Османи: Очекуваме ЕК да го валоризира напредокот на Македонија

Валоризацијата на реформските напори на Република Македонија очекуваме да биде нотирана во претстојниот извештај на Комисијата, од каде очекуваме и чиста и безусловна препорака до Советот на ЕУ за почеток на преговорите.

Ова, како што соопшти СЕП, го истакнал вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на средбите со  генералниот директор на Директоратот за европска и соседска политика и преговори за проширување ДГНЕАР, Кристијан Даниелсон и брифингот со претставниците на Директоратот за  напредокот на Македонија, во пресрет на претстојниот Извештај на Европската комисија за состојбите и напредокот на Република Македонија.

На средбата, одржана во Брисел на која присуствуваше и со Бојан Маричиќ, советникот за европски интеграции во кабинетот на премиерот, Османи додадал дека во претстојниот период, пред априлскиот Извештај на Европската комисија, Владата е целосно фокусирана кон реформите, како и отстранувањето на сите останати политички пречки на евроинтегративниот пат на земјава.

Османи посочи дека очекува извештаите на Европската Комисија да обезбедат јасна и прецизна проценка за севкупната подготвеност и напредокот не само на Македонија, туку и на сите земји од регионот имајќи предвид дека европските интеграции на земјите од Западниот Балкан претставуваат европски предизвик, кој е во интерес на постабилна, побезбедна и обединета Европа.

На средбите, соопшти СЕП, претставниците на Директоратот ги запознале Османи и Маричиќ со содржината на работна верзија од претстојниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот во Република Македонија, при што, биле разменети аргументи околу состојбата и напредокот на земјава. Османи брифирал за состојбата со имплементацијата на Планот 3-6-9, како и за предизвиците со кои Владата се соочува при реализацијата на обврските и отстранувањето на политичките пречки за напредок во евроинтегративните процеси.

За време на работната посета на Брисел Османи ќе одржи и брифинг во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија и пред членовите на Работната група за земјите од Западен Балкан во рамките на Советот на Европската Унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *