Почнаа меѓупартиските консултации за измени на изборното законодавство

Во моментов не се потребни предвремени избори, туку справување со пандемијата, енергетската криза и економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните и стопанството, сметаат владејачката СДСМ и коалициските партнери. За барањата на опозицијата за измена на изборните правила велат дека е неопходна поширока дебата и меѓупартиски консензус.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бара предвремени избори и укинување на „пржинската влада“ или предлог- законот за изменување на законот за владата на Република Македонија, по скратена постапка. Овој предлог-закон е ставен како точка на дневен ред на 62 -та седница на Собранието, закажана на 10 февруари.

Според премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозна зашто постојано повикува на  предвремени избори во време на пандемија и во најголема енергетска криза во Европа и кога е се уште присутна економска криза.  Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не се занимава со ништо друго, освен со барања за предвремени избори, а нив, како што рече, ќе ги има во 2024 година.

Процесот за нов Изборен законик односно на моделот на избори, според Ковачевски, треба да биде прво во работни групи кои ќе го дефинираат, а притоа ќе бидат вклучени експерти и стручна јавност со цел да бидат видени, како што рече, сите предвидувања како ќе изгледа изборниот процес врв основа на претпоставен нов изборен модел.

-Изборниот законик секогаш се носи со консензус. ВМРО-ДПМНЕ излезе со нивни предлог како треба да изгледа една изборна единица, но нивниот коалициски партнер Алијанса имаше друг став по тоа прашање. Што се однесува на барања за промена на Уставот и за промена на број на пратеници, веднаш излегоа со барања и други политички партии што значи дека за такви барања треба да се седне  и да разговараат сите партии во однос на уставни промени. Тоа е процес кој трае подолг период и за кој е потребно да се отвори постапка што потоа поминува низ филтри на различни институции во државата и низ консултативен процес, истакна премиерот Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери почнаа разговори со парламентарните политички партии, пред се со партиите потписници на Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Најавија дека во текот на наредните денови ќе следат разговори и со другите парламентарни политички партии.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека целта на средбите се измените кои што се предлагаат, односно формирање една изборна единица, нешто што како Предлог – закон, вели, е стигнат во Парламентот потпишан од одреден број на нивни колеги пратеници. Тој информира дека вчера имале средба со Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и со Љупчо Балковски од ВМРО – Народна партија на која се разговарало за една изборна единица и поставување изборен праг.  Мицевски најави дека ќе следат дополнителни средби и со други претставници на парламентарни партии на кои ќе бидат разменети мислења и искуства во однос на ова законско решение.

За законот за укинување на „пржинската влада“, апелираше до сите партии потписници сериозно да го разгледаат и да дадат поддршка, и да се врати старото законско решение.

Најголемите четири политички партии, истакна Мицевски, имаат отворена врата за да го поддржат ова законско решение и доколку има одредени несогласувања со амандмани тоа да може да се смени и да се реагира и во Законот за Влада, а посочи дека ќе треба да се реагира и со измени во Изборниот законик кои што се поврзани со пржинската влада.

За СДСМ е лицемерно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници и за една изборна единица.

Координаторот на партеничката група на СДСМ Јован Митрески  изјави дека предлогот за една изборна единица датира уште од 2016 година и бил блокиран токму од ВМРО-ДПМНЕ со поднесени илјадници амандмани.

Според него, за сите прашања во врска со измените на Изборниот законик и за укинување на техничката или т.н. „пржинска“ влада треба да се обезбеди консензус. Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ таков консензус досега нема обезбедено ниту со „нивниот коалициски партнер Алијансата за Албанците“.

– За сите овие прашања треба да разговараме, треба да се отвори дијалог, за да обезбедиме консензус. Начинот можеме да го најдеме. Имаме време за тоа, со оглед на тоа што изборите ќе бидат во 2024 година. Заедно сите со консензус да обезбедиме квалитетни законски решенија што ќе значат поголема демократизација на државата, рече Митрески.

Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов вчера во Собранието по средбата со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошевски, ги презентирал ставовите на ДС за  реформите на изборните правила, кои според нив, треба да се одвиваат во три фази.

Во првата фаза, според Трајанов, треба да се донесат измените на Изборниот законик, со што земјава ќе биде една изборна единица и без изборен праг, во втората фаза – да се направат поцелосни реформи на изборните правила, со кои ќе се отстранат системските предности на четирите партии, посебно во врска со медиумското претставување и финансирање на изборната кампања од Буџетот на државата и во третата фаза – уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90.

Демократскиот сојуз е за укинување на „пржинската влада“, бидејќи таа, според нив, е надвор од уставниот систем. ДС е за само 20 дена експертска влада, на предлог на претседателот на државата.

Прашан до кога треба да се донесат измените на Изборниот законик, Трајанов рече дека очекува во текот на следните 15 дена Комисијата за политички систем и односи со заедниците да започне расправа по предлог законот, кој што веќе е во парламентарна постапка. Најави разговори и со ДУИ и со претставниците од другите партии. Ќе предложат да се одржи јавна расправа, на која ќе бидат поканети сите парламентарни и вонпарламентарни партии, ОБСЕ, ОДИХР, ЕУ и експерти од НВО за да се презентираат сите аргументи, кои се за или против измени во изборната регулатива.

За промените на изборните правила вчера се огласи и Демократската партија на Турците на Македонија (ТДП). Апелираше политичките партии целосно да се посветат на предлогот на повеќе пратеници, да се воведе „пропорционален модел„ каде територијата на Република Северна Македонија би била една изборна единица без изборен праг.

„Пржинската влада“ беше дел од договорот што на 2 јуни 2015 година го постигнаа СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА како дел од решението за разрешување на тогашната политичка криза.

Според договореното, „Пржинска влада“ се избира на 100 дена пред одржување на парламентарни избори. Техничкиот премиер го предлага власта, а опозицијата кандидати за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за земјоделство, за финансии, за информатичко општество и администрација. Од владејачката партија, пак, се поставуваат дополнителни заменици министри во ресорите внатрешни работи и труд и социјална политика.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *