На ист начин како што Германија најде мир исклучиво во Европската унија по 1945 година, „така и нам ни требаат сите шест земји од Западен Балкан да бидат во ЕУ за траен мир на нашиот континент“. Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија сега мора конечно да се реализираат, порачува во авторски текст германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
– Ние во Европската унија не можеме само да ги артикулираме нашите очекувања, туку сме должни да го одржиме зборот. Го разбирам разочарувањето во регионот поради дополнителните доцнења. Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и визната либерализација во согласност со Шенгенскиот договор – и едното и другото сега мора конечно да се реализираат. Притоа, не се работи само за технички преговори. Станува збор за иднината на нашата заедничка Европа, се работи за мирот кој деновиве е невидено загрозен и кој е од непроценлива вредност, порачува во својот авторски текст Бербок објавен во пресрет на нејзината денешна посета на Сараево кој го пренесува босанскиот портал Кликс.ба.
Во текстот таа ја осудува руската агресија на Украина, односно како што вели „новата војна среде нашата заедничка Европа“ и се поздравува Резолуцијата на ОН која како и Германија ја поддржаа сите земји од Западен Балкан, што е вели, силен и важен сигнал за единство.
Германија, додава таа, останува најважниот трговски партнер и најважниот инвеститор на Западен Балкан. Со својата надворешна политика во поглед на заштита на климата, сакаме во годините кои доаѓаат да соработуваме со регионот со цел постигнување енергетски пресврт.
-Новата сојузна влада ќе продолжи со Берлинскиот процес, започнат на иницијатива на Германија во 2014 година, кој многу придонесе за регионалната соработка – особено примерот на Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO и укинувањето на роамингот во регионот. Сега е важно да се спроведе акциски план за Заедничкиот регионален пазар кој предвидува заемно признавање на универзитетските и стручните дипломи. Од тоа имаат корист младите кои сакаат да соработуваат без разлика на границите, изјави Бербок.
Вратите на нашиот европски дом се ширум отворени. Сакаме животите на луѓето од Западен Балкан да почиваат на тие столбови и нивните земји да станат членки на Европската унија.
-Затоа во своето судство тие мора да имаат судии кои ќе се борат против корупцијата и организираниот криминал, во својата државна администрација да имаат службеници кои ќе бидат на услуга на граѓаните, без плаќање мито и затоа тие земји како силни демократии мора да негуваат плурализам кој на новинарите ќе им даде простор за слободно и критичко известување, наведува Бербок и додава дека и владеењето на правото е основа за економски напредок.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска ќе ги посети Сараево и Приштина, а утре во рамки на турнејата низ Западен Балкан заминува за Белград, од каде ќе отпатува за Молдавија.