Франција со безрезервна поддршка за почеток на преговори, очекувања за резултат од новата динамика во разговорите Скопје-Софија

Ставот на актуелниот претседавач со ЕУ, Франција е јасен – а тоа е безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, рече вчера францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Тој кажа дека ако во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на преговорите, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе и биде и вистинска чест. 

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, пак, вчера подвлече дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и идентитет, но главен стремеж на земјава се и преговорите со ЕУ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, изрази очекување дека новата динамика во разговорите ќе резултира со позитивно решение и оти за нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција со земјите од Западен Балкан со јасно поставени стандарди.

Францускиот амбасадор Бомгартнер, во однос на тоа дали смета дека новиот пристап во дијалогот меѓу Скопје и Софија ги дава посакуваните резултати, тој вели оти станува збор за работа што е во тек, за којашто преговараат двете земји, но оти го охрабрува раздвижувањето на разговорите.

– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува. Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има  совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции, рече Бомгартнер.

Тој подвлече дека со огромно внимание се следи ова прашање во европски рамки, но овој процес во моментот е во билатерални рамки, и повтори дека и француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабрува раздвижувањето и оти се подготвени како француско претседавање со ЕУ во даден момент да ја преземе својата одговорност.  

Во однос на тоа дали Франција ќе преземе конкретна иницијатива во следните месец два во однос на ова прашање, тој вели оти Франција не е таа којашто ја утврдува агендата.

– Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно Северна Македонија и Бугарија. И се ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Ќе ви кажам дека француското претседателство со ЕУ заедно со европските институции е спремно кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите, заклучи Бомгартнер на конференцијата во МНР посветена на спортската дипломатија.

Во Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија, што ја усвои вчера Владата на седница, како што информираа оттаму, главна цел е трансформирањето на ЕУ во една силна Европа во светот, целосно суверена, слободна во својот избор и господар на својата иднина.

-Како исклучително позитивен и значаен е делот од програмата со кој недвосмислено се потврдува посветеноста за Западен Балкан, притоа силно нагласувајќи ја важноста и одговорноста на ЕУ која ја има кон европските перспективи за земјите од регионот, информираа од Владата.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи, во почетокот на месецот беа во посета на Париз, каде што го претставија македонското досие за евроинтеграциите и добија јасна поддршка од Франција за што е можно поскоро отворање на преговорите со ЕУ.

Минатиот месец, шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дријан, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, изрази надеж дека за време на француското претседателство со ЕУ може да се одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, и дека Скопје и Тирана може тогаш да ги започнат преговорите за членство во ЕУ.  

Маричиќ, пак, е дециден дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но главен стремеж на земјава, нагласува, се и преговорите со ЕУ.

Во утринското гостување вчера на Канал 5, Маричиќ се осврна и на Договорот од Преспа чии придобивки, како што оцени, се гледаат на дело, а Грција стана наш поддржувач во ЕУ.

-Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме, рече вицепремиерот.

Тој додаде дека двајцата нови премири во Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.

-Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За останатите прашања, кои се од грижа на Бугарија ние сме подготвени да разговараме, нагласи Маричиќ.

Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.

Маричиќ рече дека наша задача е да ги трансформираме институциите во рамките на ЕУ, но и на патот кон неа. Според него, ЕУ е синоним и симбол за средена држава, подобри патишта, подобро образование, повеќе можности за вработување и дома и во останатите земји-членки, повеќе можности за развивање бизниси, заеднички пазар, закони кои важат за сите, подобро судство и општо, подобри услови и повеќе можности за граѓаните.

Според него, подобар пат од ЕУ немаме, секоја друга алтернатива за земјава ќе ги стимулира граѓаните да го бараат спасот надвор од државата, ќе гледаат како да одат да работат во земјите-членки на ЕУ со својот или со друг пасош.

Сепак, според Маричиќ, за процесот на европеизација потребна е поддршка и помош од сите граѓани – да се почитуваат законите и да се користат можностите на ЕУ, бидејќи влезот во ЕУ не значи автоматско исчезнување на проблемите, но значи учество во систем кој има начини да ни помогне за да ги решиме проблемите, многу подобро и полесно отколку доколку сме надвор од тој систем.

Следната седмица, согласно утврдената динамика во разговорите со Бугарија, состанок ќе одржи работната група за евроинтеграции, а до крајот на месецот треба да се одржи и состанок на Заедничката комисија за историски и образовни прашања.

Согласно новиот пристап во разговорите со Софија, утврден на заедничката меѓувладина седница во Софија што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања ќе се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.

Досега се одржаа состаноци на Работната група за економија, трговија и иновации и на Работната група за инфраструктура, транспорт и поврзување, како и средба на експертско ниво за политичкиот пакет прашања, на ниво на претставници на двете Министерства за надворешни работи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *