Македонската медицинска студентска асоцијација ќе биде домаќин на 71-то Генерално собрание на ИФМСА

 Македонската медицинска студентска асоцијација – ММСА ќе биде домаќин на 71-то Генерално собрание на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации – ИФМСА, што ќе се одржи од 1 до 7 март годинава во Охрид.

Кандидатурата да биде домаќин на овогодинешното Генерално собрание на ИФМСА, кое ќе се одржи под мотото: „Преживеј. Напредувај. Трансформирај. Градење подобри услови за ранливи жени и адолесценти“, организацијата ММСА ја доби со поддршка на претседателот Стево Пендаровски, кој денеска во неговиот Кабинет оствари средба со претставници на ММСА.

Претставниците на ММСА, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, заблагодарувајќи се за поддршката од претседателот, го информирале и за важноста и значењето за одржување на овој настан и го запознале претседателот Пендаровски со целите и идеите, како и со досегашните достигнувања на нивната организација.

Пендаровски, се вели во соопштението од неговиот Кабинет, им посакал успешна организација и реализација на најголемиот медицински студентски настан кој ќе се одржи во нашата држава и порача дека вакви настани на кои се дискутира за глобалните здравствени приоритети се повеќе од потребни и корисни за подготовка, како и за директна вклученост на студентите во креирањето и спроведувањето на светските здравствени политики.

На средбата од страна на ММСА присуствувале д-р Онур Дика, претседател на Организацискиот комитет и д-р Мишел Наиденов, потпретседател на Организацизацискиот комитет.

ММСА е најстарата студентска организација на медицинскиот факултет составена од студенти и млади лекари која 75 години успешно спроведува многубројни проекти. Членка е на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации – ИФМСА, којашто претставува ќерка организација на Светската здравствена организација и која oдржува генерални собранија во март и август секоја година со присуство на околу 1 000 студенти од над 130 земји од светот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *