ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН
Втората монографија на македонски и на англиски јазик Славе Катин му ја посветува на „Семејството Јановци“, од село Велушина, Битолско, иселено во Канада, сопственици на успешна фирма во Торонто. Монографија за семејството Јановски е издание на „Македонска искра“ од Скопје, отпечатена во 2002 година, на 226 страници, на македонски и англиски јазик. Тоа е финансирано од семејството Јановски, а рецензити на ова значајно дело се: Алексо Јановски од Битола и протаставрофор Јован Босеовски, пријател на семејството Јановски и свештеник во македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто
Монографското дело е документ за потеклото, животот и судбината на семејството Јановци, во Македонија и во Канада. Таа опфаќа три генерации: постарата (родителите), средната (браќата) и најмладата (нивните потомци). Монографијата, главно, е наменета за идните нивни генерации, кои се раѓаат, растат и се формираат во Канада, со цел да не ги заборават сопствените корени.
Извори на податоците за книгата се браќата Петре, Марко и Васил, нивните роднини и пријатели. Целта на авторот Славе Катин е оваа книга кога ќе дојде во рацете на идните канадски потомци на Јановци, да го поттикне нивниот интерес за племето стројни и горди Македонци растурени по светот. Можеби таа ќе ги мотивира и ќе ги стимулира тие да дојдат во Македонија, да застанат за миг пред портите на убавите куќи на нивните предци во Велушина, но и да се подразмислат за вистинското значење на една порака на старите Римјани: „Каде што ми е убаво, таму ми е татковината“.
Инаку, по повод празникот посветен на македонскиот просветител и патрон на македонската православна црква „Св. Климент Охридски“, а во организација на Соборниот македонски храм што го носи неговото име и Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ (чиј член е и Катин), на 8 декември 2002 година, во Торонто, Канада, се одржа значајна културна семакедонска манифестација.
Во големата сала на храмот, а во присуство на неколку стотини членови на македонските православни црковни општини, на бројни македонски друштва и асоцијации, бизнисмени, македонски дипломати и видни граѓани на културната јавност од метрополата Торонто, беше претставено творештвото на хроничарот на македонското иселеништво, Славе Николовски Катин. Тогаш беше промовирано неговото најново двојазично дело (на македонски и на англиски), монографијата „Семејство Јановци“.
За Монографијата, пак, на доблесното македонско семејство на Петар, Марко и Васил Јановски, кое е познато и признато во македонската комуна во Торонто, а чии корени се од селото Велушина, Битолско, зборуваше протаставрофорот Јован Босеовски, свештеник од црквата „Св. Климент Охридски“.
Тоа е дело кое ќе предизвика поттик кај голем број македонски иселеници, особено кај помладите генерации, да не ги заборават дедовските корени во стариот крај – во Македонија. Напротив, тие треба да бидат мост на зближување, разбирање и соработка на нашата нова татковина Канада и на земјата на нашите претци – Македонија, како што е случајот со семејството Јановски, нагласил свештеникот Јован Босеовски.
За делото „Семејството Јановски“ зборуваше и поетот Алексо Лозановски, истакнат иселеник од Преспа. Во своето обраќање, тој рече дека монографијата „Јановски“ е ретко дело од ваков вид и затоа претставува значаен прилог за македонското иселеништво. Ова дело на Славе Катин, е документ за сите генерации на семејството Јановски.
Монографијата е трајно сведоштво за семејството Јановски и прекрасна слика за овие наши луѓе-Македонци, кои напуштајќи ја својата татковина Македонија поради економските проблеми со кои се судруваше земјата, во периодот на нејзината изградба и обнова, заминаа во непознатиот свет за да се потврдат и афирмираат како способни и успешни Македонци, на кои нивната Татковина е горда. Исто така, со пригодни зборови на присутните им се обрати и Ѕвонко Муцунски, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Канада, кој дојде специјално за промоцијата на монографијата.
Монографијата „Јановски“, предизвика голем интерест и во Велушина, Битола и во многу места ширум Република Македонија. Затоа, на 7 август 2003 година во селото Велушина се одржа промоција на публикацијата за семејството Јановци, кои оставиле убави спомени за соселаните да се сеќаваат на ова македонско семејтво за на век.
За монографија зборуваа Ѓорѓи Лумбуровски, пртседател на Научното друштво во Битола и д-р Димитар Керамичиев, пртседател на Матицата на иселениците од Македонија. Во дворот на селското училиште, а пред голем број присутни, гости и членови на семејството Јановски промоторите ја истакнаа важноста на ова монографија која ќе остане како мост на зближување и соработка меѓу Канада и Република Македонија.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН