Импресивната публицистичка продукција на Славе Катин во 2001 година, е збогатена со книгата „Моите патувања низ светот“, издание на „Македонска искра“ 2001 година, на 192 страници на македонски јазик, чиј рецензенти се проф. д-р Томе Груевски и д-р Васил Тоциновски, во која се опфатени возбудливите импресии од неговиот престој во 20 држави на сите континенти, во кои живеат и македонски иселеници. Станува збор за Италија, Франција, Германија, Данска, Шведска, Унгарија, Романија, Украина, Чешка, Русија, Канада, Соединетите Американски Држави, Бразил, Австралија, Индија, Турција, Египет и Израел. Поентата за оваа книга Катин ја наоѓа во библиските стихови на Матеја дека „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја населат земјата! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“
По повод ова издание, професорот по журналистика д-р Томе Груевски, напишал:
„Добриот репортер умее да ги поврзе работите од различни подрачја и од различни епохи во една целина која ги возбудува мечтите и поттикнува на размислување. Во новинарското обликување на репортажите на Катин доаѓа до израз неговата автентичност, документарност и конкретното прикажување на она што е најбитно.
Во својата обиколка околу светот, на ограничен број страници, Катин пренел многу записи од животот и опсто-јувањето на човечката цивилизација, истакнал во поговорот на ова дело д-р Васил Тоциновски. Квантитетот на страниците во книгата, од една страна, и неограничените пространства на светот, од друга страна, се наметнале како егзистенцијална неминовност во еднаквоста на почетокот и крајот на судбината по чии легенди и преданија трага Катин и од нив се извлекува сегашноста како нераскинлива алка со минатото и иднината.
Затоа, секое патување претставува нешто ново, недо-живеано, невидено, како во споредба со градот на контрастите Киев, со московските вечери, недогледните канадски хоризонти, за миг застанати во Монтреал, така и за зимската романса во Рио де Жанеиро, за плачот на Калкута, за светата слава на Истанбул, за земјата на фараоните и нејзината престолнина Каиро, за Светата земја Израел.
Патувањата на Катин низ светот се производ на иселенич-ката магија на Македонците, распрснати на сите континенти. Понесен од магнетизмот на нивната судбина, тој патува со надеж и верба дека ќе ги пронајде и лично ќе ја доживее нивната апокалипса. Затоа Катин трага по нив, не жалејќи време и напори да го оформи македонското иселеничко соѕвездие, без кое не може да се замисли планетарниот универзум.
Тој ги забележува познатите историски реалности кои се прекршуваат низ внатрешните немири и возбуди на душата, мислата и срцето со неповторливото негово субјективно гледиште. Затоа тие и не можат да се најдат така оригинални на друго место како во делата на Катин.
Со оглед на фактот дека Славе Николовски-Катин, како никој друг досега, ги открива македонските иселенички хоризонти во нивната оптимална димензија, објективно може да се очекува, не само обединување на Македонците во светот, туку и една поконсенквентна политика на Владата на Македонија, која не случајно, за оваа цел промовира и посебен ресор.
Репортерските записи насловени како „Моите патувања по светот“, всушност се описи на краишта, предели, градови, држави, во кои новинарот патувал и го опишува она што на тој пат го привлекувало неговото внимание. Во новинарското обликување на репортажите кај авторот доаѓа до израз неговата автентичност, документарност и, конкретно, прикажување на она што е најбитно.
Сето ова наведува на заклучокот дека Славе Николовски-Катин е репортер со енциклопедиски познавања и информации за градовите и за земјите што ги посетил и преку оваа збирка репортажи несебично се прикажуваат на читателската публика во Македонија земјите кои авторот ги посетил, притоа, барајќи ги Македонците на тие простори, со цел да го збогати историскиот преглед на нашите иселеници ширум свето.
Записите „Моите патувања низ светот“ своја промоција имале во Скопје, во Народната библиотека „Свети Климент Охридски“, на која за ова дело говореле Фиданка Танаскова и д-р Томе Груевски. Исто така, оваа публикација имала промоција и во Торонто, во Македонската православна црква „Свети Кли-мент Охридски“, во организација на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, со излагање на познатиот македонски академски сликар Ѓорѓи Даневски, кој долги години живее и работи во Торонто.
Зборувајќи пред голем број членови на Друштвото, претставници на црквата и други присутни од македонската колонија во Торонто, сликарот Даневски истакнал дека ова дело претставува репортерско видување и еден вид потрага по Македонците во светот. Во него Катин успеал да ги поврзе суштините на одделни градови, места и региони во светот, од различни епохи, во една целина, која ги возбудува духовите и поттикнува на размислување.
Продолжува
ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН