Мицотакис: Не може да се споделува културното наследство на Александар Велики

Немаме што да споделиме од културното наследство на Александар Велики, вели лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, одговарајќи на овој начин на изјавата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров дека во 21 век, две европски држави што го споделуваат географскиот регион Македонија, треба да најдат начин за споделување и на културни наследства.

– Немаме што да споделиме од културното наследство на Александар Велики. Бидејќи ја прочитав изјавата на Димитров дека треба да го споделуваме културниот идентитет, немаме ништо да споделиме. Александар Велики беше Грк. Нема сомнеж за тоа и нема да влеземе во дискусија или преговори за ова прашање. Тоа е основен дел од националниот идентитет. Не постои компромис за ова прашање, рече Кирјакос Мицотакис, а како пример спомена прашање во квиз во британско шоу. На прашањето „Која националност бил Александар Велики?“, одговорот, дека бил Грк, бил земен како погрешен, затоа што точниот одговор бил: Македонец.

– Овие прашања предизвикуваат емоционални реакции, коментираше Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија, како што јави дописникот на МИА од Атина, е во посета на САД и во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, говореше за грчката надворешна политика и прашањето за името. Во однос на преговорите, Мицотакис, рече дека не е особено оптимист, а овој негов став го поткрепи со начинот на кој грчката Влада се справи со прашањето од самиот почеток. Сепак, објасни дека Владата во Скопје е отворена за компромис, а ги повтори и позициите на Нова демократија за пакет решение.

– Ние секогаш говоревме за пакет решение. Ова не е решение што може да се реши во чекори. И секако, пакет решението треба да вклучува промени од Скопје во Уставот, според мене тоа е задолжително, но исто така и да се справува со прашањата за идентитетот и иредентизмот што се уште постои во учебниците. Овие прашања понекогаш се и поважни отколку прашањето со името, потенцираше Мицотакис.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *