Следната седмица во Скопје состанок на експертско ниво, да не се создава притисок со рокови кај заедничката историска комисија

Да не се создава притисок со рокови кај Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку целта е да се создаде процес на доверба за решавање на спорните прашања. Следниот состанок на експертско ниво меѓу двете министерства за надворешни работи ќе се одржи во Скопје на 23 февруари, изјави вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Тие состаноци алтернативно се менуваат. Во Софија имавме состанок на политичко ниво, потоа имаше повторно на експертско ниво во Софија, деновиве очекуваме повторно да имаме разговори на највисоко политичко ниво, за потоа на 23-ти во Скопје ќе има разговори на експертско ниво, рече Османи.

На тој начин, според него, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.

Прашан дали може без финално решение на Комисијата за историски прашања да почнеме преговори со ЕУ, Османи вели дека таа Комисија е долгорочен процес и оти нејзина цел е да ја конзервира темата во неа, за општествата и политичарите да не дебатираат за историја и тие историски прашања, како што вели, да не ја контаминираат билатералната, секојдневна комуникација.

– Тоа е најважниот квалитет на таа Комисија и доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растеретат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите бидејќи ние велиме, да, треба да се надминат тие разлики, но никој не очекува  дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати, истакна Османи во гостувањето на ТВ Сител.

Според него, овој пристап не треба да создава притисок за рокови, но треба да создаде доверба кај двете страни дека сепак нема намерно кочење, нема намерно одложување, туку дека има еден нормален процес на научна дебата.

Во однос на предлог-декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за чествувањето на Гоце Делчев, поднесена во Собранието, Османи смета дека таа е класично политичко киднапирање на важно национално прашање за дневно-политичка потреба. – Никој нема проблем со содржината на предлог-декларацијата, туку со нејзината форма – процесот да се извади од Историската комисија, да се префрли на политички фронт, да стане обид за компетиција со бугарскиот Парламент кој од двата парламента ќе донесе посилна деклрација за Гоце Делчев. Тоа не е решение, оценува шефот на дипломатијата .

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека позициите на државава во однос на надворешната политика се единствени и јасно позиционирани во рамки на декларациите и резолуциите што се донесени во Собранието.

Позициите на Северна Македонија во однос на единството, како внатре во државата, така и надвор од државата во меѓународната политика се многу јасно и чисто дефинирани во нашето уредување и исто така многу се јасно позиционирани во рамки на декларациите и резолуциите што се носени во нашето Собрание и на коишто ние се придржуваме и со тоа можам да ви кажам дека ние комплетно стоиме зад ставовите коишто се изградени во Собранието, рече премиерот.

Претседателот на Франција Емануел Макрон вчера се сретна со бугарскиот премиер Кирил Петков во Брисел на маргините на Самитот ЕУ – Африканска унија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Макрон и Петков разговарале за кризата во Украина, а потоа се осврнале на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија.

-Претседателот на Француската Република го охрабри продолжувањето на дијалогот за изнаоѓање решение за спорот што ќе овозможи официјално отворање на преговорите за членство за Северна Македонија и Албанија, информираат француските дипломати за МИА.

Поранешниот специјален претставник на Владата во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски синоќа пак изјави дека при крајот на 2020 година сме биле близу до решавање на проблемот.

– Мислам дека бевме многу блиску пред Новата година 2021. Мислам дека бевме блиски со ставовите на либералниот дел од бугарската Влада. И тогаш беа на маса петте точки. Мислам дека имаше сериозно приближување. Акцентот падна на точки коишто можат да се решат, изјави Бучковски за ТВ Канал 5, додавајќи дека ќе продолжи да работи на каузата и ќе се труди да дојде до зближување на двата народа и надминување на сите проблеми.

Во Скопје вчера се одржа состанок на четвртата работна група за продлабочување на билатералната соработка меѓу владите на Северна Македонија и на Бугарија во делот на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот, која, како посочија на заедничката прес-конференција по средбата министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков, поминала во пријателската атмосфера и со акцент на продлабочување и интензивирање на веќе воспоставената соработка во изминатите години.

– Имаме навистина многу голем напредок, но она што веќе е една воспоставена долгогодишна соработка меѓу двете земји. Со секој изминат состанок ние тоа го заклучуваме дека соработката во полето на образованието и културата е навистина голема меѓу двете земји и таа само се интензивира на полиња кои што досега или не биле опфатени или на полиња кои досега сме сметале дека сме постигнале одреден напредок, изјави Костадиновска Стојчевска.
Бугарскиот министер Николај Денков, по средбата, изрази благодарност за пријателската атмосфера, која што, како што посочи, овозможила да направат голем чекор напред во конкретните активности во следните месеци. – Разгледуваме конкретни проекти кои сакаме да ги реализираме во следните месеци. Искуството на Бугарија во Еразмус програмата ќе помогне на нашите пријатели и колеги да бидат поуспешни. Имаме и заеднички научни програми, во различни области каде што колективи и од двете земји прават истражувања, изјави Денков.
Во однос на програмата Еразмус, Денков посочи дека откако ќе се потпише меморандумот меѓу двете агенции, веднаш ќе почне планирањето на активности за размена на студенти и професори.
Во меѓувреме, вчера во Скопје се одржа собраниската Комисија за европски прашања на која власта и опозицијата повторно си ги разменија различните гледишта на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата за 2021 година што беше разгледан на седницата, со задоцнување од речиси пет месеци од неговата презентација. Причината за тоа, како што истакна претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, била  немањето услови заради одржувањето на локалните избори, оставката на Владата и изборот на новата Влада.

Евроамбасадорот Дејвид Гир повтори дека Извештајот потврдува дека земјата ги исполнува условите за старт на преговорите, но и дека треба да се продолжи со реформите за остварување натамошен напредок кон нивната имплементација во борбата против корупцијата и организираниот криминал, владеењето на правото, во изборното законодавство, реформите во јавната администрација.

Тој повика на ревидирање на Изборниот законик, со цел да не се злоупотребува европското знаменце и да има помала употреба на закони по скратена постапка, а Парламентот да ја засили својата улога и да има конструктивен дијалог меѓу партиите.

Вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ ја искористи можноста при првото учество во работата на Комисијата да ги презентира приоритетите на неговото работење – подобрување на координацијата и насочување на реформите за целосна европеизација во земјава, за што Собранието има улога бидејќи сите нови закони мора да го поминат филтерот на собраниските тела и пред се оваа комисија.

-Процесот на евроинтеграцијата е прашање околу кое треба да имаме обединет пристап за да можеме поефикасно да ги споведеме реформите во заеднички интерес на сите политички партии но и на целата држава. Темпото на реформите најмногу зависи од нашата посветеност и искрен пристап како и широкиот конзензус во општеството, но исто така и во ова наше Собрание, што е неопходен за да напредуваме со посакуваното темпо. Формалниот почеток на пристапните преговори секако дека ќе го обезбеди неопходниот поттик за спроведување на подлабински реформи со забрзана динамика, но тоа не значи дека ние додека ги почнеме преговорите ќе седиме и ќе чекаме напротив, многу скоро очекуваме нов прилагоден реформски план со нови задачи, рече Маричиќ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во меѓувреме се сретнал со евроамбасадорот Дејвид Гир со кого разговарал за актуелната политичка и економска состојба во земјава и за евроинтеграциите, како и за геостратешките случува во регионот и Европа. – Претседателот Мицкоски го информираше Гир за почестата злоупотреба на европското знаменце при носење на законите во Собранието од страна на парламентарното мнозинство, додавајќи дека власта не ги прифаќа конструктивните забелешки и амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ кои значат бенефит за граѓаните, стои во соопштението од партијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *