ЗОРАН ЌОСЕСКИ – ДИПЛОМАТ ВО АВСТРАЛИЈА И АФИРМАТОР НА МАКЕДОНИЈА

 

 

Зо­ран Ќо­се­ски е роден на 11 октомври 1963 година во Струга, градот на поезијата, како што често го нарекуваат. Тој се родил на големиот македонски празник „11 Октомври“, на денот на народното востание на македонскиот народ , кој се празнува во Македонија. Востанието како што е познато, било кренато против фашизмот и со тоа започнала борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, таа дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Во 2007 година Зоран Ќосески бил назначен за прв почесен конзул на Република Македонија во Западна Австралија.

Бидејќи неговиот татко заминал за Австралија уште од 1966 година, во јуни 1970 година ги повлекол својата сопруга и синот Зоран на петтиот континент. Штотуку не почнал на училиште во Македонија, Зоран заминал за Перт, Западна Австралија. Таму го започнал своето образование, завршил основно, средно  и високо,  дипломирал на Социолошкиот факултет во Перт во 1986 година.

Името и  активноста на Зоран Ќосески е тесно поврзано со  секојдневието на Македонците во Перт, Западна Австралија. Тој е еден од најактивните во Македонската православна црква „Свети Никола“ во Перт. Ќосески е Македонец интелектуалец кој е познат и признат и во австралиското општество и во македонската колонија и важи за еден од многу почитуваните Македонци на тие далечни простори. Како резултат на неговите активности, од 2007 го­ди­на е по­че­сен кон­зул на Република Ма­ке­до­ни­ја во ав­стра­ли­ска­та фе­де­рал­на др­жа­ва За­пад­на Ав­стра­ли­ја. Чест и обврска е тоа, што тој со големо задоволство е на страната на вистината за неговата родна татковина и е бранител и афирматор во неговата втора татковина – Австралија.

Како одличен и перспективен социолог, почитуван и верен граѓанин во австралиското општество се вработил како службеник во Владата на Западна Австралија. Како висок и ценет раководител во 2009 година, министерот на Владата на Западна Австралија Симон Обрајан (Simon O’Brian) му додели високо признание за неговата 20-годишна работа во Владата. Во 1992 година, пак, министерот Грем Каирет (Graham Kierath) го назначи за член на советодавниот совет- Одбор за мултикултурно општество во Владата на Западна Австралија.

Зоран Ќосески, заедно со голем број Македонци од Република Македонија ги започна своите активности во новата Македонската православна црковна општина што го носи името „Свети Никола“ во Перт. Во македонската заедница тој бил еден од најактивните, особено како долгогодишен секретар.

Инаку, првите Македонци дошле во Перт во дваесеттите години од минатиот век. Тие, претежно, биле од Беломорска Македонија и својот нов живот во „ветената земја“ го почнале како фармери, чистејќи ја шумата за да направат плодни површини, особено за градинарски култури со кои се занимавале во Македонија.

Покрај Перт Македонците од Костурско, од Леринско и од селата под легендарната планина Вич, дојдени овде уште пред 1925 година заминувале за Менџимап. Се смета дека Македонците први го пренеле тутунот како култура во овој дел на Австралија. Тие останале во новиот свет, но не ја заборавиле родната земја – Македонија. По Втората светска војна, имало нов бран македонски иселеници од Егејска Македонија, а од 60-тите години досега најголем бран македонски иселеници се од Република Македонија. Незаборавот го изразувале и го изразуваат со организирано собирање, другарување, заедничко живеење и чување на македонските традиции при што го зачувале својот идентитет, јазикот, верата и обичаите од родниот крај – Македонија.

Активностите во Обединетата македонска општина во Северен Перт, во која припаѓа и Зоран Ќосески започнале во 1977 година кога била купена една црковна зграда во која се одржувале поголем број активности од црковен и национален карактер. Оваа нова црква била осветена на 12 февруари 1978 година. Осветувањето го извршил поглаварот на МПЦ господин господин Доситеј и митрополитот Кирил, во присуство на илјадници Македонци.

Во состав на црквата „Свети Никола“, која има изградено нов македонски храм и Македонски центар, работи друштвото „Вардар“, КУД „Илинден“, радиочас, гласилото „Македонска мисла“, женската секција и други секции. Таа е голем центар за Македонците од тој дел на Перт, со кои се гордеат иселениците.

Црквата „Свети Никола“ се карактеризира по своето архитектонско решение, меѓутоа, најмногу е позната по живописот на фреските и иконите што претставуваат придонес на црковното сликарство  и културното наследство во Перт и пошироко.

Активностите на Македонците од Северен Перт биле крунисани на 26 јануари 1989 година, кога митрополитот Тимотеј го осветил Македонскиот центар, кој е место каде Македонците ги продолжуваат јазикот, обичаите и  традициите донесени од дедовската земја. Денес црквата „Свети Никола“ е под јурисдикција на Сиднејско-австралиската епархија на Македонската православна црква што ја раководи митрополитот Тимотеј.

Зоран Ќосески бил секретар и претседател на Македонската обединета општина и на Македонскиот совет за Западна Австралија, како и уредник и водител на радиочасот на Обединетата општина и на радиочасот „Македонски глас“.

Тој има големи заслуги на полето на новинарството. Така, тој бил еден од уредниците  на гласилото „Наш  свет“ кое се печатело од септември 1986 до 1992 година, како орган на Македонската обединета општина на Западна Австралија (инкорпорација). Гласилото го уредувал редакциски одбор чиј главен и одговорен уредник бил истакнатиот иселеник Сашо Цветкоски, а членови на Одборот биле Зоран Ќосески и Милорад Јакимов. Првиот број од „Наш свет“ содржел дваесет и осум страници. Се печател на литературен македонски јазик со кирилица, а имал текстови и на англиски јазик, што ги уредувал Зоран Ќосески.

Гласилото „Слово“,  во кое Зоран Ќосески бил уредник, се појавило со Одлука на Црковно-општинската управа од Перт, донесена на 14 декември 1982 година. Така, било решено списанието „Слово“ да излегува трипати годишно и тоа по поводБожиќ, Велигден и Илинден. Првиот број се појавил како троброј во периодот април – септември 1983 година, како орган на Македонската православна црква „Свети Никола“. Гласникот е отпечатен на македонски јазик со кирилица, на 48 страници, како списание.

Исто така, од 1991 до 1997 година Зоран Ќосески бил дописник  од Австралија на Македонската радио-телевизија,  како и дописник на DW, на BBC и на SBS радиото од Австралија. Објавувал текстови во весниците „Австралиско македонски неделник“ и „Денес“ од Австралија и во повеќе гласила во Република Македонија. Свој прилог на англиски јазик објавил во книгата „Македонска агенда“, на „Politicon“ изданијата од Австралија. Тој бил член на Друштвото на историчари во Западна Австралија, како и член на Советодавниот совет на Универзитетот на Западна Австралија, а бил и член на Комисијата за надворешни работи и одбрана на австралиската Лабуристичка партија.

Меѓутоа, тој жали што од историска гледна точка, досега вклученоста на Македонците во австралискиот политички живот е многу мала во споредба со она што може да биде. Но, интересно е дека и тоа полека се менува, така што денес има Македонци кои се градоначалници во неколку австралиски градови. Длабоко е убеден дека помладата генерација Македонци полека, но сигурно навлегува во австралискиот политички естаблишмент. Посебно го споменува многу познатиот на пошироката австралиска јавност, поранешниот спортист Петер Даикос, кој во австралискиот фудбал е наречен „македонско чудо“.

Владата на Австралија има добра соработка со македонската заедница, а како добар пример служи поранешната одлука да и додели на македонската општина во Перт еден милион долари неповратна помош за обнова и развој на спортско-рекреативниот центар наречен „Македонија парк“. Тој нагласува дека државната радио ТВ-мрежа СБС емитува радио и тв-емисии на македонски јазик а секојдневно се пренесува и дневникот на МТВ.

Во 2007 година Зоран Ќосески бил назначен за прв почесен конзул на Република Македонија во Западна Австралија. Во текот на овие десетина години тој е многу активен на дипломатско поле. Така, како јавна личност, редовно одржува средби и контакти со австралиската власт, особено со голем број министри во Владата, со кои приоритет му се економските, културните и билатералните односи и врски на двете земји – Австралија и Република Македонија.

Меѓу другото, почесниот конзул на Македонија во Австралија, Зоран Ќосески, во Меѓународниот клуб „Ротари Интернешенел“ во Западна Австралија ја предаде едицијата „130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик на Националната библиотека на Западна Австралија, кои ќе бидат силно збогатување на австралиската книжевност, како и нов импулс во културната соработка помеѓу Австралија и Македонија.

Исто така, тој беше вклучен во апликацијата на ОУ „Дебарца“ од Општина Дебарца за донација од Амбасадата на Австралија во Белград за ДАП програмата, која беше прифатена. Притоа, библиотеката на училиштето доби литература на англиски јазик и помагала за полесно учење на овој странски јазик. Донацијата беше поддржана од градоначалникот на Дебарца, Игор Трајкоски, а најмногу од македонскиот конзул Ќосески и амбасадорката Џулиа Фини.

Затоа, во 2013 година, почесниот конзул Зоран Ќосески го доби  Медалот за заслуги за Македонија за неговиот придонес за афирмација на Македонија во светот и унапредување на пријателските односи и соработка со Австралија.

Во врска со интегративните процеси на Македонија во Европската Унија и НАТО, Зоран Ќосески е дециден дека Европ­ска­та Уни­ја не е ком­пе­тент­на да и по­мог­не на Ма­ке­до­ни­ја во сво­и­те евро­ат­лант­ски ин­те­гра­ции, за­тоа што са­ма­та не си ги сле­ди сво­и­те прин­ци­пи и пра­ви­ла, од­нос­но ре­тки се др­жа­ви­те во Евро­па што мис­лат европ­ски. Пр­во, си ги гле­да­ат сво­и­те ди­рект­ни ин­те­ре­си, на при­мер, се­кој е пр­во Гер­ма­нец, Бри­та­нец, Фран­цу­зин итн., па по­тоа е Евро­пе­ец. САД се единс­тве­на­та свет­ска си­ла што мо­же, се­ка­ко, ако са­ка, да и по­мог­не на Ма­ке­до­ни­ја во евро­ат­лант­ски­те ин­те­гра­ции, а осо­бе­но за членс­тво­то во НА­ТО.

Тој вели дека Австралија никогаш немала проблем со името Македонија. Во тој контекст, вредно е да се напомене, дека Австралија го финансирала досега најголемиот македонско-англиски речник во светот што го издаде Австралискиот национален универзитет. Уште во Првата светска војна австралиски војници во рамките на британските воени сили активно учествувале на македонскиот фронт.

         Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *