сред Атињаните, искривено и со омраза го претстави ликот на Филип „варваринот”.

Особено во времето на класицизмот, сите беа заслепени од она што се случуваше за времето на Демостен и прифаќајќи го сето тоа буквално, животниот пат на Филип Втори Македонски беше оценет единствено врз атинско гледиште, а исто така и од становиштето на Демостен. Тоа беше нагласено од политичките карактеристики на периодот. Бартолд Георг Наибур имаше голема омраза спрема Филип Македонски, кого во својата концепција на историјата, го споредуваше со Наполеон, а пред Аустерлиц го објави преводот на првото дело „Филипик”, на Демостен, за да направи политички ефект против „бунтовникот” како што е прикажан со мотото што стои на него.
За да се создаде вистинска слика за Филип Македонски, историчарите треба прво да се ослободат од атинското и од Демостеновото гледиште. Тоа современо иследување, според примерот на Ј.Г.Драјзен, се‘ повеќе е насочено кон едно правилно гледиште дека македонскиот крал Филип мора да се оценува само преку остварувањето на античките македонски интереси.

Доколку тоа се прави сега, Филип Македонски ќе се претстави како еден од големите владетели на светската историја, не само поради тоа што ги постави темелите на подвизите на својот уште пославен син Александар Македонски, кој со својот сопствен гениј изгради еден нов свет, туку и како човек кој имаше далекусежни погледи и постигнувања.

Овде нема доволно простор детално да се објасни на кој начин Филип Македонски, почнувајќи од малата држава што ја создаде, постапно ја зголемуваше во секој период; на запад ги победи Илирите и оствари влијание над Епир, на исток се бореше против Тракијците, на север втаса до Дунав, а на југ со борба го обезбеди брегот на морето што беше суштествено за македонскиот развој, како и за развојот на полуостровот Халкидик, ја победи Тесалија, а порешително се замеша дури и во античките грчки работи.
Сите овие зафати кои го прикажуваат во калеидоскопски модел и активен ту овде-ту таму, само се одраз на една голема идеја што тој ја поседуваше многу порано, можеби од почетокот, за да го направи својот македонски народ господар на целиот Балкански Полуостров.

Оваа империјалистичка програма беше подигната на највисок степен во неговата политика со поцелосното воведување на античката грчка култура, преобразувајќи ја Античка Македонија во вистинска цивилизирана држава. Тоа беше она што силно го поттикна неговиот владетелски карактер. Примерот на Архелај беше следен од Пердика, кој на дворот се здружи со платонистот Ефро и од него ја научи геометријата и филозофијата.

Филип Втори Македонски привлече многу истакнати Елини на својот двор. Тој со успех ја реализира идејата, поканувајќи го Аристотел да го воспитува наследникот на престолот и презеде чекори за големо приспособување на елинската култура во својата сопствена земја: го воведе јазикот на Атина во врховниот суд, како и во администрацијата и при формирањето на својот милитаристички систем ги следеше античките грчки модели. Иако се познати само мал број резултати од овие напори, сепак тие јасно покажуваат на неговата главна намера: да се интензивира елинизацијата на својата земја.
Оваа политика на цивилизирање имаше последици. Доколку таа беше цел на Филиповиот план да доминира не само над главниот дел на Балканскиот Полуостров, туку и над Елада, тој не можеше да ги обедини античките Грци, како што направи со Илирите и Тракијците во својата Античка Македонска империја, туку мораше да најде некоја друга форма за обединување која би го зачувала лицето на античките Грци, а нивната положба да биде значително поподнослива. Нему му беше јасно дека контролата над Античка Грција неопходно ќе го вовлече во конфликт со Персиската империја, зашто со Кралскиот мир контролата и врховната власт на Елада му припаѓаа на персискиот крал.

Од друга страна, пак, доколку Филип Македонски сакаше да ја победи Тракија и северните брегови на Пропонт и Босфорот, а тоа беше негова голема желба, со цел да го обезбеди овој воден пат, да ја прошири и да ја заокружи својата империја до брегот на Мала Азија, тоа не можеше да го направи без војна со Персија. Во врска со барањето на Исократ, може со сигурност да се тврди дека многу одамна, покрај непосредната цел за осигурување на Балканскиот Полуостров, Филип Македонски беше обземен и со идејата, иако само како далечна цел, за елинистичка комбинација за војна против Персија.
Тоа се разбира само по себе дека Филип, господар на дипломатијата, сите овие идеи и планови за иднината ги држеше притаени во своето срце. Но, ако требаше тоа да го изврши, тој бараше војска која ќе биде готова да војува. Без сомнение, и со варварите, па дури и повеќе со античките Грци, тој често ги постигнуваше своите цели со подмитување, но главно неговите успеси се должат на неговиот добар меч. Неговата реорганизација на македонската војска е навистина дело на гениј, а бидејќи беше креаторот на воениот систем, што Александар Македонски го презеде, мора да му се оддаде извесно признание и за тоа.

Важно е дека Филип Македонски во својата младост три години живееше во Теба како заложник и таму се запозна со стратешките методи на Епаминонда. Кога дојде на престолот, ja презеде и ja започна реорганизацијата на војската така нанаречена „кос строј на борба”, изум на Епаминонда, која предизвика револуција во тактиката. Дотогаш Елините обично се бореа во паралелни линии.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *