Џафери – Сен Пол: Благодарност за француската поддршка за евроинтеграциските процеси

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со потпретседателката на француското Национално собрание, Летиција Сен Пол, која учествува на Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ во име на претседателот Ришар Феран, како земја актуелен претседавач со Советот на Европската унија, информираат од Собранието.

Претседателот Џафери се забалгодарил за поддршката на Франција особено во изминатите години, вклучително и на парламентарно ниво и активните заложби на пратениците од Националното собрание и Сенатот за евроинтеграциските процеси на земјава.

Тој ја поздравил одлуката за одржување на Конференција за Западен Балкан во јуни оваа година, како добра можност на земјите членки за директна комуникација и дијалог и размена на мислења околу актуелните случувања со земјите од регионот.

– Во однос на нашите две стратешки определби утврдени по нашето осамостојување, членството во НАТО е денес наша реалност и нашите единици активно учествуваат во мисиите на Алијансата и на Европската унија, а во очекување сме и на добивање датум за преговори за членство во ЕУ, истакна претседателот Џафери.

Претседателот на Собранието апелирал за што поскоро отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, заради одржување на јавната поддршка и за спречување на надворешни влијанија кои можат да му наштетат на процесот.

– Потпретседателката Сен Пол ја поздрави активната соработка на парламентарно ниво, особено залагањата на пратеничката Лилијана Танги за унапредување на билатералните односи и споделувањето на француските искуства за европските прашања. Таа изрази особено задоволство за усогласеноста на Република Северна Македонија со позициите на Европската унија, особено за Украина и споделувањето на заедничките европски вредности од страна на нејзините граѓани, соопштуваат од Собранието.

Сен Пол покажала особен интерес за нашиот став околу новата методологија за преговори, актуелните случувања со Бугарија и нашите очекувања од конференцијата на Западен Балкан во јуни оваа година, со оптимизам за понатамошно унапредување на взаемната соработка меѓу двете држави и процесот на европска интеграција.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *