ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА

АЛЕК КЛАШОВ – БИЗНИСМЕН НА ПЕТТИОТ КОНТИНЕНТ  

 

Сопственикот на фабриката „Патра“, Алек Клашов беше прв милионер од македонско потекло во Австралија, донатор на бројни македонски асоцијации и спонзор на Олимпијадата во Монтреал. Кога се пишува или зборува за деловните луѓе кои имаат македонско потекло, а живеат ширум светот, посебно место му припаѓа на Алек Клашов. Познат и признат бизнисмен не само меѓу Македонците, туку и меѓу Австралијците. Тој е човек кој оставил неизбришливи траги во севкупниот живот во македонската колонија во Мелбурн и пошироко.

Алек, или Цане Клашов, како често го викаат неговите пријатели и соселани, е роден во 1935 година во селото Буф, Леринско, кое е едно од најголемите и најреволуционерните македонски села во Беломорска Македонија. Тој е син на Ѓорѓи и на Полексија Клашови, син на тоа типично македонско семејство, кое ги негувало старите македонски традиции, обичаи, религија и патриотскиот дух, семејство кое во ослободителната војна во Грција дало две жртви: Крсте и Доне Клашови. Мајка му, пак, Полексија, е, исто така, од селото Буф, од семејството Србинови и таа имала силно влијание врз овој бизнисмен од висок ранг.

Инаку, неговото родно село Буф, Леринско, е сместено во пазувите на планината Баба, на надморска височина од околу 1.000 метри. Тоа лежи во котлината што ја прави планината Баба со Бигла, а низ него врви Стара Река. Населението во селото отсекогаш било македонско и до денес тоа не претрпело никакви етнички промени. Тоа е познато во минатото со својот хероизам и единство во борбата против непријателот. Селото настрадало во времето на Граѓанската војна во Грција и затоа над триста семејства пребегале ширум светот.

Меѓутоа, за одбележување е тоа што ваквата фатална политика за Македонците започнала уште од времето на диктатурата на генералот Јоанис Метаксас, од август 1936 година, кога силните мерки за денационализација на Македонците сé повеќе се влошувале, а во 1938 година со закон бил забранет македонскиот јазик. За да се учи грчкиот јазик биле  отворани дури и вечерни училишта каде учеле и постари Македонци, кои воопшто не го знаеле грчкиот јазик.

И покрај тоа, за време на грчко-италијанската војна (октомври 1940 година) и воопшто за време на Втората светска  војна, Македонците се вклучиле во антифашистичката борба за одбрана на грчката држава заедно со грчкиот народ. Нивните надежи дека со тоа конечно ќе ги остварат своите права на слободно изразување како Македонци не се оствариле.

Македонскиот народ, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички и е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Тоа го прифатила како основно средство, уште повеќе што обилните материјални средства дотогаш вложувани преку Патријаршијата и училиштата во Македонија, не го дале бараниот резултат.

Таму, во Егејска Македонија, северно од Лерин, во селото Буф, родното место на Алек Клашов, каде тој како дете поминал пријатни и тажни времиња, и денес владее национално и политичко ропство. Таму грчките националисти и шовинисти прават големи усилби да го обезличат македонскиот национален дух и да го уништат и длабоко да го закопаат богатото историско и културно минато на македонскиот народ од Егејска Македонија.

Животната сторија на Алек Клашов, како и на семејството Клашови е бурна, интересна, типична македонска. Тој потекнува од печалбарско семејство, а се знае дека меѓу првата група доселеници на американскиот континент кои дошле при крајот на XIX век биле токму буфчани. Неговиот татко Ѓорѓи го вкусил печалбарскиот леб во Америка пред Првата светска војна, кога пристигнал во „ветената земја“ и останал подолг период. Таму спечалил пари и потоа се вратил назад во селото.

Но, во 1937 година печалбарската судбина го однела во Австралија, неговата втора и последна татковина. Алек, пак, заедно со мајка му и сестра му Ордана стасал на петтиот континент во 1948 година, веднаш по Граѓанската војна во Грција и егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Тие заминале за далечна Австралија, но во грчките зандани ги оставиле двата браќа Павле и Симо, а третиот брат Вангел заминал за слободниот дел на Македонија. Со текот на времето, Павле и Симо се ослободиле од затворите и заминале за Канада, едниот во Торонто, а другиот во Хамилтон, каде и живеат, додека Вангел починал на македонската земја.

Инаку, историјата на протераните од своите дедовски прагови од Егејска Македонија е тажна и неповторлива. Таа е тесно поврзана со Оперативниот план на генералниот штаб на атинскиот режим кој предвидувал со офанзивни дејства да  ги истисне единиците на ДАГ од внатрешноста на земјата и да ги принуди да се концентрираат во пограничните подрачја каде што со употреба на целиот свој воен потенцијал да ги уништи или да ги исфрли преку граница.

Во рамките на подготовките за решавачки битки привремената демократска влада реши децата и изнемоштените старци да ги префрли преку граница. Врз основа на постигнатата спогодба помеѓу привремената демократска Влада на Грција и владите на источноевропските земји и Југославија беа евакуирани малолетните деца од 1 до 16 години. Тоа ги повлече и нивните родители да ги напуштат своите вековни домови. Затоа денес буфчани можат да се сретнат насекаде во светот. Нив ги има и тоа: во Америка над 200, во Австралија околу 1.000, во Канада повеќе од илјада, во Југославија околу илјада, околу  двесте во Буф и околу пет-шеесет буфчани во Бугарија, Чешка и Словачка, Русија и Романија. Се смета дека бројот на буфчани во светот е околу четири илјади и одредена бројка на млади луѓе кои не се чувствуваат буфчани, а повеќето од старите се одамна заминати од овој свет.

Националниот состав на населението во Егејска Македонија има претрпено големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија. До Балканските војни македонското население во Егејска Македонија било најбројно. Македонците под грчка власт биле и сé уште се изложени на асимилаторска тортура и присилна емиграција, со единствена цел да се измени етничкиот состав на Македонија. Меѓутоа, Македонците не само што постоеле, постојат, туку и ќе постојат, зашто не е лесно да се искорени еден народ, таму каде што живеел со векови и покрај сите мерки на насилие и денационализација.

Го посетивме Алек Клашов заедно со Андреа Бранов, негов соселанец и роднина, во неговиот дом што се наоѓаше во еден од најбогатите делови на Мелбурн. Куќата беше сместена во прекрасно зеленило, на голема површина, што е необично за куќа. Таа беше пространа, раскошна, со сите нишани на милионерска куќа. Го видовме Алек како со специјална машина ја уредуваше тревата околу базенот. Ни рече дека работата дава сила и живот. Беше љубезен и нè покани во неговиот дом. Разговорот беше неврзан, топол, братски, македонски. Алек беше крупен маж, чии црти одаваат интелигентен и образован човек, смирен, со блага насмевка на лицето и пријатен за разговор. Неговиот македонски јазик беше богатство на леринскиот дијалект.

-Знаете, кога дојдовме во Австралија, не беше лесно, – ни рече Алек Клашов, покрај другото, во долгиот разговор. – Татко ми долги години работеше по бушовите во Западна Австралија, а кога се собравме сите заедно, на радоста и немаше крај. Бевме најсреќни на светот. Но, животот си течеше. Во прво време, јас почнав да работам во фабрика и да учам англиски јазик, а дури во 1958 година купив бизнис за продажба на хамбургери. Така започнале и многу наши луѓе. Работата ми одеше многу добро, имаше пари, но се работеше многу часови. Бизнисот напредуваше од ден на ден и по четири години, во 1962 година, отворивме мала фабрика за конзервирање на овошје. Станав партнер со еден мој пријател по потекло Грк, Ник Тајсон, со кого добро се сложувавме и како пријатели и како партнери.

Првото име на фабриката беше „Sun Rise“ (Изгрејсонце), но со проширувањето на бизнисот, купивме нови хали, машини, фарми и други простории во Мелбурн, Сиднеј и во Тасманија и на фабриката и го дадовме името „Патра“, по името Клеопатра. Од година во година бизнисот рапидно се зголемуваше и, како што тоа бидува на овие простори, се фузиравме со една американска компанија која вршеше контрола на пласманот во други земји, а потоа фабриката стана сопственост на група акционери од Соединетите Американски Држави, – нè информира овој австралиски Македонец со блескава кариера во бизнисот.

Во разговорот дознавме дека во екот на деловноста, се чини најголема популарност фабриката „Патра“ имала во времето на одржувањето на Олимписките игри во Монтреал, каде овој прочуен производител на сокови бил еден од спонзорите и бесплатно ги снабдувал спортистите од светот со производи од нивниот разновиден асортиман.

Во времето кога Алек Клашов бил во најголемиот подем во бизнисот и кога имал влијание во политичкиот живот, ги помагал македонските асоцијации. Имено, тој бил еден од активните членови, како и благајник и секретар на првата македонска православна црковна општина за Мелбурн и Викторија и првата црква надвор од Македонија, „Свети Ѓорѓи“ во Фуцкрај, а бил и донатор за првиот македонски манастир „Свети Климент Охридски“ во месноста Кинг Лејк, недалеку од Мелбурн и за Македонскиот културен и социјален центар „Епинг“. Исто така, во времето на изградбата на Социјалниот и спортски клуб „Престон – Македонија“, само за камен-темелникот Алек Клашов подарил пет илјади долари, а потоа тој станал таканаречен основачки член на убавиот македонски спортски центар.

Бизнисменот Алек Клашов е семеен човек. Поголемиот дел од времето го посветувал на своето семејство, на сопругата Тодорка, а е горд со синот Кристофер (Ристо) и ќерката Тања, кои по завршувањето на факултетското образование тргнале по стапките на таткото. Во неговиот дом, кој според некои процени, чини неколку милиони долари, видовме фотографија од неговото родно село Буф, кое Алек во периодот од напуштањето го посетил два пати и ги вратил сеќавањата од детството. Меѓутоа, во него останала болката што грчките власти не му дозволиле да преноќи на родното огниште, туку му го покажале патот кој води кон откорнувањето на Македонците од Беломорска Македонија.

 

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *