Совет за безбедност: Безбедносната состојба во земјава е стабилна, има доволно стокови резерви и енергенси

Безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина беше тема на денешната 15. седница на Советот за безбедност, што се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. На седницата беа осудени воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета.

-Членовите на Советот констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна. Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување. На седницата беше информирано дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции беа задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба, информира кабинетот на претседателот.

На седницата беа присутни редовните членови на Советот: претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и членовите именувани од претседателот: Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

На покана на претседателот, на седницата на Советот присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, заменик-директорот на Агенцијата за национална безбедност и началникот на Генералштабот на Армијата. На седницата линковски се вклучија и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО и амбасадорот во Киев, кои информираа за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.

Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, државата, како што се наведува, ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев.

Како НАТО членка, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците.

Членовите на Советот беа информирани за активностите кои ги презема Владата, во контекст на пакетот рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се приклучи и Северна Македонија, а кои опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина. За нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.

– Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО, се наведува во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *