Застојот во проширувањето на ЕУ создава дополнителна нестабилност на регионот, оптимизам за брзо надминување на спорот со Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски вчера од Софија порача дека застојот во проширувањето на ЕУ создава дополнителна нестабилност на регионот, затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание од трети страни. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, рече дека е оптимист за брзо надминување на спорот со Скопје, порачувајќи дека Северна Македонија „припаѓа во семејството на ЕУ и тоа што е можно побрзо“. Германскиот канцелар Олаф Шолц, вчера порача дека разговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ треба да почнат што е можно поскоро бидејќи секое одложување ќе го направи Западен Балкан ранлив на надворешно влијание.

Во контекст на зголемените безбедносните ризици за Балканот, Петков порача дека со влезот на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, регионот ќе биде постабилен, додавајќи дека соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ги споделуваме истите вредности со Унијата и со земјите на НАТО.

Ковачевски, на заедничката прес-конференција по состанокот на шефови на влади на земјите од Југоисточна Европа членки на НАТО, со премиерите на Бугарија, Кирил Петков, на Романија, Николае Чука и на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, потенцира дека одложувањето на пристапниот процес на земјите од регионот кон ЕУ, создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во Унијата.

– Оваа средба го отвора патот да спречиме какво било можно влијание врз нашата безбедност и стабилност во контекст на потенцијалните последици што би можеле да се појават од актуелната безбедносна и хуманитарна криза во Украина, нагласи Ковачевски и додаде дека земјите учеснички на состанокот остануваат цврсто на позиција на осуда на војната во Украина како нелегалната и нелегитимна инвазија на Русија.

Петков, прашан за дијалогот со Скопје, рече дека Историската комисија го известила оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите со Скопје за надминување на разликите.

– Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин што ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, рече Петков.  

Тој оцени дека се интензивира дијалогот со Северна Македонија и во следните неколку седмици очекува да се забрза.

– Работиме вредно, имаме состаноци и се надевам дека во следните неколку недели ќе забрзаме. Исто така, сакам да кажам и дека имаме добри вести за дел од билатералните средби меѓу различните министерства. Како што знаете, постојано потпишуваме меморандуми. Имам добри вести и за Комисијата за историја. Некои работи што беа тешки да се надминат сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ќе ви ги покаже моите намери да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес, оптимистичен сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро, оцени Петков.

Бугарскиот премиер додаде дека заедно со Ковачевски поставиле неколку одредници што треба да бидат остварени, а коишто биле дискутирани на претходните средби, порачувајќи дека Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ и тоа што е можно побрзо.

– Нашата Влада сака да го постигне овој резултат што е можно побрзо. Како што сите знаеме, имаме неколку одредници што треба да ги постигнеме, како и заштитата на правата на малцинствата, ова го дискутиравме и претходно. Во блиска координација сме со европските партнери коишто често служат како трета страна во овие преговори и очекуваме заедно да работиме кон преговорите и сигурен сум дека, се надевам дека наскоро ќе го постигнеме тоа. Имаме заедничка цел и секако го поддржувам фактот дека со оваа криза што ја имаме со војната во Украина Западен Балкан треба да биде што е можно постабилен, а добар дел од патот кон оваа стабилност е токму пристапувањето на Северна Македонија и на Албанија, истакна Петков.

Во однос на заедничката Историска комисија, Ковачевски од своја страна рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.

– На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите, рече Ковачевски.  

Тој посочи дека се интензивира комуникацијата со Софија, како од институционална перспектива, така и од перспектива на граѓаните.

– Имаме практични проекти од перспектива на компаниите и институциите во земјите, како и од перспективите на граѓаните. Имаме подобрена комуникација меѓу нашите образовни институции. Веќе имаме оперативна авионска линија меѓу Софија и Скопје и нашите министри работат на инфраструктурни проекти коишто ги поврзуваат двете земји.  Во врска со политичките прашања министерствата за надворешни работи на двете земји работат и се на ниво на размена на идеи и документи, но се уште нема конечен документ за којшто сме договорени и штом се случи тоа тогаш можеме да го споделиме со релевантните институции во двете земји, рече Ковачевски.  

Премиерот оцени дека комуникацијата меѓу две соседни земји мора да се заснова на вредности на соработка на европски вредности, на заемно разбирање и доверба, како и почит и ова е начинот на којшто две соседни земји треба да комуницираат меѓу себе.

Отворањето на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, беше тема и на вчерашната средба на претседателот Стево Пендаровски со министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер.

Пендаровски истакна дека отворањето преговори со двете земји не само што е заслужен и логичен чекор по одлуката на Советот на ЕУ во март 2020 година, туку во денешниот контекст и безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на регионот, како и на самата Унија.

Претеседателот порача дека ЕУ мора да преземе стратешки исчекор и принципиелен став кон земјите кои покажаа целосна усогласеност со надворешната политика на Унијата, како нивни вистински и кредибилни партнери, споделувајќи ги истите вредности на слободниот и демократски свет.

Германскиот министер вчера се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, при што двајцата оценија дека позитивните сигнали од ЕУ за земјава се добредојдени, но неопходни се конкретни чекори од страна на Унијата, особено имајќи ја предвид нестабилноста која ја предизвикува воената состојба во Украина, која всушност е војна и против слободна Европа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, вчера во Тетово оцени дека воената состојба во Украина повеќе ја потенцира важноста за ЕУ перспективите на Северна Македонија, отколку што негативно влијае за почеток на преговорите за членство.

Тој повтори дека и Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите за почнување на преговорите, а Европска Унија сака да види што поскоро отворање на преговорите, со пофалба и на напорите на  владите тука и во Бугарија за решавање на отворените билатерални прашања.

Во никој случај воената состојба во Украина не значи дека има некаков удел врз вашата земја, туку напротив тоа само ни ја потенцира важноста од страна на ЕУ да ја нагласи европската перспектива, што  дава сигурност, просперитет во рамки на еден демократски систем како што е самата ЕУ, оцени Гир.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак. вчера порача дека разговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија треба да почнат што е можно поскоро бидејќи секое одложување ќе го направи Западен Балкан ранлив на надворешно влијание.

– И за Германија и за Шведска е јасно дека ЕУ мора да продолжи со институционалните реформи за да се направи способна за проширување, рече Шолц на прес-конференцијата по средбата со шведската премиерка Магдалена Андерсон.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *