Во градот Халикарнас, главен град на Карија /Caria/, Александар наишол на Мемнон, кој во тоа време бил врховен командант на азискиот брег и на персиската флота. Со една бродска дивизија која ги чувала водите, утврдениот град на Александар му пружил голем отпор. Но, тоа не можело бесконечно да трае и градот потклекнал под неговата супериорна вештина за опсада. Кога се било готово, Александар наименувал една стара жена, принцеза по име Ада, од династичката куќа на Карија, за намесник. Ада го запознала Александар претходно кога тој влегол во Карија. Таа му го понудила нејзиниот град Алинда /Alinda/ и му предложила да го посвои како нејзин син. Александар бил толку импресиониран што го прифатил нејзиниот предлог да го посвои и и го вратил назад нејзиниот град. По сето тоа, Александар бил познат во Карија како син на владетелот. Карија била слободна и ослободена од странската доминација, а намесништвото и’ било дадено на една жена од локалното население. Тука, за првпат, Александар ги одвоил граѓанските од воените одговорности. На Ада и било доделено да биде одговорна за граѓанските, додека еден македонски офицер бил одговорен за воените функции. Во текот на зимата 334 година пред Христа, пред да се упати на југ, Александар ги испратил своите штотуку оженети војници на отсуство за да ги посетат своите семејства. Парменион, кому претходно му била доделена командата со војниците на Лигата, бил испратен да ја заземе Фригија /Phrygia/. Александар, со својата македонска армија, до крајот на есента го обезбедувал западниот брег на Мала Азија пред да се упати кон Гордиус /Gordius/. Планот на Александар бил да се парализира непријателската флота со заземање на сите пристаништа на западниот брег на Мала Азија. Крајбрежното напорно патување на Александар, во најголемиот дел минало без проблеми, освен кога поминувал низ Писидија /Pisidia/. Таму наишол на силен отпор и жестока борба од мажите кои биле на планините, но Александар ги покорил. По таа победа, Александар отишол во Гордиум Gordium/, главниот град на Фригија, за да ја помине зимата. Додека Александар се пробивал го Гордиум, Мемнон, неговиот стар непријател, ги убедувал своите персиски господари да му дозволат да ја оживее старата идеја војната да ја пренесе во Европа. Со помош на персиската флота, тој почнал да врши инвазија на егејските острови, еден по еден, почнувајќи со Киос /Chios/, потоа Селбос /Selbos/, надевајќи се дека ќе го натера Александар да се врати. Вестите за ова донеле возбудување во градовите-држави кои се надевале дека интервенцијата на Мемнон ќе донесе пресврт на војната во нивна корист. За жал, нивното воодушевување траело кратко и било прекинато кога Мемнон ненадејно се разболел и починал. Не можам да кажам дека на Александар не му олеснало. Наредната пролет војниците кои биле на отсуство и засилувањето стигнале од Македонија, придружувајќи му се на Александар во Гордиум додека тој се подготвувал да замине. Во април 333 година пред Христа, Александар наишол на познатиот Гордиев јазол кој многумина се обиделе да го одврзат, но не успеале. Легендата вели дека оној кој ќе го одврзе јазолот ќе стане крал на Азија. Александар си ја пробал среќата, но сфатил дека замрсеноста на јазолот е комплицирана и дека не е можно да се одврзе.
Градот Тарс Но, Александар не помислувал да се откаже, па затоа го сторил најдоброто нешто: го извлекол својот меч и го исекол јазолот на делчиња. Крајниот резултат бил ист – јазолот бил отстранет и мотката на јаремот од бојната кола на кралот Гордиус сега била откриена. Таа ноќ имало грмотевици и молњи што било протолкувано како добар знак дека боговите биле задоволни. Со својата армија подготвена да тргне со марш, Александар поминал покрај Анкира /Ancyra/, пред да сврти на југ, за да продолжи со освојување на повеќе персиски пристаништа. Неговата намера била брзо да маршира низ Кападокија /Cappadocia/ и да ги освои премините на венецот од планината Таур /Taurus/, на јужниот брег на Силиција /Cicilia/. Немајќи време да ја освојува цела Кападокија, наименувал намесник од локалното население наместо Македонец. Кога Александар пристигнал во Силиција, го зазел персискиот гарнизон на препад, така што неговите луѓе се искачиле по упориштата во текот на ноќта. Изненадени од појавувањето на Македонците меѓу нив, стражите се разбегале и го оставиле преминот незаштитен. Преминот бил освоен без борба. Тогаш, Александар се спуштил по планината за да го освои градот Тарс /Tarsus/, но само што виделе дека македонската коњица се приближува, бранителите на градот се разбегале. Неговата победа во Тарс била во исто време и слатка и горчлива, бидејќи Александар се разболел од пливањето во ледените води. Ќе умрел ако не бил толку добро физички подготвен. За жал, неговото закрепнување траело долго и тешко. Штом се почувствувал доволно добро, Александар и неговите војници биле подготвени да тргнат. За да го надомести изгубеното време, ја поделил својата армија и го пратил Парменион на исток за да го обезбеди преминот од Силиција до Сирија. Во меѓувреме, Александар тргнал на запад за да го обезбеди западниот брег, како и да ги зајакне своите линии за снабдување. На враќање, си дал малку време да се одмори во близината на Тарс и да ја прослави својата конечна победа кај Халикарнас, Како што претходно е спомнато, Александар го освоил градот Халикарнас, но не и сите цитадели. Откако заминал, неколку цитадели останале нечепнати, па затоа оставил таа работа да ја завршат неговите офицери. Набрзо по заминувањето од Тарс, Александар добил порака од Парменион дека големиот крал Дариј, со голема армија, логорува на рамнините во Северна Сирија, на околу два дена патување од преминот што Парменион тогаш го држел. Откако големиот крал дознал што и’ направил Александар на неговата армија кај Граник, бил бесен на него и сакал да го смачка како бубачка. Кој бил тој дрзок човек што се осмелил да го предизвика големиот крал и да се шепури во неговото двориште? Продолжува Пишуваат: РИСТО СТЕФОВ И СЛАВЕ КАТИН |