Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас. Ние сме особено горди на нашите сограѓани Евреи затоа што тие сите нас нѐ потсетуваат на конечната победа на животот над уништувањето и на сеќавањето над заборавот. Затоа ние одбираме да се сеќаваме за да не ни се повтори, рече претседателот на државата Стево Пендаровски на комеморативната вечер за депортираните 7144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка пред 79 години.
На комеморацијата во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, Пендаровски рече дека на неодамнешниот Меѓународниот форум за холокаустот во Малме Северна Македонија се обврзала во наставната програма за основното образование да вклучи содржини што ќе го адресираат антисемитизмот и негирањето на холокаустот. Како држава се обврзавме, рече тој, да организираме и задолжителни посети на Меморијалниот центар од сите ученици од основното и средното образование.
Шефот на државата порача дека мора да се сеќаваме на жртвите на холокаустот и „да не заборавивме дека секој од тие 7144 е човек со име и презиме, со вродено и неотуѓиво човеково достоинство“.
-Со векови Евреите биле неразделен дел од македонскиот етнички, верски, јазичен и културен мозаик. Како почитувани еснафи, лекари, уметници и духовници, придонеле за развојот на општествениот, економскиот и културниот живот. Евреите заедно со македонскиот народ ги споделувале и неговите стремежи и неговите жртви во борбата за слободна држава. Сето тоа запрело на 11 март 1943. Статистиките се запрепастувачки. Од околу 24 илјади македонски жртви во Втората светска војна, речиси една третина биле Евреи, поточно 7144 мажи, жени и деца кои биле насилно собрани во скопскиот Монопол и депортирани во логорот на смртта. Тие претставувале 98 проценти од вкупната македонска еврејска заедница, рече Пендаровски.
Тешко е да се замисли, а уште повеќе да се опише монструозноста на холокаустот, рече тој, во ерата на разумот, во научно и технолошки најразвиениот континент на светот и меѓу дотогаш најобразованата генерација.
-Дали има надеж по холокаустот? Јас сум убеден дека има. Причина за надеж се праведните меѓу народите, кои ги ризикувале сопствените животи за да спасат Евреи. Меѓу 14-те илјади праведници запишани во „Јад Вашем“ е и Стојан Богоја Силјановски, инвалид со една нога, кој имал дуќан во центарот на Битола, веднаш спроти полициската станица, кој за време на депортацијата криел осум жени Еврејки – меѓу нив идни партизанки кои се спасија од холокаустот и станаа витален дел од антифашистичката борба, рече Пендаровски.
Амбасадорката на Израел Симона Франкел во обраќањето рече дека македонските Евреи во Битола, Штип и Скопје пред депортацијата имале мирен живот, богат со нивната култура и традиција.
-Тие уживале во слободата да ја практикуваат својата религија, што им било овозможено од заемно почитување на околните заедници. За жал, на сето ова ненадејно му дошло крај. Северна Македонија изгубила најголем дел од своите Евреи од која било земја во светот. Дури 98 проценти од нив биле сотрени во холокаустот и никогаш не се вратиле дома. Потомците на тие еврејски заедници кои живеат во Израел до ден-денес продолжуваат да го чуваат споменот на своите предци и одржувајќи ја нивната врска со Северна Македонија тие го обезбедуваат наследството на оние што повеќе не се меѓу нас, рече Франкел.
Не може да ја игнорира, рече таа, трагедијата на милиони бегалци од војната во Украина меѓу кои има и многу Евреи на кои им помагаат повеќе од стотина израелски дипломати кои стојат на границите на пет земји околу Украина. Тие, за разлика од Евреите во холокаустот, рече Франкел, ја имаат Државата Израел и гордо може да го кажат својот идентитет.
Израелската амбасадорка го честиташе приемот на Северна Македонија за 35-та членка на Интернационалната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА), како и неодамнешниот избор на Пепо Леви за нов претседател на Еврејската заедница во Република Македонија и рече дека имаат целосна поддршка од Израел.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз порача дека борбата против негирањето и искривувањето на холокаустот бара повеќе од зборови и мисла, бара акција, не само од властите, туку и од обичните граѓани.
-Никогаш не смееме да дозволиме историјата од пред 79 години да се повтори. Сега е време да ги покажеме нашите вредности на хуманост и почит, време е да се стави крај на антисемитизмот и да се отфрли негирањето и искривувањето на холокаустот. Овие деструктивни, дрски наративи служат само сеење раздор и поделба, особено во ова време од витално значење е да се запамети дека религиите, етничките припадности и културите кои го сочинуваат ткивото, не само во Северна Македонија, туку и на нашите пријатели и сојузници заслужуваат да се слават и почитуваат. Антисемитизмот заедно со каква било форма на расизам и ксенофобија нема место во современо општество, рече Брнз и додаде и дека и претседателот на САД Џозеф Бајден јасно кажал дека приоритет на неговата администрација е спротивставување на изобличувањето и негирањето на холокауст, поддршка за враќање на имотите, сеќавање и образование за холокаустот.
Брнз посочи дека Американската амбасада ја поддржува годишната Регионална летна академија за едукатори за споделување добри практики за предавање за холокаустот и еврејската историја на Балканот.
Претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви рече дека во нацистичките логори биле убиени 11 милиони луѓе, од кои шест милиони Евреи, а во Треблинка 925 илјади, меѓу кои и 7144-те македонски Евреи.
-Честопати се прашувам дали современото општество даде соодветен одговор на грозомроните случувања од Втората светска војна. Дали ја научивме лекцијата….Дали извлековме поуки, дали имаме сила да ги сопреме страдањата на милиони луѓе во целиот свет. Дали можеме да го сопреме растечкиот нацизам во срцето на Европа. Очигледно е дека треба уште и многу поинтензивно да се работи на заедништвото и соживотот. Едукацијата на младите е есенцијална, рече Леви, посочувајќи го случајот со припадниците од еврејската религиозна група Лев Тахор дојдени во земјава и, како што рече, „неверојатниот јазик на омраза и антисемитизам на социјалните мрежи, невиден на овие простори“.
На комеморацијата вечерва се обрати и Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот еврејски комитет и претседател на Меѓународниот советодавен совет на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и директорот на Меморијалниот центар на холокаустот Горан Садикаријо, кој ја отвори изложбата „Живот“ посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновиле заедницата и придонеле во градењето на повоената држава.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7144-те македонски Евреи.