ДЕЛОТО „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“– ПРВА ИСЕЛЕНИЧКА МОНОГРАФИЈА ЗА МАКЕДОНЕЦ ОД САД

ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН

Во издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Ме­тодиј“ во Скопје и Министеството за иселеништво на Република Ма­ке­донија, во април 2000 година, излезе од печат монографијата Атанас Близнаков“, на 334 страници на македонски јазик, чиј рецензенти се проф. Д-р Радмила Кипријанова и проф. д-р Тодор Џунов

Оваа монографија Славе Катин му ја посвети на животот и делото на најголемиот македонски донатор и хуманист од дијаспо­ра­та, кој заед­но со својата сопруга Славка ја формира Фондацијата „Атанас Близна­ков“ на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Во монографијата за Атанас Близнаков се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат, со посебна нагласка на неговата донаторска дејност. Трудот е компониран во пет дела, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат.

Кој е човекот што одбележа цел еден век со своето патриотско и хумано дело, со кое ќе остане во трајно сеќавање на генерациите млади Македонци – корисници на стипендии од неговата Фондација? Кој е човекот кој на младите Македонци и на својата земја и’ подари четири ми­лиони американски долари?

Во целиот свој животен пат делбата на Македонија ја сфаќаше како трагедија и погуба за македонското дело. Затоа со формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, тој беше убеден дека ќе даде драгоцен придонес за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време тоа ќе претставува поттик и инспирација за идните генерации во иселеништвото и пошироко.

Истакнатите универзитетски професори д-р Радмила Кипри­ја­но­ва и д-р Тодор Џунов, како рецензенти на монографијата, го потврду­ваат еви­дентниот факт дека Славе Николовски – Катин непосредно и аргу­мен­тирано ја пренесува животната судбина и определбата на го­ле­миот донатор и хуманист Атанас Близнаков, кој својот долгогоди­шен жи­во­тен пат го изоди чесно и достоинствено и го вгради во светото ма­ке­дон­ско патриотско дело.

„Не знам што е потешко – да се одживее достојно за почит и чесно скоро едновековен живот, или да се напише книга за еден таков живот? – се прашува д-р Џунов и додава: „Во овој случај автор­скиот труд за нашиот почитуван сонародник Близнаков личи на светло огледало или на веродостоен документ за еден таков живот. Документ кој е верен одраз на еден живот и на едно дело достој­но за почит. 

Монографијата за Атанас Близнаков е промовирана на 19 април 2000 година во Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, по повод 23-го­­­диш­нината од основањето на Фондацијата „Атанас Близнакоф“. Кни­гата ја промовираше проф. д-р Радмила Кипријанова, а за делото збо­ру­ваше и неговиот автор Славе Катин. По повод овие два значајни настани одржана е и свечена седница на Управниот одбор на Фондацијата, на која за монографијата „Атанас Близанков“ говореа ректорот Александар Ан­чевски и министерот за иселеништво м-р Мартин Треневски.

Со осамостојувањето на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, Славка и Атанас Близнакови добија ма­кедонско државјанство што за нив беше голема чест и гордост. Со тоа тие беа државјани и на Соединетите Американски Држави и на Републи­ка Македонија, за што Атанас Близнаков зборуваше со одбрани зборови.

Инаку, Атанас Близнаков со неговата сопруга Славка живееше во Скопје повеќе од дваесет години (1976-1998). Во тој период Близнаков публикуваше две книги. Првата е ,,Д’мбени и револуционерното минато во Костурско”, издадена од Издавачката куќа ,,Мисла” од Скопје во 1982 година, а втората е ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада”, што ја издаде ,,Култура” од Скопје во 1987 година.

Книгата за неговото родно село Д’мбени има цел да ја запознае младата генерација со активностите, дејноста, корените и животот на Македонците од Костурскиот крај, кои, не по своја вина, се распрскани насекаде по светот, но со душата се врзани со дедовската земја, Егејска Македонија

Во второто дело ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада” го презентира македонското иселеништво, особено првата генерација доселеници во САД и Канада. На многу жив и наративен начин го дава интегрирањето на македон­ското иселеништво во новата средина, организирањето на македонски­те друштва и клубови, весници, организации и црковни општини. Книгата, всушност, е пресек на историјата и збиднувањата на македонските доселеници во САД и Канада.

Благодарение на порталите „Македонска нација“ и „Маке-донско сонце“ од Скопје, од публикацијата Атанас Близнаков“ биле печатени 35 продолженија од ова дело, што значеше запознавање со донаторството на македонските иселеници..

Продолжува

1Dusan Ristevski ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *