Единаесет години од првиот број на македонскиот весникот „Илинден“

Весникот „Илинден“, кој е единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија, денеска одбележува единаесет години од објавувањето на првиот број.

-Пред точно единаесет години, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Во овој изминат период, весникот побуди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Весникот, додава тој, прерасна во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население надвор од границите на својата матична држава

Тој од име на редакцијата искажува посебна благодарност до читателската публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажала дека „навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија“.

-Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Им се заблагодаруваме и на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и на визуелната содржина на весникот. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот, рече Ѓурѓај.

Според него, до денеска испечатени се 48 изданија и со написите се дал голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и оти континуирано ќе работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Од мај 2017 година весникот е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.coм.

Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *